Шта би дао да си на мом мјесту?

Простете за насловот на колумната напишан на друг јазик, но сакав да го доловам вистинскиот ефект на популарната песна на „Бијело дугме“. Овој рефрен се вртеше во многу глави деновиве, додека доаѓаа вестите за почетокот на преговорите за членство во ЕУ на Србија. Зависта што некому нешто му се случува, а не и нам, не застанува на вакви примери, кои можат да се сметаат како напредок; многу поапсурдно е што може да се забележи и завист дури и во однос на состојбата во Украина. Едните жалат што „Србија нѐ претркала“ или се восхитуваат на неверојатниот прогрес што го постигнала и заслужено добила преговори. Другите, пак, се очајни што наместо Груевски и неговиот скромен боксерски стаж, нема да се појави некој македонски Кличко, кој би отворил друг начин на борба за европските перспективи. Ова е можеби одлична илустрација за безизлезот и немоќта како чувства што ја определуваат јавната атмосфера: ќе си пукнеме од мака што не сме некои други, а не овие што навистина сме. Мнозина сакаат да бидат или благонадежни Европејци, без оглед на багажот што доаѓа со тоа, или барем револуционери што ќе ја туркаат земјата кон ЕУ, дури и по цена на граѓанска војна. Ако ме прашувате мене, а богами и добар дел од моите српски колеги, Србија има многу малку на што може и треба да ѝ се завидува. Кога читам како се ламентира дека ние сме на опашката, а Србија покажала извонреден напредок, се прашувам дали е можно некој да ѝ завидува на земја на чие чело се луѓе што, повеќе или помалку, директно се инволвирани во политиката водена од Милошевиќ, на која на душа ѝ лежи и обвинение за геноцид, која зад себе ги има оставено Вуковар и Сребреница, и Томашица и Батајница, масовни гробници и рехабилитирани воени злосторници, а во која Цеца, Бора Чорба и Баја Мали Книнџа ја развеселуваат јавноста? Дали треба да ѝ се завидува на земја што е далеку од прифаќањето на одговорноста за многу нешта што се случија во изминатите 20 години, во која се рехабилитира четништвото, која е пред економски колапс, а отворањето на случајот „Ќурувија“ е подбивање со правдата, а не завршување на домашната задача? Само наивен и слеп нема да види дека односот кон Косово е нешто што Србија мораше да го направи многу одамна (а и сега го стори затоа што ја притиснаа – и политички и економски). Кога Хрватска стана членка на ЕУ, мој хрватски колега кажа дека нејзиното вклучување во клубот личело на стигнување навреме за погребна церемонија, а дека и денес, шест месеци подоцна, Хрватска е земја што има најмалку придобивки од членството. Србија, се разбира, е далеку дури и од таа церемонија, патот кој што го изоди ќе биде долг и неизвесен. Но, во принцип, ние треба само да ѝ посакаме успех. Бизарна е потребата на македонското општество да се споредува со српското: прво се настојуваше Груевски да се портретира како мал Милошевиќ, а сега, кога Србија направи исчекор, плачеме што немаме државници како Дачиќ, Вучиќ и Николиќ. Да се споредуваме со Србија, во најмала рака, е недолично. „Жабата“ што ние треба да ја проголтаме (името), за среќа, не ни може да се споредува со српската (Косово). Тоа нека им служи на чест на оние во Брисел што арбитрерно и со геополитички кантар одлучуваат кому да му подадат рака, а кого да го остават да се дави или очи да си вади за влез во „царството земско“. За македонските состојби можеме да дебатираме и до бесвест да ги набројуваме сите демократски и други дефицити – и ќе дојдеме до финалното салдо, кое, за жал, ќе покаже дека по многу нешта не сме ни оддалеку демократија по европски терк. (Како што, впрочем, тоа не се и некои земји што се таму, почнувајќи од земјата-претседавач, која едвај ги исполнува политичките критериуми од Копенхаген, а за економските и да не зборуваме.) Но жално е ако некој намерно ја превидува единствената работа со која Македонија може и треба да биде горда среде оваа балканска кланица: неспоредливоста во смисла на гробници, жртви, масакри. Навистина, имаме ужасен кичерај од споменици (придружен со корупција), ама немаме земја фертилизирана со крв и човечки тела. Срамота е што властите не најдоа доблест да ги откријат останките на оние 12-мина, па чесно да ја затвориме таа страница на историјата. А за да бидеме на местото на Србија, која ја мразиме ама ѝ се восхитуваме, треба „само“ да се откажеме од идентитетот. Од аспект на Брисел, тогаш би биле заслужни и вредни колку и Србите.

Ако до ЕУ треба да се стигне по „украинско сценарио“, тогаш одговорот на секој разумен човек би требало да биде: „Не, благодарам!“. Восхитените од ЕУ-револуцијата очигледно не ја знаат древната африканска изрека „без оглед дали слоновите водат љубов или се борат, страда тревата“. Влезот во ЕУ, или дури и патот на приближување до европските вредности треба да биде пат на ненасилство – бидејќи и самата ЕУ е симбол на мирот, нели?! Украинското општество е жртва на долгогодишна внатрешна поделеност, корупција и авторитарност. Она што во моментот се одвива е влез во граѓанска војна, а не револуција. Иако е непопуларно од интелектуалец да го каже тоа, сепак, масовните протести веќе одамна не се израз на спонтано незадоволство, туку обид за државен преврат. Од позиција на заинтересираните глобални моќници станува збор за смена на режимот. Тоа што некој е во опозиција, т.е. претендент за власт, не го прави автоматски демократ, а мобократијата може на власт да доведе некој од оние што деновиве извикуваат „не е важно за што живееш, туку за што си подготвен да умреш“. Жалејќи што не сме на местото на другиот, некои вината ја најдоа во фактот што над 62 отсто од населението се против промена на името – тоа бил крунски доказ дека владее едноумие, споредливо само со она во Северна Кореја. Истите тие новинари ги нема ни да писнат кога едноумието се однесува на над 90 проценти поддршка за влез во НАТО/ЕУ. Неодамнешната промоција на постаро дело на Шарп, „Од диктатура до демократија“, можеби имплицира дека за дваесетина години сме направиле „двојно салто“, од комунистичка диктатура до (наводна) демократија, која потоа сегашниот режим ја претворил во (нова) диктатура. Оттука потребата да научиме како повторно да ја освоиме слободата (или власта). Таквата акција, според Шарп, е безусловно ненасилна, бидејќи режимот е тој што располага со моќ и брутална сила. Овие идеи се навистина доблесни; единствено штета е што неговите прирачници не се делат бесплатно во неговата татковина. До крајот на животот и Хауард Зин заговараше активизам и укажуваше на послушноста на Американците, која од нив направи поданици и топовско месо. Деновиве европратеници упатија апел до украинските војници да покажат непослушност спрема владините наредби.

Камо среќа истото тоа да го прават и кога нивните влади наредуваат воени интервенции како оние во Авганистан, Либија или ЦАР! Кога ќе ги споите Шарп и заклучоците на ЕУ, според кои Македонија ги исполнува Копенхашките критериуми, резултатот е шизофрен. А да не треба да дигнеме и ние револуција, ама против Брисел, кој ѝ дава легитимитет на власта? Или да се потепаме меѓу себе и бараме европски протекторат?

Извор: Нова Македонија