Чукни во дрво, чукни три пати

Колумната ја пишувам во недела наутро, на денот на почетокот на постапката за собирање 10.000 потписи за претседателска кандидатура. Почна ведро и сончево, па си помислив дека денот по утрото се познава и сè ќе мине во ред. Си ја потпевнував несвесно онаа легендарната на „Леб и сол“ – „чукни во дрво, чукни трипати, надвор е пролет, живи сме!“. И, како да знаев, особено во делот „чукни во дрво“ за да не се случи нешто погрешно! Не помина долго време, а веќе почна монтипајтоновската претстава. Ќе рече некој, а што очекував од ваква држава? Искрено, очекував барем мирен старт на една едноставна процедура. Но, Македонија е ова: зошто едноставно, кога може сложено? Зошто би било сè во ред и спокојно, кога малку драма не е на одмет?

Цели 15-тина дена се фокусирав на процедуралните аспекти, настојувајќи до перфекционизам да подготвам сè (токму за да оневозможам вакви ситуации во кои речиси на пладне не можам да ги доставам списоците навремено). Научив дека државата која од изборен циклус на изборен циклус троши сè повеќе финансиски средства, на (независните) потенцијални кандидати не им овозможува дури ни листи/списоци за собирање на потписите. Толку ни е сиромашна државата, што поединецот (како мене, во случајов) мора сам да ги форматира (недовршените) обрасци кои се симнуваат од интернет-страницата, да ги умножи, укоричи и обезбеди достава до подрачните одделенија на ДИК. А се може да се среди со електронска достава на обрасци до канцелариите кои одамна знаеа кои се претендентите. Целата операција се одвива под претпоставка дека поединецот кој се кандидира е, всушност, група граѓани, т.е. дека низ целата земја има своја мрежа и претставници. Небаре сум организација!? Нејсе, и тој проблем се реши, благодарение на една прекрасна група на волонтери, и млади и постари, кои сакаат ова да успее – поради нив, а не поради мене. Се подготвија сите материјали и полномошна според упатствата на ДИК. Но, веќе утрово почнаа јавувања за најразлични практики во однос на отпочнувањето на постапката за собирање потписи. Вистина е, и би згрешила многу кога би ги обвинувала службениците на ДИК, кои насекаде се покажаа како крајно љубезни, подготвени да услужат и дадат информација. Но, кога нема организиран систем, не е до нив! Така и се случи конфузија: еден бара едно, друг бара друго. Она што може во една канцеларија, не може на друга. Таму каде што не треба нотарска заверка, службеникот вели дека тој мисли дека треба.

Нашата драга препубличка ДИК, нели, ни „помогна“ со отворање на дополнителни 47 канцеларии (од претходните постоечки 34), и за тоа извести во последниот работен ден (петокот), а на официјалната веб-страница списокот беше објавен всушност по работното време. Дополнителни напори и трчање! Но, дури и кога ќе го направите тоа за дополнителните скопски и приградски општини, имате куриозитети. На пример, за една голема албанска општина во која сакав да однесам списоци ми јавија дека на службеникот на ДИК не му е доделена канцеларија, па ако сакам треба да го барам дома, бидејќи од таму ќе ја врши дејноста!? Во друга, пак, како Шуто Оризари, велат: дајте ги списоците, ама собирањето ќе почне од утре, бидејќи службеникот нема канцеларија ни опрема. Во неколку од помалите градови во внатрешноста мојот овластен претставник морал да ги бара по дома службениците, кои навистина имале канцеларии, ама не сметале дека треба да ги отворат ова утро. Така, со чукање на домашна порта, се замолени да си ја завршат работата. Најтрагикомичните ситуации се поврзани, за жал, со скопските општини – канцеларијата на ДИК за Карпош (нели, ептен развиена општина, со свесно и активно граѓанство) се малтретира во една недолична канцеларија во Козле (кај Угостителското училиште). Живеев таму четири години под кирија и двете деца ги родив таму, па случајно знам каде е. Се отепав од објаснување и цртање шеми како луѓето да ја најдат. А таму – крш! Распаднати скали, тоалет во дворот, службениците работат во никакви услови. Не може човек ни да им се лути. Во друга голема скопска општина, како Аеродром, наместо во општината, канцеларијата ја сместиле (во последен миг дознаваме за тоа) зад Т.Ц. Бисер, кај пекара „Специјал“. Ептен спешл, би рекле на англиски! Таму други анегдоти: компјутерот се блокира, па се рестартира, па тоа трае и трае… Па резервниот ЦД не функционира, а партиските членови нестрпливи. Веќе по првичните сознанија можам со сигурност да кажам дека ќе имам материјал за многу книги и колумни.

Надвор од процедуралниот и административниот хаос останува дилемата: има ли во Македонија 10,000 луѓе кои без организациска поставеност и дисциплина би излегле да се прошетаат во еден убав речиси пролетен ден за да дадат поддршка за некој за кој знам дека со години наназад го почитуваат. Изминатите денови вложив бескрајно многу напор за да објаснам дека потписи не се собираат по дома, од куќа до куќа, туку пред овластено лице. Реакциите беа интересни: едни велат, „ама не беше така минатиот пат, се сеќавам дека списокот шеташе (особено навечер)“, а други тврдат „нема шанси, во моето место, освен скришум никој нема да се потпише од страв“. На некои реакции не можам ни да им забележам нешто, ги разбирам луѓето: давањето потпис пред службено лице е јавен чин на изјаснување, додека гласањето е сепак друга работа, па колку-толку тајноста е загарантирана. Не можам да ги разберам оние поединци кои доаѓаат од области во кои не би требало да има страв (како интелектуалците, професорите, лекари, итн.): не сакаат да се „плеткаат во политика“, ама не сакаат ни да ми се замерат. Демек, ќе го видам на крај списокот и ќе знам кој ме излажал, а кој не. Еве, јавно им порачувам дека нема да ги проверувам списоците. Давањето потпис за независен и непартиски кандидат мора да биде доброволен чин, инаку не е демократски чин! Јас нема никому да му се налутам, ниту можам да го обврзам или натерам да се потпише. Барањето потпис не е барање на глас. Слободата на гласањето ќе се демонстрира на 13 април, сега само се формира понудата за претседателските избори. Ова не е ништо друго туку обид граѓаните да дадат мандат од почеток до крај на трката, од кандидатурата до конечните избори, и тоа за граѓанин, за 1 од 2 милиона, кој е како Давид против Голијат(и). Наспроти сите проблеми, јас ќе чукнам во дрво, и триесет пати ако затреба, ама пак ќе кажам – надвор е пролет, живи сме! Тоа значи дека ќе чекорам до 2 март најодважно што можам. Целата оваа работа создаде неверојатен наплив на позитивна енергија околу мене, па нема да дозволам ништо да ми ја урне ведрината со која влегов свесно во оваа ситуација. На Монти Пајтон можете да му се смеете, ама не можете да го земете како хумор. Монипајтоновштината е карактеристика на нашето време, ама ако научиме нешто, тогаш ќе можеме да ја смениме.

Извор: Нова Македонија