Да се разбереме!

Во оваа фаза на постапката, јас сум само обичен граѓанин кој има намера да собере 10000 потписи. Значи, не сум формално-правно претседателски кандидат. Засега ми треба вашата и сечија друга поддршка во вид на потпис, што ќе ми овозможи рамноправно со другите кандидати да ги презентирам сите моите ставови и визии за тоа како би ја вршела мојата функција. Тогаш се разбира ќе ги имате пред себе сите кандидати и ќе си гласате согласно вашето убедување. За жал, јас време за чекање немам, а како што најавуваат партиите нивните кандидати би биле познати кон крајот на месецот, а мојата постапка за собирање потписи трае само 15 денови, од 16-ти февруари до 2-ри март.

Ве молам од мене да не барате сега да ги изнесам до деталност сите мои размислувања – тоа веќе го правам низ интервјуа и се обидувам да објаснам зошто е важно еден независен кандидат кој сам се бори со администрацијата и со сопствената плата, да добие шанса. Ако соберам 10000 потписи тоа ќе го сметам за извонреден сигнал дека во Македонија има граѓанска свест и желба за промени и за партиципација. Ако не успеам, барем ќе знам дека сум се понудила, дури и по цена на сопствено изложување и на непријатни ситуации и на големи трошоци. Тогаш никој нема да смее да ми каже дека само критикувам, а не нудам решенија.

Би ве поканила да ми доделите само толку доверба во вид на потпис, за да можам да ви одговорам и вам и на јавноста за сé што ќе ве интересира. Ви благодарам за пораката и ви посакувам секое добро.

Билјана Ванковска