Диоген и жените

Ако Диоген со свеќа в раце го барал Човекот, јас нешто повеќе од една недела трагам по нешто друго. Потрагата е по 10.000 граѓани, кои не само што се за демократски натпревар на претседателските избори туку се и доволно агилни и доблесни да излезат од дома за да стават потпис во канцелариите на ДИК. Не кријам дека е ова тешка задача, но по малку како Диоген, малку како Сизиф, ја туркам работата – и задоволна сум! Колегите-филозофи ќе ми преречат дека Диоген не го барал Човекот како олицетворение на некаква морална вредност, туку сакал да докаже дека Човекот постои само како конкретна личност, а сè друго е апстракција. И навистина, на овој пат среќавам луѓе што никогаш не сум ги познавала, а преку мене и тие се запознаваат, дружат и дејствуваат. Интересно е ова вмрежување и заедничко дејствување – нè исполнува со ведрина и смисла. Ова се највозбудливите седмици и денови од мојот живот на јавна личност! Се разбира, кога ќе се нафатиш на ваква задача, тешкотиите и разочарувањата се неминовни. Луѓето се секогаш конкретни луѓе, па така луѓе на кои си им верувал(а), на кои си мислел(а) дека можеш во секој миг да се потпреш, некако исчезнуваат. Како во онаа познатата на мака се познаваат јунаците – и така околу мене се до скоро непознати јунаци. Ме изненадуваат луѓе за кои никогаш не би помислила дека ќе застанат рамо до рамо со мене, а потфрлаат оние за кои сум мислела дека се одважни да поддржат кауза и нешто што е генерално добро за демократскиот амбиент.

Нејсе! Доволно сум возрасна за да ги имам научено овие лекции! Диоген бил во право бидејќи јас не го среќавам Човекот или Граѓанинот како апстракција, но од ден на ден пронаоѓам конкретни личности, што ме исполнува со чувство на правење нешто што има длабока смисла, без оглед на исходот! Денеска минав покрај тезга на која се продаваа стари книги, оние од некогашните училишни лектири, и погледот ми го фати „Дон Кихот“. Се насмеав гласно и се прашав дали треба уште еднаш да го прочитам. Ама, сум го читала и проживеала – зарем мојот живот не е посветен на донкихотштина?! Кога деновиве му го споменав Диоген на мој колега од странство, тој ме потсети на еден друг дијалог на Диоген со еден дворски филозоф. Тој го гледа како Диоген мие коприва во потокот и ја подготвува за ручек, па со сожалување и подбивање го прашува: „Ех, мој Диогене, да беше попаметен сега немаше да миеш коприва“. А Диоген му одговара: „А ти да научеше дека копривата се јаде, сега немаше да им служиш на тираните“.

Оваа колумна иницијално сакав да им ја посветам на жените и да повикам: ајде оваа година порано да го прославиме 8 Март! Не знам дали ќе дојде македонска пролет, ама до 2 март би можеле да извојуваме заедничка победа за женските права. Но ќе речете: каква е врската меѓу Диоген и жените. Навидум никаква, особено ако се знае дека во тоа време жените немале еднаков статус со мажите, најмалку во јавната сфера. Но на жените гледам низ призмата на (апстрактниот и конкретниот) Човек. Тие се дел од човештвото, половина и од популацијата на Македонија. Не, не плашете се – немам намера да играм на „женска карта“.

Овде има најмалку солзи и кукање (што погрешно им се припишува како одлика на жените), туку има повик за еманципација и еднаквост. Моето појавување на политичката сцена е само по себе фрлена ракавица за женското движење, за женските организации, за нивната способност да препознаат чин што е дел од нивната дваесетгодишна агенда. Откако го слушнав гласниот молк (и од жени-активисти и од жени-политичари, бивши или сегашни), решив јавно да повикам и да потсетам дека годините на работа (главно со странски грантови) за да се обезбеди какво-такво женско учество во политиката сега се на тест. Не поради мене лично, туку поради фактот што најверојатно жена воопшто нема да биде кандидирана од најголемите политички партии.

Самоиницијативност не се пројави, па мораше да се упати конкретно прашање дали женските организации ќе помогнат во процесот на собирање потписи, и тоа најмногу преку споделување информација за намерата да се кандидирам, за локациите на канцелариите на ДИК и другите процедурални аспекти. Начелно добив позитивен одговор, испратено циркуларно писмо до женските организации (Националниот совет) и личен фејсбук-статус со повик. Следуваше и медиумска изјава дека претседателката на Сојузот на жените ЌЕ се потпише (го нагласувам идното време). Заедно со поддршката стаса и оправдување дека „можеби слабиот интерес на жените произлегува првенствено поради досегашното искуство од кандидирање независни кандидати, кои подоцна се гледа на која политичка опција ѝ се блиски или ѝ припаѓаат. Постои недоверба кај граѓаните дека сè е „обоено“.“

Бизарно, зар не?! Па единствени што можат да кандидираат без потписи се токму „обоените“, па затоа стравот на жените е неоснован, нели? Освен тоа, нека ме потсети некој кој е тој независен кандидат што тргнал сам на овој пат и ги изневерил жените со тоа што бил близок до некоја опција! Јас на таков/таква не се сеќавам! Денеска слушнав уште еден бисер од устата на професорка-феминистка кажана во ТВ-емисија, а во „одбрана“ на жените, или поточно во одбрана на државата ОД водењето на државата од жените: „мала држава како нашата не бара толку големи вештини за водење наспроти држави како Германија, која ја води една Меркел“ (патем, никогаш не ми се допаѓала идејата за „железна лејди“).

Нејсе! Оние што можат да им одржат вистински лекции на женските активистки се жените што не се вклучени во граѓанскиот сектор: до мене – и без циркуларни писма и без ЌЕ – застанаа огромен број жени од сите етнички групи и од сите социјални структури. Има ли нешто поубаво кога ќе чуете дека домаќинка или повозрасна пензионерка сака да ви помогне дури и со делење летоци ако треба, а веднаш до нив се студентки и млади жени. Најтрогателните примери вклучуваат мајка на дете болно од церебрална парализа или жена што со возење такси мачно го заработува својот леб и нема време за женски активизам. Јас од дното на срцето им благодарам што покажаа што е граѓанска свест! Јас, како и Диоген, во нив најдов не Жена, туку жени, личности! Секоја со својот пример покажа пожртвуваност, солидарност, активизам, чин – демократски настроен и храбар. Јас не барам родова солидарност; овде станува збор за граѓанска солидарност, за заемна почит и разбирање дека некој/а од нас треба да урне стереотипи, кои понекогаш ги генерираат и самите жени, особено интелектуалки што се закануваат со „негативна хајка“ (!?). Диоген сакал да покаже дека нема Човек, туку „обични“/конкретни луѓе, а јас барам граѓани и граѓанки, такви какви што се. Колку и да ги има, ќе речам како и поетот – колку сме, толку сме, токму сме! Токму сме за да ја затркаламе топката, да излеземе од ситуација во која Надежта се смета за добра работа. Да потсетам, Надежта беше во Пандорината кутија, значи заедно со сите зла! Не оставајте на Надежта, која наводно последна умирала, нам ни требаат активизам и сонце наместо свеќата на Диоген. Наместо цвеќе за 8 Март, време е за потпис со пенкало в рака.