Ќе бидам на страната на граѓаните!

Вие сте познат и респектиран универзитетски професор (професорка) и првата македонска жена што се одважила да учествува на изборите за претседател на државата. Што ве инспирираше за еден толку храбар чекор?

– За среќа, не сум првата жена која се одлучила на овој чекор. Имаше и претходни обиди, ама останаа на тоа. Јас се надевам дека ќе бидам првата на која тоа ќе ѝ појде од рака. Инспирацијата беше, всушност, фрустрација! Цел работен век сум посветена на научната дејност, но истовремено сум еден од најактивните јавни интелектуалци. Од таа позиција се обидував 20-тина години да влијаам, критикувам, укажувам – ама никакво фајде од тоа! Мнозина и порано ми велеа дека треба да се вклучам во политика ако сакам да сменам нешто, но сметав дека некој треба да остане на „оваа страна“, не независните и политички неоптоварени аналитичари (го имав предвид, се разбира, тоа што голем број мои колеги одамна се впуштија во партиска политика). Сè досега сметав дека оваа непартиска, ама политичка дејност, има смисла. Но, колку што се влошуваат состојбите, човек почнува да се чувствува лошо – партиите си ги вадат на површина валканите работи, за милиони евра се збоува како за денари! Чувствувам дека на граѓаните им е доста од партиите кои го изгубија и легитимитетот и компасот. Мојот чин е фрлање на ракавица на предизвик до граѓаните: ако сакаат претседател кој нема да биде диригиран и послушен, а кој ќе биде жив и гласен учесник во политичкиот живот, тогаш единствено решение за поделеното македонско општество е човек кој ќе биде од почеток до крај со мандат од народот, за кого сите ќе бидат еднакви и кој нема да ги дискриминира.

Многу индиции навестуваат дека кампањата ќе биде валкана, надвор од демократските критериуми што важат за цивилизираниот свет. Не се плашите ли од ниските удари што ќе ви ги зададат моќните партии во текот на предизборната кампања?

– Интересно е дека во изминатите две недели откако ја обзнанив мојата желба да се кандидирам околу мене се слуша само едне збор – храброст! Во нормална демократска држава ова не би смеело да биде нешто храбро, туку право на секој граѓанин! Зошто некому би му требала храброст да користи права загарнтирано со Устав?! Но, вистина е дека политичката сцена важи за валкана, за ринг во кој е сè дозволено и ништо не е казниво. Тоа стана сфера која ни ја украдоа големите играчи, кои располагаат со машинерија, кои поседуваат медиуми и финансиски средства – па секој друг, кој не им припаѓа, се смета за аутсајдер, за случаен минувач. Но, убедена сум дека оној миг кога ќе соберам 10,000 потписи, од етикети (што сега ми ги прикачуваат дискретно) дека сум амбициозна, ќе почнат и со валкани средства. Тогаш ќе бидам значаен нов квалитет, па ќе загрозам одредени интереси. Јас сум одлучна во оваа битка да влезам со дигната глава и така и да излезам, кога ќе дојде време. Не сум „плачка“, можам да се носам со ниски удари без да паднам на ниско ниво на комуникација, и нема да дозволам никој да ме повреди лично. Сето ова го земам како дел од играта – ама јас ќе играм чисто, достоинствено, позитивно. Имам беспрекорно минато, без ниту една дамка или афера од политички ангажман (бидејќи никогаш не сум членувала во ниту една партија), па сум самоуверена. Негативната кампања ќе им ја препуштам на другите со надеж дека ќе им се врати како бумеранг и дека граѓаните ќе препознаат нова понуда и ќе застанат до мене. Она што уште сега е видливо е стравот – има многу луѓе кои ми порачуваат дека ако дојдам на гласачко ливче, ќе ми го дадат гласот, ама сега се плашат да појдат до канцелариите на ДИК за да стават потпис. Значи, сега се потпирам на вистински независните и неопределени граѓани, на оние кои се дел на т.н. информирана јавност. А ако влезам во битката, тогаш сум убедена во одличен резултат. Зад себе ќе имам чист мандат од 10,000 потписи, иако сум сама.

Можеби гласачкото тело во Македонија ќе посака независна личност за претседател на државата, кое ќе биде нешто како совест наспроти аздисаните властодршци кои не се прославија многу, било да застапувале лева или десна политичка култура. Што ќе понудите вие?

– Мојот одговор е секако содржан во вашето прашање. На Македонија не ѝ треба само некој кој ќе ја претставува во меѓународните форуми, туку некој кој ќе зборува во нејзино име и дома, во политичката арена на раскарани и аздисани елити. Никогаш не сум го сакала зборот лидер, ама понекогаш помислувате – а зошто да не? Како ќе бидеме држава ако немаме водство, во смисла на морална вертикала, некој чиј глас ќе се почитува и слуша, дури и ако е со ограничени уставни овластувања. Јас полагам не во харизматска фигура, туку во некој кој ќе биде honest broker во внатрешните (партиски, етнички, верски, и други делби). Јас ќе понудам поинаков пристап во однос на водењето на политиката – она што во развиените земји се вика добро управување (good governance), или домаќинско работење. Ќе понудам институција која ќе биде во кохабитација со сите елити, без оглед дали се на власт или во опозиција – јас би била на страна на граѓаните во целина, на владеењето на правото, па ако сакате и на совеста и моралот во политиката.

Може ли институцијата претседател на државата во Македонија повторно да си го врати некогашниот углед, претседателот да биде вистински татко или мајка на нацијата?

– Често ми го поставуваат ова прашање, особени низ призмата на тоа дека сум жена. Како на мнозина да им е здосадено со Татковци на нација, па размислуваат што жена би сменила тука. Но, моето гледање е сосема различно. Ова што сега го правам е чин на бунт, ама и на оснажување – со својот пример сакам да ги разбудам граѓаните, особено младите. Граѓаните никој не смее да ги гледа од некаква височина, тие не се инфантилни, туку заслужуваат почит. Затоа, таа родителска улога не ја сметам за демократска. Претседателот не смее да ја концентрира власта, ама и моќта и авторитетот. Тој може само да артикулира, опоменува, предлага и – многу да слуша! Ама не центри на моќ, туку да ги слуша грашаните кои му дале доверба.

Со оглед на тоа што ќе бидете независен кандидат, како ќе ја финансирате сопствената изборна кампања?

– Точно е, па мнозина ме гледаат чудно или дури и со резерва. Незамисливо им се чини дека некој може да излезе од својата удобна професорска улога и со сопствена плата (која изнесува само 700 евра) да се впушти во таква скапа игра како што е политиката. Ете, тука нудам уште еден пример и поинаков пристап во политиката! Јас не водам, ниту ќе водам класична политичка кампања. Јас се потпирам на не-кампања, дијалог со граѓаните, но не убедување со пропагандистички средства. Моите можности се и ограничени, ама и моето сфаќање на политиката е такво што сметам дека трошењето на астронономски суми пари во време га голема сиромаштија е непочитување на граѓаните, безобразие и дрскост. Затоа, јас користам нешто досега невидено во македонската јавност: мрежа на волонтери, кои се регрутираат спонтано, работат заедно, полни се со идеи и креативност. Веќе поврзав млади од повеќе етнички групи. па дури и ги совладавме физичките граници. Дел на мојот тим од соништата се наши малди кои студираат во странство или кои се од внатрешноста, но функционираме благодарение на модерните комуникациски средства. Користиме сè што ни е на располагање (од социјални мрежи, интернет-страница, блогови итн.). Сето тоа не чини многу, т.е. можам да го финансирам – единствено нема да можам да им ги платам прекрасните креации на овие млади луѓе, времето и енергијата која ја вложуваат во сето ова. Ние веќе имаме создадена атмносфера на заедништво, на чувство дека ова не го правиме само за јас да профитирам, туку сите да направиме нешто за себе, за сите нас. Кога ќе влезам со 10,000 потписи, нема ништо да се смени! Нема да имам платена политичка програма, ниту митинзи, ниту додоворувања и делења подароци со кои се навредува човековото достоинство. Ќе одам на разговори со граѓаните, ќе комуницираме како и досега на социјалните мрежи, и единствено ќе ме гледаат на дуели со другите кандидати. Па на крајот, граѓаните ќе си гласаат без да им вршам никаков притисок, уште помалку уцени или застрашувања. Колку и да добијам, тоа ќе биде автентично – и тоа ќе биде голема морална победа за граѓанинот во Македонија.

Доколку бидете избрана за шеф на државата, од вас ќе се очекува да го разрешите спорот со Грција за името на вашата и наша држава. Според вас решливо ли е тоа прашање вака како што е поставено?

– Веднаш ќе ви кажам дека како што сега стојат работите јас не очекувам некое драматично придвижување во однос на тврдите позиции на Атина, Брисел и Вашингтон. Тоа не значи дека нема да работам на воспоставување на комуникации со сите актери во регионот и надвор од него, во обид да се дојде до излез од оваа лимбо позиција во која сме ставени без наша вина. Ќе се обидам да изградам заедничка позиција на Република Македонија, и ќе направам сè државата да зборува во еден глас кога комун ицира во светот (досега имавме појава и на парадипломатија и партизирана дипломатија, нешто што има погубни ефекти за нашата позиција во светот). Идентитетските конфликти се опасни и нерешливи, ама ние не смееме тој спор да го користиме како изговор за внатрешните тенденции кои водат до регрес во секоја сфера.

Колку ја познавате македонската дијаспора? Знаете ли дека половина од нацијата веќе живее надвор од границите на македонската држава? Што би презеле за поквалитетна поврзаност на тој процес кој, за жал, не запре туку стана уште поболен со масовното заминување на младите генерации?

– Потекнувам од дедо кој бил печалбар, ама се вратил дома. За жал, сега и моето семејство стана дел на дијаспората. Минатата година станав баба за прв пат и покрај среќата која ме обзема, втората реакција беше бескрајна тага што внуците ќе ги гледам на скајп. Мојата најстара ќерка е мажена во Канада и веќе имам многу важна врска со тој дел на светот. Значи, го разбирам проблемот затоа што лично го чувствувам. Тука се и моите најдобри студенти кои секојдневно размислуваат за заминување. И како да им се лутите кога за позициите во државата е потребна партиска книшка, а не знаење и ветиштини? Можеби претседателската позиција не е опреативна како владината, ама од некаде мора да се тргне, некој мора да заврти нов лист и да покаже дека се може и инаку.

И како истакнат професор и како оригинален колумнист вие често реагирате храбро. Одговорете ни зошто македонската интелигенција им дозволи на политичарите да му ја прекројуваат историјата на својот народ?

– Во контекст на ова прашање, долго време чувствував делумна вина. Иако отсекогаш сум била гласна и активна, сепак љубоморно си ја чував таа позиција. Потоа пред себе можев да видам голем број професори и интелектуалци кои разочаруваа на позициите кои ги заземаа. Генерално, македонската интелигенција стана опортунистичка и длабоко инволвирана, пристрасна и се оддалечи од својот народ, од принципите на моралот, па и од премисите на науката, а продава макијавелизам во најбуквална смисла на зборот.

Според вас има ли начин да се осуети и запре политичкиот авантуризам во Македонија што донесе хаос во државните приоритети, економска стагнација и коруптивна партизација?

– Свесна сум дека се соочуваме со Левијатан, со таков Матрикс од кој мнозина губат здив и се обесхрабруваат. Јас посакувам да придвижиме, разместиме во тој мозаик, макар едно камче. Првата цел е 10,000 потписи што ќе биде рамно на револуција! Потоа пирамидата никогаш нема да биде иста. И се надевам дека мојот пример ќе разбуди автентичен активизам, нови опции, организирање на поинакви принципи. Иако ги критикувам постоечките партии, јас не сум за укинување на плурализмот, на идеолошките борби и на политиката како битка на идеи и програми. Не сакам ни силен претседател, ама ова ми се чинеше како наједноставна задача и можност и во овој потег да си останам она што сум, независна и принципиелна. Ако претседателот упати јасен став во врска со крешењето човекови права, грабежот во економијата, трошењето за непродуктивни и несоцијални цели, за која било девијација, тоа ќе биде силен глас.

Штом се кандидирате за претседател на државата бездруго верувате во нејзината светла иднина. За да се оствари тоа приоритет над сите приоритети е одржувањето на беспрекорни добрососедски односи. Како мислите да се поставите наспроти примитивните национализми што на Балканот по традиција се хранети одсамите власти?

– Јас се кандидирам затоа што сум тажна, лута и длабоко загрижена за земјата која ја сакам. Нема да лажам дури ни ако е тоа дел на политичката игра: ако продолжи вака, оваа земја не само што нема да има светла иднина, туку нема да има никаква иднина. Затоа, ако ги подредувам приоритетите (барем вака хипотетички), тогаш би почнала од домашната задача, па потоа односите со соседите и потоа со стратегиските цели, за кои сметам дека мора да се дефинираат на поширока основа, наместо досегашното држење како „слеп за стап“. Дали ќе влеземе во НАТО и ЕУ не зависи толку од нас, колку од нив, ама со соседите ќе останеме да споделуваме судбина – од климатските промени, па сè до организираниот криминал, итн. Во оваа смисла, потребна ни е поквалитетна дипломатија, но и она што се вика јавна дипломатија. Ако грчкиот претседател не сака да прими покана за гостување, јас би го поканила, на пример, господинот Ципрас. Би поканила напредни интелектуалци од регионот кои би разговарале за проблемите кои ги имаме. Процесот на помирување е од огромна важност, а досега никоја не се потрудил на оваа основа. Дипломатија може да се води на различни начини, а малите држави мораат да бидат дополнително мудри затоа што не располагаат со моќ во меѓународните односи. Сетете се на Рагуза.

Дали како шеф на државата би сакале да ја посетите Австралија, земја во која македонската заедница има два свои неделни весника, многу успешни културни и спортски друштва, богат верски живот?

– Вистина е дека не сум била во Австралија, но често комуницирам со тамошната јавност преку моите интервјуа. Знам дека нашинците во Австралија следат будно сè што се случува овде и знаат кој е кој. Се надевам дека ќе бидам примена како нешто ново од татковината, како нешто што заслужува да му се даде шанса.

Извор: Australian Macedonian Weekly