Кој сее беда, ќе жнее гнев!

Утрово сакав да одам на протестите, но имав работни обврски кои ме спречија да појдам, па дури предмалку слушнав за развојот на настаните и употребата на сила против стечајците. Иако дури сега ги читам известувањата од теренот, мојот кус коментар е дека е срамно кога синдикалните лидери наместо на улица се кријат и се штитат со полиција!

Ваквата реакција на полицијата е реакција на исплашена држава, држава која не му служи на народот, туку или го држи на кусо јаже и потхранува или го гази во интерес на себичните интереси. Гледаат што се случува наоколу, немаат решенија за овие сиромашни луѓе, ги манипулираат, и мислат дека со ќотек ќе го потиснат гневот.

Кој сее беда, ќе жнее гнев! Затоа ни требаат промени! Читам за жртвите во Украина – и посакувам да не дозволиме да ни се случи Украина или Босна и Херцеговина! Мораме да покажеме солидарност со најслабите и најсиромашните, ама да не одиме во деструкција. Подобро е со алтернативи!