Личност, а не партиска понуда!

Почитувана професорке Ванковска кој е вашиот мотив за кандидатура на овие претседателски избори во Република Македонија, настапувате како независен кандидат?

Мојата кандидатура е своевиден предизвик за сите оние кои велат дека им е доста од конфликти, од делби на „наши“ и „ваши“, од партизација на секоја пора на општеството, од скандали, корупциски афери, во делби по етничка и сите други основи. Голем дел од македонското општество е разочаран, осиромашен и без надеж дека нешто реално може да се промени, затоа што нема соодветна понуда на изборите. Одлучив да излезам од професорскиот кабинет и да ја тестирам подготвеноста и вистинската желба за кандидат кој е личност, а не партиска понуда. Ако 20 години зборувам гласно, анализирам, критикувам и укажувам, сега имам полно граѓанско и морално право и да почнам да менувам нешто, да докажам дека политиката не е резревирана сфера само за професионални политичари, во однос на кои јас имам не само чиста биографија, туку и знаење и кредибилитет. Независниот кандидат за претстедател на Републиката ми се чини како троша надеж за надминување на делбите, и за добивање на мандат не од партии, не од етнички лидери, туку директно од граѓаните. Со таков мандат, претседателот би станал значаен чинител во политичкиот живот, а не пасивен посматрач и марионета на центрите на моќ.

Од кога почнуваат да се собираат потписи од граѓаните на Република Македонија за ваша поддршка како кандидат за кандидат на овие претседателски избори 2014?

Постапката за собирање потписи трае само 15 денови, од 16 февруари до 2 март. Сè до последниот ден Државната изборна комисија калкулираше со одлуката за зголемување на бројот на места на кои граѓаните ќе можат да дадат потпис, и во 12:05 (фигуративно кажано) одлучи да отвори канцеларии во сите општини, но ме стави во невозможна ситуација да ги поминам сите, па затоа се фокусирам само на најголемите општини, надевајќи се дека таму ќе добијам поддршка врз база на сето она што го имам постигнато во својата кариера и јавен ангажман како независен кандидат.

Дијаспората може ли да се потпишува или може само да гласа? (поопширно како и од кога ќе можат да гласаат македонците кои живеат надвор од Македонија)

Измените на Изборниот законик создадоа правни можности и дијаспората да дава потписи, но бидејќи целиот терет е на потенцијалниот кандидат (од печатење на списоци, укоричување, диострибуција, потешнски трошоци, овластување на полномошници итн.) – тоа е нешто што јас не можев да си го дозволам, иако сум свесна дека имам голема поддршка надвор од границите на Македонија. Затоа, ги молам сите наши надвор од татковината да ги разберат причините за ваквиот чекор, но на нив се потпирам за вистинската трка. Секој поединец кој живее надвор од земјата и има македонско државјанство, треба да се пријави во дипломатско-конзуларните претставништва низ светот и така да изрази желба за на денот на изборите (13 април) да го даде својот глас. Јас се надевам дека ќе се најдам на гласачкото ливче, па сите оние кои и сега би сакале да ми дадат потпис, нека го чуваат својот ентузијазам за денот на изборите.

Дали се соочувате со некои проблеми? Каква кампања ќе применувате?

Проблемите се огромни, ама тоа го знаев. Она што не го знаев е до кад еможе да оди неподготвеноста на државата да му обезбеди еднаков третман на секој поединец кој ќе се најде во ситуација да се кандидира. Но, и со тој дел се справувам, благодарение на една голема мрежа на волонтери кои спонтано се собраа околу мене. Тоа се главно млади луѓе со одлично образование и голем ентузијазам и верба дека прават нешто за себе, а не за мене. Собрани сме во една рамноправна дружина, па се обидуваме да создадеме нешто досега невидено на македонската политичка сцена. Сите помагаат како што знаат и умеат. Но, да не бидам неправична: има и многу повозрасни, и високо образовани и домаќинки и невработени кои се нудат дури и да делат флаери. Јас ветив дека ќе водам некампања – на граѓаните им е преку глава од безобрзано скапи кампањи, патувачки циркуси, од уцени и поткупувања, па на тие граѓани сакам да им понудам нешто ново, евтино, креативно и обично, нешто што тие ќе го почитуваат и разберат. Засега моите финансиски капацитети се толку слаби што се потпирам на интернет-комуникација, но ако поминам во вистинската трка ќе одам на непосредни средби со граѓаните. Секаде до каде што ќе можам да стасам. Се разбира, дијаспората е нешто што ќе можам да го допрам освен со медиумска и интернетска комуникација.

Кој е вашиот став за безбедноста и одбраната на Република Македонија?

Ова прашање би го разделила на две потпрашања – безбедноста и одбраната! Во делот на одбраната, веќе долги години имаме вложено многу во прилагодување кон критериумите на НАТО. Главната мотивација беше дека со влез во НАТО ќе создадеме услови за побрза интеграција во ЕУ, а ќе се поттикне и економски развој, привлекување странски инвестиции. Засега, ништо од ова не се случува. НАТО, како и ЕУ, испорачува барања, ама не го отвора портите. Македонија вложува многу не само во мисиите на НАТО, туку до пред некоја година и во американската мисија во Ирак. Добри сме им кога им требаат војници, ама не го признаваат името и затоа нè држат пред портите на Алијансата. За среќа, немаме човечки жртви, ама никој не размислува за тој момент. Македонија разви речиси религиозен однос кон НАТО и ЕУ, па затоа нема никакво преиспитување за тоа што вложуваме, а што добиваме, зошто најдобрите воени професионалци ни се во Авганистан, а дома воените лица имаат низок општествен статус. Сметам дека по десетина години учество во најразлични мисии, од кои некои беа и спротивни на меѓународното право, уставот и законот, мора да се развие рационална дебата и дефинира политика по однос на овие прашања. Јас сум за преиспитување на нашето учество во странски мисии, кога не се мировни и со легитимитет од ОН. Кога станува збор за безбедноста, покрај некои глобални закани (како климатските промени, кои ние едвај и да ги перцепираме и реагираме), ние не размислуваме и за нешто што се вика човекова безбедност – безбедност на човекот, во смисла на негова благосостојба и физички и духовен интегритет. Мислам дека поголем акцент мора да се стави на регионалните односи, регионалната безбедност ако сакате, бидејќи Балканот функционира по принцип на поврзани садови и акција-реакција.

Ваше мислење за последните случувања во Босна и Херцеговина?

Најстрашно од сè е што случувањата во БиХ беа толку предвидливи: Франкештајн-држава, создадена среде војна со поделени ентитети и сложена структура, со националистички елити, кои се корумпирани и неспособни. Општество обременето со воени трауми, а без перспектива за реален економски развој, задолжено и во протекторатна состојба. Децата родени по војната (1995) се веќе гневни и незадоволни млади луѓе. Колку што вината ја наоѓам во локалните елити, толку и во моделот и третманот на странците. За речиси 20 години, многу малку е сторено за да се создаде одржлива економија и други перспективи. Гневот е оправдан, но лошо е што зад овој бран на незадоволство нема организирана сила и визија како понатаму. Сега гледаме бран на оставки, потреси, па и деструкција. Ако сме мудри, ќе научиме дека не смееме да чекаме гневот да ги зафати улиците, туку да почнеме реално да ги менуваме состојбите и да ги смениме елитите и неспоосоибните низ институционални механизми и без насилство. Некои ми се лутат што како интелектуалка не поддржувам вакви изблици на незадоволство, но јас сум резревирана бидејќи во вакви бурни времиња резултатот не мора да биде демократски. Гневот и насилството не водат директно до демократски промени. Потребна е радикална промена, од базата па сè до горе, да се изнедрат нови елити и нови политики, а на корумпиураните и неспособни да им се покаже вратата. Можете и мојот чин да го оцените како потег во таа насока: ајде да внесеме нешпто ново, нешто на што елитите не се подготвени.

Ако бидете избрана за претседател каков ке биде вашиот став за името на Република Македонија со Грција?

Мојот став и како интелектуалец и како претседател би бил истиот: промена на Уставот под притисок од надвор не доаѓа во предвид, а промената на името не само што не може да биде европски критериум, туку е и антиевропски, нешто што е спротивно на сите вредности кои ги застапува ЕУ. Тоа е превисока цена за влез во воена алијанса или за почеток на преговори без извесен крај. Но, ќе мора да се има проактивен однос: најнапред би се потрудила да ја разбијам маглата и тајновитоста во која се водат преговорите. Никој нема мандат, па ни претседателот на Републиката, да донесе одлука за промена на уставот, без консултација со граѓаните, со сите релеватни групи во општеството. Врз база на внатрешен консензус по ова прашање, ќе имаме посилни меѓународни позиции, и би ја избегнале замката за организирање референдум и префрлање на „топката“ на граѓаните.

Според вас кој е проблемот на Грција со Македонија?

Со еден збор, класичен балкански национализам, засилен од позиција на моќ (членство во НАТО и ЕУ, со право на вето). Ова е асиметричен спор во кој Грција нема што да загуби, а ние можеме да изгубиме многу. Губиме што нè држат „ни на небо, ни на земја“, губиме здив и мотивација за реални реформи, го храниме сопствениот национализам кој одвнатре нè разјадува и конфронтира, па стануваме лесен плен за манипулација. Грчкото општество, за жал, се нема соочено со своето минато и од пред 100 години и од времето на Граѓанската војна. Јас би сакала да отворам порти за она што се вика јавна дипломатија и воспоставување на поживи контакти меѓу културните работници, спортистите, невладиниот сектор, академската заедница, борците за човекови права, итн. Ако грчкиот претседател не сака да зборува со мене, тогаш јас би зборувала со г-нот Ципрас. Неискористени можности за комуникација и разбирање постојат. Какви и да се сега односите, ние остануваме да живееме заедно во овој регион, а обичните граѓани немаат непријателски чувства едни кон други, туку на сцена се елити кои се конфронтираат ио така собираат поени за внатрешна употреба.

Првично беше најавено барање за косензуален претседател а сега Граѓанското здружение „Разбуди се“, повика кон Албанците на бојкот на овие претседателски избор, ваш коментар? Што претставува консензуален претседател и кој е вашиот став за повикот на ова здружение?

Идејата за бојкот е не само лоша за демократијата, туку е и вид на уцена и притисок. Се надевам нема да дојде до тоа. Жално е што веќе е јасно дека Албанците нема да излезат со свој кандидат (со исклучок на еден независен кандидат, кој искрено не ми е познат). Зад идејата за консенсуален кандидат стои идеја за избор на претседател во Собранието и тоа со Бадинтерово мнозинство. Тоа би бил уште еден чекор кон етнизација и партизација на сè што постои на политичката сцена. Кога коалиционите партии би излегле со заеднички кандидат, тоа би било добро, но лошо е кога тие тврдат дека таквиот кандидат би бил вистински (и единствен автентичен) претставник и на Македонците и на Албанците. Каде се тогаш другите? Каде се оние кои не се членови или симпатизери на овие две партии? На Македонија ѝ треба граѓански, а не консенсуален претседател!

И на крај што треба да има во својата програма и кои капацитети треба да ги поседува (за да ја реализира својата програма) идниот претседател на Република Македонија?

Накусо, потребни се три клучни нешта: кредибилитет (што значи независна позиција, чист мандат од граѓаните, немање политички или друг багаж), знаење од областа на политичкиот систем и меѓународните односи, и блискост со народот. Сметам дека тоа е она што можам да го понудам, заедно со конкретната визија за развојот на земјата во наредниот петгодишен период.

Извор: Фаланга