Билјана Ванковска: македонски Ралф Надер или нешто повеќе?

Ако ги прашате симпатизерите на демократската партија во САД кој им е најомразениот лик од претседателските избори во 2000, верувајте дека одговорот нема да биде Џорџ Буш. Таа чест му припаѓа на Ралф Надер, политичкиот активист кој во 2000 освои речиси три милиони гласа за претседател. До некаде омразата е оправдана. Да не беше Надер, претседател на Америка ќе беше Ал Гор. Но имаат ли демократите право да се лутат некому кој не бил задоволен од нивната политика и решил да понуди алтернатива на естаблишментот? Фаст форвард до 2014 и кандидатурата на Билјана Ванковска за претседател на Македонија.

Паралелата меѓу Билјана Ванковска во 2014 и Ралф Надер во 2000 не е без причина. И двајцата користат grassroots активизам и се обидуваат да ги придобијат оние гласачи кои се разочарани од понудата на професионалните политичари. Згора на тоа, Ванковска е пацифист, секуларист и алтерглобалист, a преку своите медиумски настапи се има конфронтирано со многу јавни личности од двете (четирите?) страни на политичкиот спектрум во Македонија. За разлика од симпатизерите на ВМРО и СДСМ, кои ќе ве убедуваат дека стопроцентно се согласуваат со програмата на својот кандидат дури и пред да знаат кој е тој/таа, се сомневам дека постојат многу поддржувачи на Ванковска кои комплетно стојат зад сите нејзини ставови.

Некому му импонираат нејзините критики упатени кон ЕУ и НАТО, но голем дел од евроскептиците и НАТО-фобите веќе следниот ден не можат да ја сварат затоа што јавно го осудува Јохан Тарчуловски. Некои ја фалат затоа што се противи на мешањето на црквата во работата на универзитетот, но на дел од нив им пречи нејзиниот радикален атеизам. И јас имам проблем со Ванковска, а тоа е нејзиниот краток фитил и тенденцијата да фрла со бомби по мравки кога ќе се фати во небрано, понекогаш дури и кон добронамерни дискутанти на фејсбук. Но поларизирачките колумни и контрашките тенденции се одраз на нејзината пасија и претставуваат редок крик од редовите на постојано незадоволната но сè позамолчена македонска средна класа.

Факт е дека Ванковска не бега од конфронтација и се поставува прашањето како би се снашла во ситуација кога како претседател би требала да балансира помеѓу разумни компромиси, етнички тензии и дневнополитички интриги. Но претседателскиот кандидат не треба да биде најмал заеднички делител на политичката констелација во Македонија, нешто што на големо се актуелизира со идејата за консензуален кандидат. Силата на Ванковска е токму во тоа што не е фото-робот на најприземните желби на гласачите. Таа е човек од крв и месо, елоквентна и аргументирана, со по некоја слепа точка и неодмерена изјава, но и со сурова искреност (некој би рекол пис-муцка) која сè уште не е зауздана од пи-ар машинерија. Најважно од сè е што размислува со своја глава и што срцето ѝ е на вистинско место.

На крај да се вратам на паралелата со Надер. Надер не победи на изборите во 2000 и на кратки патеки им ја запржи чорбата на демократите. Но исто така ѝ даде на знаење на опозицијата дека не може да се победи без да се освојат срцата на независните, оние кои не гласаат по партиска директива. Осум години подоцна тоа му успеа на Барак Обама, човекот за кого сите мислеа дека ќе биде прегазен од сивата еминенција на демократската партија. Ванковска ја има аутсајдерската карта и сигурно ќе игра на неа, а социјалните мрежи ќе ѝ бидат основа за grassroots активизмот со кој понекогаш само се брануваат водите, но понекогаш знаат и да се срушат брани. Останува да видиме дали ќе ја помниме како македонскиот Надер, или можеби како нешто повеќе?

Извор: Од блогот на КАНТАРОТ