Можам да бидам гласен претседател

Универзитетскиот професор, Билјана Ванковска ќе се обиде на претстојните претстедателски избори да внесе една поинаква реторика и да понуди една поинаква политичка платформа. Таа е единствениот, независен кандидат кој влезе во процедурата за собирање 10.000 потписи. Во иннтервјуто за Прес24, вели дека не е обесхрабрена од тоа што зад нејзе ги нема моќните политички субјекти.

– Нe, не сум обесхрабрена, туку се обидувам да охрабрам слободни и рационални, но незадоволни граѓани. Вклучително и оние кои се или биле партиски членови, а останале разочарани. „Големите“ да беа навистина големи досега ќе излезеа со одлични кандидати, ама ги гледате како калкулираат и своите кадри ги сведуваат на пасивни лица кои ја олчекуваат милоста на партијата, вели во интервјуто за Прес24, Ванковска.

Не открива колку потписи досега добила нејзината каниддатура, но потенцира дека има многу пропусти во продцурата за собирање потписи од страна на ДИК.

– Има многу, многу недемократски постапки во целата постапка. За стравот на граѓаните и да не зборувам… за разлика од изборите каде е загарантирана тајноста, овде процесот фактички се одвива јавно – па затоа, јас пребропјувам и дали во Македонија има 10,000 одважни и слободни граѓани, вели Ванковска

Позициите и ставовите што Ванковска досега ги имаше и затапуваше во поглед на НАТО и ЕУ, стратешките цели на државата, ќе бидат дел и од нејзината реторика на овии избори. Тие ќе внесат новини во дебатите, бидејќи нејзините ставови се различни од ставовите на останатите кандидати.

Ванковаска во интервјуто за Прес24, зборува за сите прашања за кои граѓаните би требало да ги знаат ставовите на претендентите за претстедателската фуникциија. Идејата за консензуален претседател, ванковаска ја поддржува, но ја разбира поинаку од онаа идеја што ја презентираат албанските политички субјекти

– Во демократијата има натпревар, а на претседателските избори до израз треба да дојдат личностите на кандидатите, а не консензусот на лидерите на етничките и партиски групации. Јас би сакала граѓаните од сите етнички заедници сами да препознаат кој е за нив прифатлив, односно кој ги третира како еднакви и има слух за нивните специфични барања и интереси. Тоа треба да го кажат на избори по сопстевно уверување, вели во интервјуто за Прес24, Билјана Ванковска, универзитетски професор и потенцијален кандидат за Претседател на Македонија.

ПРЕС24: Професорке Ванковска, засега сте единствениот независен кандидат кој претендира да влезе во трката за избор на Претседател на Државата. Сите останати тргнуваат со некаква политичка поддршка. Искуството од досегашните 4 изборни циклуси покажа дека без политичка партија независните кандидатури завршуваат уште на првата препрека – 10.000 потписи.Ве обесхрабрува тоа?

ВАНКОВСКА: Не засега, туку генерално останувам единствениот независен и партиски неопределен граѓанин во трката и за 10.000 потписи и за евентуални гласови. Токму во тоа е и предизвикот, кој е помалку предизвик за мене (јас сум разумна и умна и реално гледам на нештата). Предизвикот е за сите оние кои велат дека им е доста од партиски кандидати, од марионети, дека не изгледуваат на избори зошто немале понудат, итн. Ова е предизвик особено за граѓаните од поголемите градски општини, кои би требале да знаат дека давањето потпис не е и давање глас, односно дека во оваа фаза само овозможуваат поголема понуда на изборите и поинтересна дебата. Предизвикот е за Скопје во кое живее една третина од популацијата, која пак себе се смета за либерална и послободна од стегите на партиите. Предизвикот е за женските организации, кои 20 години работат на женската еманципација и поголемото учество на жените во политичкиот систем. Накусо, јас фрлив „ракавица“ на предизвик, се понудив со сиот мој кредибилитет, знаење и морал кој го докажав низ годините. За мене ова не е битка за живот и смрт, бидејќи како професор сум остварена и многу си ја сакам работата, но ова е мојот начин да ја покренам онаа популација која дигнала раце од своите политички права и партиципација. Значи, одговорот на Вашето прашање е – НЕ, не сум обесхрабрена, туку се обидувам да охрабрам слободни и рационални, но незадоволни граѓани. Вклучително и оние кои се или биле партиски членови, а останале разочарани.

ПРЕС24: Колку досега граѓански потписи ја поддржаа вашата кандидатура?

ВАНКОВСКА: Веќе рековме дека зад мене нема машинерија, автобуси, списоци и сликање со мобилни телефони, кој се појавил а кој не. Во подрачните одделенија на ДИК немам лица кои „дежураат“ или им дишат во врат на граѓаните. Немам обезбеден мониторинг, но во тој дел ми помагаат граѓаните кои се сведоци на низа неправилности (од агитации, подметнување туѓи списоци, затворање на канцелариите на ДИК пред 19 часот, потпишување без лична карта, итн.). Со оглед на моите објективни лимитирани можности, евиденцијата за собраните потписи ја немам инстантно, па ја собирам со доста труд и ја ажурирам на начин кој не е сосема прецизен. На почетокот, самата ги повикав моите поддржували да не брзаат, да не се изложуваат на непријатности, за да им оставиме на машинериите да се „издуваат“. Некои овој процес го сфатија како битка да се биде или не, не во однос на вкупниот број потписи колку во манифестирањето организациска подготвеност за 17 часа да соберат потписи. Небаре, ова е трка за Гинисова книга на рекорди! Тие ги добија потписите иако нивниот кандидат едвај и да стаса да се претстави пред јавноста. Јас, пак, сум изложена на безброј интервјуа и проверки – што ммислам за ова, што мислам за она! Искрено, до овој момент и јас самата не сум била да се потпишам (па ни мојата мајка). Ми се чини недолично претендентот да побрза пред камери да стави потпис за себе! Јас повеќе сакам да видам што граѓаните мислат за мене. Нема да кријам дека процесот тече споро и со големи тешкотии, но се надевам дека граѓаните многу скоро ќе сфатат која ќе им биде понудата: еден е веќе сигурен кандидат (од ГРОМ), и уште двајца од двете големи партии, кои се уште калкулираат со личностите, па дури и со евентуалниот втор мандат на сегашниот претседател, колегата Иванов. Ако се задоволни од оваа понуда, тогаш на шега велам, воопшто и нека не излегуваат да ми дадат потпис. Ако сакаат интересна дебата и претседателска трка, нека и’ дадат можност на личност како мене која нема да учествува во хорско пеење, која има свои препознатливи ставови и аргументи, кои ќе ги брани, која нема да ги фаќа на национализам, и која ќе остане интересна како и порано. Од граѓаните зависи, бидејќи јас вложив натчовечки напори и лични средства за да ха овозможам оваа демократска атмосфера.

ПРЕС24: Веднаш по отварањето на канцелариите на ДИК за собирање потписи посочивте на одредени неправилности. За што точно станува збор?

ВАНКОВСКА: Како што можеше да се очекува, државните капацитети се слаби, администрацијата иако прекубројна, едвај да успеа да одговори на сите претпоставки за демократско одвивање на постапката за собирање потписи. Од фактот дека државата која троши милионски сумни за избори не се потрудила дури ни списоците да ги подготви, па тоа паѓа на твоар на кандидатот (во случајот на мојата плата), до дистрибуцијата до сите места, па се’ до соопштувањето на конкретната бројка на канцеларии на ДИК буквално во 12:15. Потоа откривме низа трагичкомични ситуации – од компјутери кои се блокираат, ЦД-а кои не работат, до службеници без канцеларии па од дома ја извршуваат дејноста! Некои канцеларии отворија со ден-два задоцнување, други пак си ставаат клуч на врата веќе во 16 часот, иако мораат да работат до 19 ч. Има случаи на наведување на граѓаните да се потпишат во друг список, со подметнувања, па граѓаните реагираат. Има многу, многу недемократски постапки во целата постапка. За стравот на граѓаните и да не зборувам… за разлика од изборите каде е загарантирана тајноста, овде процесот фактички се одвива јавно – па затоа, јас пребропјувам и дали во Македонија има 10,000 одважни и слободни граѓани.

ПРЕС24: Дали Претседателската функција на Државата е предизвик, или пак некаков престиж за една кариера. Кој е Вашиот мотив? Зошто сакате да бидете прв човек на државата?

ВАНКОВСКА: Мојата кариера, онаа на која се гордеам е професорската. Тоа е вистинскиот предизвик, бидејќи за да дојдете до оваа позиција (не само ниминално, туку и навистина да имате импресивни постигнувања, публикации во странство, проекти итн.) потребни се години макотрпна работа. Во оваа ситуација, јас се појавувам како претендент за функција за која нема никакви посебни критериуми (освен неколку формални, кои ги исполнува огромен број граѓани – возраст и години живот во земјата). Во политиката секој од нас би требал да биде еднаков и да може да избира, ама и да го избираат. Ако низ нашата политичка историја сме имале носители на највисоки функции (вклучително и претсетдателската) без поголемо искуство, знаење и вештини, се поставува прашањето: а зошто јас не би можела да бидам кандидат? Што ми недостасува – освен партиска машинерија? Реков веќе, предизвикот не е за мене, туку за македoнските граѓани, кои јас сакам да ги претставувам и да бидам нивен глас во политичката трка. Инаку, употребивте интересен израз „прв човек во државата“, со кој јас не би се сложила. Улогата на претседателот не е да биде прв и најважен, туку еден од носителите на власта. Неговиот легитимитет произлегува од граѓаните кои непосредно го избираат, но тој ниту може ниту смее да има моќ за да командува со другите гранки на власта. Но, вистина е дека досега оваа функција беше девалвирана и сведена на декор и безгласна буква. Јас мислам дека можам да бидам гласен претседател и преку мене да се артикулираат интересите на државата, ама и на граѓаните.

ПРЕС24: Има една чудна ситуација која низ разговор со луѓето паѓа в очи. Многумина велат дека имаат намера да се потпишат на Вашата кандидатура, но на денот на изборите сепак гласот би го дале на некој од кандидатите на двете најголеми политички партии. Не дека овие примери ќе бидат пресудни, но она што сакам да Ве прашам е која е Вашата анализа, зошто кај дел од гласачите таа потреба на крајот сепак да се биде дел од “големите”?

ВАНКОВСКА: Не знам од каде Ви се информациите и колку се прецизни, ама моите сознанија се обратни: луѓето се убедени дека ако ја минам оваа граница и соберам 10.000 потписи, тогаш сум веќе на прагот на мало чудо, и шансите во изборите ми се огромни. Особено ако се има предвид дека ова ќе бидат многу сиромашни избвори во поглед на бројноста и профилот на кандидатите. Јас сум токму таа што може да ги собере околу себе неопределените, симпатизерите на помалите партии кои не учествуваат на изборите, и особено Албанците за кои искрено жалам што нивните партии не понудија некои умни и кавлитетни луѓе кои несомнено постојат. Реалните пречки постојат и веќе посочив, особено во делот на тоа што мнозина полесно би ми дале глас, отколку потпис бидејќи се плашат. „Големите“ да беа навистина големи досега ќе излезеа со одлични кандидати, ама ги гледате како калкулираат и своите кадри ги сведуваат на пасивни лица кои ја очекуваат милоста на партијата.

ПРЕС24: Моја проценка е дека Вашата кандидатура би била добра и здрава за една предизборна политичка дебата, ако се суди по вашите ставови во поглед на она што се нарекува стратешка цел, интеграциите во НАТО и во ЕУ? Што мислите колкав процент од граѓаните ги делат Вашите ставови?

ВАНКОВСКА: Ви благодарам на проценката, и се сложувам со вас дека моето учество ќе биде квалитет плус – не само затоа што ќе бидам единствена жена и единствен непартиски кандидат кој се самофинансира и нема да води класична кампања, ама знае како да води дуели, туку и затоа што кај другите кандидати ќе испровоцирам ситуации во кои ќе мора да ги напуштат класичните и здодевни рефрени и фрази. Интересно е што кај граѓаните уживам огромна поддршка (која се надевам дека ќе се материјализира во потписи и гласови) и тоа од различни причини – некој ме почитува за едно, друг за друго. Но, нели така треба да изгледа претстедателот на сите граѓани? Јас не барам да ги делат сите мои лични убедувања и ставови, но се надевам дека ќе го препознаат квалитетот, чесноста, искреноста и демократскиот сенс.

ПРЕС24: Што е она што би бил фокус на Вашата кандидатура?

ВАНКОВСКА: За разлика од кандидатите кои се уште не ги ни знамеме и за кои фоксуот е дефиниран однапред (поради нивната партиска позиција), од мене се бара предвреме да ги отворам сите карти и да се произнесам. Мојот фокус во оваа фаза на собирање на потписи е ствањето акцент на граѓанската иницијатива, волонтеризмот, поттикнување и оснажување на неопределените граѓани. Акцентот е ставен на сиот мој минат труд и сите одамна искажани ставови – од НАТО до името и меѓуетничките односи – кои порано биле академски и експертски, а сега ги нудам во оваа трка без да ги менувам за да задоволам нечии интереси или да се додворувам и вршам лицемерна пропаганда. Фокусот е на тоа што сум дел на овој народ, со ниско социјално потекло а станав професор без да станам арогантна и далечна од луѓето, а се’ остварив со сопствен труд, на тоа што граѓаните отсекогаш ми верувале на анализите и на тоа што имам извонредни знаења од областа на политичкиот систем (докторирав на тема за војската и политиката) и меѓународната безбедност. Понатаму, кога ќе стасам до кандидатура ќе ја изложам мојата визија, заедно со останатите кандидати.

ПРЕС24: Прашањето за името е едно за кое секој од кандидатите мора да има јасен став кога излегува да ја бара довербата од граѓаните. Што би била Вашата формула за решение на грчко-македонскиот спор?

ВАНКОВСКА: Јас одамна сум рекла дека идентитетски спор кој е и асиметричен не може да се „реши“. Треба да се трансцендира, да се надмине со креативни решенија со кои нема деа останеме ни изолирани и очајни, ама нема ни да дозволиме по диктат да ни го детерминираат правото на самоопределување. По ова прашање отсекогаш сум била „тврда“ како некој кој мисли дека не станува збор за проблем со името на државата, туку народот и идентитетот. Интересно ми е што кандидатите веќе играат на оваа карта, па оние кои доскоро зборуваа нешто сосема друго по ова прашање, сега откриваат дека имаат кичма. Сакам да кажам, ова прашање ќе биде експлотарирано за да се докаже патриотизам, а никој од кандидатите нема да каже јасен став (како ни на минатите избори). Јас ќе бидам многу отворена и директна.

ПРЕС24: Без решение на овој проблем веројатно нема шанси за напредок на македонските евро-атлански интеграции. Можна ли е друга алтернатива за долгорочен опстој на државата, ако се има в предвид притисокот што доаѓа од албанските политички субјекти во државата, дека единствена иднина за целовитоста на државата е брза интеграција во НАТО и во ЕУ?

ВАНКОВСКА: Се разбира! Една држава не смее да се однесув а како коцкар кој се’ става на една карта! Тоа не е ни државнички мудро ни опортуно. Македонија мора да научи дека нема вечни пријатели, туку вечни интереси – а тоа се интересите на развојот, демократијата, мирот и прогресот. Зборот меѓународна заедница кај нас е сведен на многу тесен круг држави и сојузи, а светот е голем и мала држава мора да биде мудра за да создава што повеќе корисни врски – од економијата до спортот и културата.

ПРЕС24: Што станува со регионалната соработка. Поранешниот амбасадор на Македонија во Србија, Љубиша Георгиевски пред некој ден изјави дека стравува од ширење на грчкиот синдром врз земјите од западен Балкан. Типичен приемр е Бугарија. Влезот во ЕУ и ги зголеми апетитите и сега и Софија покрај Атина испорачува барања за добрососедски односи. Како Вие, ако додјете до можноста да ја водите државата, ќе го затоворите прашањето со Бугарија?

ВАНКОВСКА: Државите-членки на ЕУ од нашиот регион носат голема одговорност во смисла на тоа дека треба да претставуваат пример и во поглед на економијата, демократијата, но и почитувањето на европските вредности и меѓународното право. Оттука разочарувањето кое го имаме кога гледаме дека тоа е далеку од вистината. Не смееме на национализам да одговараме со национализам, ниту со фашизам на фашизам, бидејќи ни се враќа како бумеранг и нас не’ погодува на долг рок. Треба да ги бараме оние делови од тие општества каде постои демократска свест и солидарност.

ПРЕС24: Кој однос би го застапувале кон останатите земји од регионот?

ВАНКОВСКА: Регионалната политика ја сметам за многу важна, па дури ако сакате и како предуслов за веропската интеграција. Веќе реков, потребно е развивање соработка со повеќе актери од тие општества, поврзување на повеќе нивоа, од економско до спортско и културно, развивање на она што се вика јавна дипломатија и уривање на стереотипите и омразата кон соседот. Без оглед дали ќе влеземе во НАТО и ЕУ, ние сите остануваме соседи. Посебната политика за ова прашање ќе ја изложам за време на кампањата, ова се само некои основни назнаки за правецот во кој би се движела.

ПРЕС24: Професорке, голем дел од аналитичарите оценуваат дека ситуацијата во која Македонија се наоѓа во поглед на надворешен план е резултат на лошата надворешна политика повеќе од две децении, а особено во првите десетина години од независноста. Поточно на немањето стабилна и конзистента надворешна политика. Како Вие ја оценувате македонската дипломатија?

ВАНКОВСКА: Катастрофално лоша! Партизирана, и користена повеќе како награда за партиски кадри кои го отслужиле своето, итн. Жално е што за 20 години не развивме професионална дипломатија, а и оние кадри кои ги имавме ги запоставивме. Немаме солидна академска дипломатија или систематско обучување на кадри во светските центри. Всушност и оние кои ги имаме, ги маргинализираме. На малите држави дипломатијата им е нужно најважниот инструмент за фунскионирање во меѓународните односи. заедно со држењето за меѓународното право, иако кај нас повеќе се одело на барање патрони, спонзори, некој кој би не’ „посвоил“ и заштитувал. Кај нас, за жал, Тукидид е најпопулартен со тезата за трпењето на малите земји.

ПРЕС24: Надворешната политика е и сегментот од ингеренциите на Претседателот на државата. Што мислите, дали досегашните личности кои беа на таа функција беа Претседатели во вистинска смисла на зборот?

ВАНКОВСКА: Мислам дека со исклучок на Глигоров и донекаде Трајковски, другите двајца претседатели потфрлија. Едниот беше аутистичен и се движеше само во регионот, другиот пак чекаше премиерот да му дозволи да појде во ООН или во Париз.

ПРЕС24: Предизвикот кој стои пред овие Претседателски избори е можноста од нивен неуспех поради заканата за бојкот од албанскиоте политички субјекти, доколку не се прифати идејата за консензуален претседател што ја заговара ДУИ?

ВАНКОВСКА: Идејата за консензус ја признавам само во делот на виталните национални инетерси, како и човековите права, демократијата и владеењето на правото, како темелни столбови на политичката заедница. Во демократијата има натпревар, а на претседателските избори до израз треба да дојдат личностите на кандидатите, а не консензусот на лидерите на етничките и партиски групации. Јас би сакала граѓаните од сите етнички заедници сами да препознаат кој е за нив прифатлив, односно кој ги третира како еднакви и има слух за нивните специфични барања и интереси. Тоа треба да го кажат на избори по сопстевно уверување. Повторно ќе речам, жалам што ова ќе бидат сосема сиромашни избори, па можеби и затоа стравот за апстиненција. Се надевам дека мојата кандидатура ќе ги направи поинтересни и побогати, а исто така се надевам дека граѓаните нема да дозволат друг да ги диригира и да им кажува дали да излезат на избори, дали да бојкотираат или не. Ако се случи тоа, демократијата ќе остане уште подалечна цел за Република Македонија.

Извор: ПРЕС24