Не смееме да се држиме настрана од она што се случува

Билјана Ванковска е име познато во македонската јавност како познат и респектиран универзитетски професор. Таа е првата дама која може да стане дел од највисоката македонска политика. Во интервју за Инпрес зборува за мотивите кои ја натераа да учествува на изборите за претседател на државата и многу повеќе.

Таа вели – Кој сее беда, ќе жнее гнев! Затоа ни требаат промени! Читам за жртвите во Украина – и посакувам да не дозволиме да ни се случи Украина или Босна и Херцеговина! Мораме да покажеме солидарност со најслабите и најсиромашните, ама да не одиме во деструкција. Подобро е со алтернативи!

Уште додава дека – Ако јас успеам, всушност не успева Ванковска, туку онаа неискористена енергија во општеството и бунт против состојбите од страна на неопределените.

Инпрес: Што натера еден успешен универзитетски професор и посакуван новинарски соговорник на една ваква, како што самите ја нарекувате „битка на Давид, наспроти неколку Голијати“?

Проф. Ванковска – Навистина, јавноста ме знае како личност која љубоморно си го чува интегритетот и не ни помислува да влезе во партиска политика. Сега ова е навидум огромна промена за некој како мене, но во суштина не е. Со сиот ризик, јас и натаму останувам на независната позиција, што ќе рече без партиска или било чија потпора, и им се обраќам директно на граѓаните, на сите оние кои се чувствуваат излажани од партиите и нивните ветувања. Кусиот одговор на вашето прашање е – немав мотивација, туку фрустрација! Во вакво општество само индиферентен човек кој ја изгубил врската со себе си и другите, може да биде задоволен. Ете, се одлучив, а деновиве честопати се сеќавам на еден мој дамнешен разговор со Весна Пусиќ, денес министерка, а некогашна брилијантна професорка од Хрватска. При нашата средба во 2001 година ја прашав: како е од академската средина да се влезе во политика, а таа ми рече дека во нашите општества ние не смееме да си го дозволиме луксузот на држење настрана од она што се случува, па затоа мораме да дејствуваме на јавен план, исто како и на научен. на мојов потфат можете да гледате како на бунт на еден граѓанин спрема оние кои 20 години му велат дека само тие имаат право да ја вршат власта.

Инпрес: Вие бевте исклучително храбри наспроти „големите“ кои калкулираат со кандидатите за да “не им ги оцрнеле“. Колку е ваквиот однос на големите партии фер кон независните кандидати?

Проф. Ванковска – Искрено, немам ниту желба ниту време да размислувам за нив, а можеби и тие не помислуваат на мене. Јас барам мандат (прво поддршка во вид на потписи, а потоа евентуално – глас) непосредно и директно од граѓаните. Тоа се сите оние кои две децении ме слушаат како аналитичар, професор, колумнист и критичар. излегувам со сета своја личност, знаење, кариера и ставови кои се одамна добро познати и принципиелни, бидејќи сум ја говорела вистината па макар и „небото да се урне врз мене“. И тоа биле храбри чекори, особено кога сум си создавала моќни непријатели, па и кога сум примала закани по личната безбедност. Ова што сега го правам не би требало да е нешто храбро, но јавноста така го перцепира. Јас, напротив, сакам да покажам дека секој од нас може и теба да бара и право да биде биран. Ако и не успеам, јас барем не сум професионален политичар кој ќе нема од што да си го вади лебот. Но, ако успеам, храброста нема да биде моја, туку на оние кои ќе се решат да ми го дадат потписот.

Инпрес: Дали сте задоволни со медиумското покривање на независните кандидати? Дали како општество сме подготвени за ваков исчекор и колку медиумите Ви посветуваат внимание?

Проф. Ванковска – За мене со години се зборуваше дека толку често ме има во медиумите што „и од фрижидер ќе излезам“. Но, сега веќе сум на мраз – кон мене се однесуваат небаре сум во кампања или како да е предизборен молк. Секоја чест на исклучоците! Некои велат дека законот тоа го барал од нив, што е чиста невистина. Се’ до 10,000 потписи, т.е. официјалната кандидатура, јас сум само граѓанин кој користи слобода на изразување. Независните кандидати се во многу незавидна положба, бидејќи за рок од само 15 денови треба да соберат 10,000 потписи. Мојот најголем проблем е информацијата (моите ставови се одамна добро познати): огромен број граѓани не знаат каде се наоѓа канцеларијата на ДИК во нивната општина. Јас максимално ги користам сите бесплатни средства за ширење информации (социјалните мрежи, блог, веб-страницата www.vankovska.com), а се потпирам и на хоризонтално порзување на луѓето кои сметаат дека заслужувам д ауествувам во претстедателската битка. Во оваа смисла, и Вам многу Ви благодарам за можноста да допрам до Вашите читатели.

Инпрес: Кампањата за собирање потписи ја водите пред се` на социјалните мрежи, но и преку посебна веб страна за таа намена. Велите дека ви е најмило кога остварувате директни контакти со луѓето, од кои најголемиот дел не ги ни знаете лично? Доколку ги соберете потребните потписи, каква кампања да очекуваме од проф. Ванковска?

Проф. Ванковска – Морам да признаам дека ова пред-кампања е исцрпувачка за човек кој е практично сам во смисла на немање секретарки, штабови, финансиски средства надвор од платата, и сл. Сетоа тоа го компензирам со градење на еден прекрасен тим составен од волонтери до сите возрасти и со најразлични квалификации, а со огромен е нтузијазам. Ние ги минуваме најубавите денови на нашите животи (во делот на јавниот ангажман). Ова е уникатно искуство, кое понатаму ќе го споделувам и теориски елаборирам. Ако станам кандидат, законот овозможува отворање посебна сметка за донации, но бидејќи јас немам зад себе ни моќници, ни мецени, повторно би сметала на ситна помош на оние кои веруваат дека правам нешто важно за Македонија. Ветив дека нема да има ни патувачки циркуси, ни оргомни билборди, ни делење пенкалца од врата на врата… Јас сум скромна по природа, а ова општество е сиромашно, па чист безобразлук е сето он а расфрчање со скапа кампања за да се биде избран. Мојот тим е веќе во креативен залет, можеби не сме високопрофесионални, ама сме иноватнивни и креативни. И најважно од се’ – духовити и блиски до народот. Она што го правам сега само би го продолжила со средби со граѓаните и многу слушање, нешто слично на она што го правеше француската кандидатка Сеголен Роајал.

Инпрес: Со самиот факт што се кријат кандидатите, како да се најавува „црна“ кампања, односно она на што веќе навикнавме на малите екрани – тотално деградирање на противникот и вадење на „валканиот веш“ на виделина. Кој е вашиот став за ваквиот вид на водење кампања?

Проф. Ванковска – Опкружена сум со извонредна младешка енергија која е исклучително позитивна и ведра. Таква кампања и водиме, и ќе се фокусираме на нашите ставови и нивното пласирање. Јас немам време да се занимавам со моите противници, освен ако има елементи на незаконито постапување. Негативната кампања ќе им ја препуштам на оние кои се експерти за тоа, исто како и пропагандата.

Инпрес: Деновиве сме сведоци на вистинско бомбардирање од анкети на разноразни институти и сл. Една од анкетите покажа дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат скоро идентичен рејтинг, за друга да покаже дури 40% поддршка на Владата. Дали имате некои интерни сондажи – како Ванковска во моментов котира кај граѓаните?

Проф. Ванковска – Јас немам финансиски средства за да правам сондажи. Она што на почетокот беше изразено како поддршка преку Фејсбук (во вид на преку 3000 лајкови) е неверодостојно од повеќе причини. Ова досега не сум го кажала, но имам еден податок од една анкета спроведена неодамна, а во која било вметното и моето име на листата на лидерите на партиите – и јас се изненадив кога ми кажаа дека стојам рамо до рамо со лидерот на опозицијата. Но, сепак не се потпирам на овие резултати: како што лајковите на Фејсбук не вредат ништо ако не се преточат во реални потписи, така и во телефонска анкета граѓаните може да се изјаснат многу попозитивно, ама сепак ќе ви речат дека се плашат да појдат до ДИК за да дадат потпис. Мојата популарност кај граѓаните, и тоа од сите етнички групи, е несомнена, но може да остане нереализирана ако не ги убедам луѓето дека без нив јас не можам да сторам ништо. Проблемот со собирањето потписи е во тоа што од луѓето се бара тукуречи јавно изјаснување пред службено лице, а страв постои (покрај еден висок степен на политичка апатија). Некои мислат дека полесно ќе добијам, потписи, ама ќе сум пропаднела на избори. Јас тврдам дека обратното е точно: полесно е да гласаш со загарантирана тајност. Затоа, јас сега и’ се обраќам на т.н. информирана јавност, на оние кои се слободни, добро образовани, информирани и активни во политичкиот живот.

Инпрес: Сигурно веќе сте го слушнале и ова – Што и требаше ова? или, Зошто успешен професор да биде неуспешен кандидат за претседател? Со честитки за храброста да ги вкрстите ракавиците со „Голијатите“, кој е вашиот став околу овие „зли јазици“?

Проф. Ванковска – Кога си на јавна сцена, „злите јазици“ се неминовност. Зарем малку случаи имаше во кои ме клеветеа, плукаа, протеруваа – кога ќе сум каела нешто што некому не му се допаѓа? Ако од својот политички ангажман не се срамат оние кои се збогатија, кои вел век не научиле да работат ништо друго освен да жиеват од политика како професија, зошто јас би се срамела кога со чиста кариера барам доверба од грашаните? Тоа се обиди да ме обесхрабрат или да ме исплашат со политичко Ватерло. И пред мене имало неуспешни, па ништо не им недостасува – повторно се ценети јавни личности и професионалци. Јас повеќе би се срамела од себе (а не од злобниците) доколку бев кандидирана од партија, која притоа нечесно ги добива потписите или гласовите. Вака, влегувам чиста и чиста ќе излезам, без оглед на исходот.

Инпрес: Дали сметата дека Република Македонија како млада демократија, но поделена по многу хоризонтали и вертикали е подготвена за независна личност за претседател на државата?

Проф. Ванковска – Не знам дали е подготвена – тоа сега го тестираме. Но, знам дека ова е последна надеж за градење на барем една инстиутуција која нема да биде плен на партии и етнички/племенски вождови. Ако се остварат најавите на ДУИ, ова можат да бидат и последните непосредни избори во кои граѓаните ќе одлучуваат. Наскоро може и ова да биде грабнато од партсико-етничките елити.

Инпрес: На социјалните мрежи јавно се декларирате како атеист. Граѓаните во Република Македонија важат за верници кои ги почитуваат традициите. дали сметате дека овој момент би донел негативни поени за вас во кампањата?

Проф. Ванковска – Во слободата на вероисповеста влегува и слободата да не се верува, т.е. да не се припаѓа на ниту една вероисповест. Тоа што сум јас атеист е моја интимна работа, а со тоа го практикувам своето со устав загарантирано лично право. Она што создава намерна замена на тезите е дека аетеистот е бездушник, човек без морал и етика. Јас, напротив, мислам дека да се биде добар и доблесен човек мора да се има страв не од бога туку од сопствената совест. Јас пораснав во семејство кое не беше религиозно, ама затоа во библиотеката на мојот татко стоеја Библијата и Куранот едно до друго. Значи, во време на „комунизмот“ јас растев со светите книги на дофат, и со чувство за толеранција и еднаков однос кон сите религии. Во високо конфесионално ама поделено општество (и по таа линија), јас би можела да бидам токму оној кој не би можел да биде сомничен дека навива за едните против другите. Да бев Македонка муслиманка, можеби некои ќе ми најдеа маана дека не и’ припаѓам на „вистинската вера“. Накусо, ова е мое лично уверување и нема никаква врска со вршењето на ингеренциите на претседател на државата. Впрочем, не би ни била првиот атеист на оваа функција.

Инпрес: Дали Ванковска може да биде претседател на сите граѓани на Република Македонија? Годиниве наназад сме сведоци само на бледи обиди за тоа и демагошки изјави по кои повторно се враќаме во своето „трло“. На кој начин сметате дека може да се направи исчекор на ова поле?

Проф. Ванковска – Ако ви кажам дека во мојот тим веќе соработуваат млади од разни етницитети, веб страницата ми ја правеа еден Арбен и еден Петар, се’ ќе ви стане јасно. Во време кога албанските партии повикуваат на бојкот на изборите, во моите списоци има потписи на Албанци и Албанки. Можеби најинтересниот пример е од Кичево каде првопотпишаниот е Македонец, а второзапишана е Албанка. Граѓаните, оние кои ја сакаат Макеоднија како заедничка политичка заедница, препознаваат во мене и човек и некој кој не само што не е националист, туку кој работи на помирување и кој е подговен да направи чекор плус (веќе изјавив дека ветувам дека во најкус ток ќе научам да комуницирам на албански јазик). Силата на личниот пример од тоа ниво е елемент кој треба да поврзува.

Инпрес: Вие сте нераскинлив дел од македонската интелектуелна јавност. Ставовите храбро ги изнесувате преку колумни, но и преку социјалните мрежи. Што се случува со интелектуалците? Многу случувања во општеството кои се за реагирање со силен глас се премолчуваат. Младите ни заминуваат, интелектуалците како да молчат. Се „ухлебија“ ли премногу или се уплашија премногу?

Проф. Ванковска – Тоа е стара работа – отсекогаш сум се наоѓала истрчана на некоја фронтална линија, а моите колеги се држеле резервирано и ме гледале од страна. Така било порано, а и сега е така. Посилна поддршка имам од т.н. „обични граѓани“ отколку од видни интелектуалци (секоја чест на исклучоците, а ги има). Дефиницијата за интелектуалец која ми е омилена е онаа на Сартр: интелектуалец е човек кој се занимава активно со нешта што лично не го засегаат, а ја засегаат заедницата. За мене вистински интелектуалци ќе бидат сите оние кои овој мој чекор ќе го поддржат како нешто што е важно за сите нас, за нашата заедница и промена на нештата. Тука ќе најдам и домаќинки, ама и студенти, пензионери, професори, работници, невработени… Не сум барала звучни имиња да ме поддржуваат, но на мојот пат среќавам брилијантни и прекрасни луѓе кои се тука кога е потреб но, и бескрајно им благодарам – прават да се чусвтвувам благословено.

Инпрес: Сосема за крај. Ви посакуваме да бидете избрана за претседател на Република Македонија. Доколку се случи тоа, кои ќе се главните точки каде ќе ја насочите енергијата?

Проф. Ванковска – Ако сега на крајот почнам да ви ги образложувам моите позиции ќе треба да направиме интервју во два дела. Накусо ќе посочам дека моите позиции за надворешната политика, за внатрешните состојби, името, АРМ, НАТО или ЕУ се одамна познати. Ќе ми дозволите дека конзистентна платформа би изложила тогаш кога и моите противници ќе ги прашувате за истото. Имам чувство дека јас имам повеќе аргументација изложено и на повеќе прашања осврнато од оние кои со партиска поддршка ќе влезат во траката, а нивните лидери ќе зборуваат наместо нив и тоа во една многу куса кампања. Само ќе ви ветам дека нема да бидам дел од хорот, нема да користам флоскули и папагалски да повторувам фрази. Ќе имам конзистентна и прифатлива платформа, која тогаш со задоволство ќе ја елаборирам пред целата јавност.

Извор: ИНПРЕС