Нема да дозволам булдожер-дипломатија!

Две илјади лајкови и чесно даден збор ја доведоа универзитетската професорка Билјана Ванковска до независна кандидатура за престојните претседателски избори. Чесно, независно, без „црни“ кампањи и голема посветеност кон граѓаните, Ванковска тргна во битката за 10.000 потписи.

ГЛОРИ: Се започна со 2.000 лајкови кои подоцна излегоа многу повеќе. Колку бевте сигурни дека ќе ги соберете овие лајкови?

ВАНКОВСКА: Искрено, не очекував. Одамна сум активна на Фејсбук и знам дека дури и најдуховитите или најпровокативните постови не добиваат повеќе од 1000 лајкови. Се покажа дека се лажам. Со други зборови, погодив некој нерв, некоја темпирана бомба кај граѓаните, кои како да едвај дочекаа нешто да се случи во веќе депресивната политичка јавност. Иако некои велат дека Фејсбук е чиста илузија, јас не мислам така – тоа е можеби една од оазите на слободната комуникација. Таа не е секогаш на ниво, а и се злоупотребува за најлоши мотиви и за ширење на омраза, ама веќе две седмици од тој чин јас чувстввам само активизам, активизам, активизам… Силна желба за промена, за нешто ново.

ГЛОРИ: Може слободно да се каже дека Македонија е земја со најмалку жени кандидати на било кои избори. Како вие гледате на тоа?

ВАНКОВСКА: Па, ако имаме султан-партии (а имаме), се знае каде е местото на жените! Шегата настрана, жените за жал се уште се борат за онаа законска квота од 30 проценти на изборните листи. Но, на ваква висока позиција дури и не сме имале жена-кандидатка, освен Мируше Хоџа. Со тоа ДПА им одржа лекција на мнозина, Хоџа се покажа во извонредна форма, иако беше аутсајдер (имав чувство дека ни нејзината партија не ја поддржува доволно). Но, ако ме прашате мене лично, јас одамна не го чувствувам тој дел од мојот идентитет како примарен: во оваа работа настапувам како личност, а не како жена. Се разбира, мојата појава е сега предизвик за сите женски организации кои со години живеат од грантови за јакнење на женската партиципација во политиката, па сега се надевам дека ќе добијат можност па покажат дека навистина принципиелно се залагаат за тие принципи. Не е важно дали подоцна ќе гласаат за мене, сега е важна поддршката во собирањето потписи, особено затоа што партиите како да не размсилуваат да кандидираат жени.

ГЛОРИ: Имате ли некаков план што понатаму?

ВАНКОВСКА: Зависи од тоа што подразбирате под „понатаму“. Мојата прва цел се 10,000 потписи и сосема сум фокусирана на таа цел, бидејќи ако се урне од независен кандидат како мене, без машинерија и без средства освен сопствената плата, тогаш ќе се урне една значајна психолошка бариера, онаа која се сметаше за „невозможна мисија“. Тоа ќе биде морална победа, не за мене туку за граѓанската свест и желба за партиципација. Понатаму, во трката помеѓу кандидатите, ќе настапам максимално посветено во обид да понудам нешто креативно, како водење некампања (бидејќи мислам дека на граѓаните им е преку глава и од платени политички програми, од говор на омраза, од афери, митинизи, билборди – во ситуациоја кога се борат за егзистенција). Јас водам алтернативна кампања соодветна за 21 век, користејќи ги сите средства и алатки кои стојат при рака и тоа бесплатно – од Твитер до Јутјуб и интенет-страница. Зад себе имам 20-годишен ангажман на јавен интелектуалец и професор и мислам дека не треба сега да им се „пордавам “ на граѓаните со навредлива политичка пропаганда. Во мене ќе добијат автентичен кандидат, личност, која е опкружена со голема група на активисти и волонтери, кои спонтано се собраа околу идејата да си ја вратиме власта, која произлегува од нас (барем така пишува во уставот).

ГЛОРИ: Излегувате на избори како независтен кандидат, или како што велите без никакви финансии. Како планирате да ја рекламирате вашата кампања?

ВАНКОВСКА: Моите млади, ама и постари соработници, се согласуваат со мене: нема потреба од реклама, тоа не е достоинствен пристап ни кон кандидатите ни кон гласачите. Јас имам толку минат труд и сум инвестирала во македонското општество уште во време кона не сум ни помислувала да побарам доверба/потпис/глас. Јас не можам на овие години да се прикажувам ни повисока, ни помлада, ни како верник, и сл. Значи, јас сум јас, ќе понудам идеи и визии за тоа како треба да се врши функцијата претседател, кој би бил жив и гласен, кој би бил совест на општеството и глас на граѓаниет кога елитите ќе заборават кому му служат. Мислам дека голем број симпатии собрав токму по оваа основа, и ќе си останам доследна на тоа. Без оглед на резултатот… да пробаме нешто поинакво, тоа е мојата девиза. Политиката не е т.е. не смее да биде борба на живот и смрт, туку борба на идеи и за добро управување со јавните работи.

ГЛОРИ: На кој дел најмногу се посветувате во вашата кампања?

ВАНКОВСКА: На сите делови! Имам тим, ја делиме работата, ама и се советуваме, дебатираме, разговараме како еднакви. Се разбира, овде станува збор за индивидуалец кој претендиура да врши важна функција, па мојата одлука е последна, бидејќи јас можам да застапувам само тоа во што сум убедена. Но, примам идеи и слушам. Во оваа фаза сме фоксуирани на доброто организирање на процесот на собирање на потписи. Овој систем е поставен не за да му служи на граѓанинот, туку на големите играчи. Затоа мораме да вложиме екстра напори во овој дел. Се бориме и со стравот на граѓаните да прошетаат до канцелариите на ДИК, па и апатијата и недовербата дека нешто можат да сменат. Но, веќе имам во глава и концепт за тоа како ќе настапам во официјалната трка, со кои одговори на горливите прашања. Најсмешно ми беше кога една новинарка ме праша дали тоа ќе го правам сама или ќе ми го пишува некој друг. Се разбира, тоа мора да биде автентична визија на кандидатот, а не на некој зад него/неа.

ГЛОРИ: Што за вас претставува успешен претседател на една земја?

ВАНКОВСКА: Тешко е да се каже, бидејќи некои тежнеат да ја омаловажат неговата улога (сведена на декор или фикус), а други имаат преголеми очекувања. Јас би била задоволна ако ја добијам довербата како независен кандидат, па тогаш би можела да понудам поинаков претседателски мандат. Се разбира, уставните и законски норми го одбележуваат неговиот обем на дејствување. Успех би било внесување на нови критериуми во вршење на должноста, при регрутација на кадрите по принцип на заслуги а не партиска лојалност, домаќинско работење (или добро управување како што го нарекуваме), настојување да се надминат етничките јазови кои не делат, итн.

ГЛОРИ: Македонија е земја во која се се сведува на политиката. Дали мислите дека со ваша помош нешто би можело да се смени?

ВАНКОВСКА: Она од што сме заситени и кон што чувствуваме одбојност е политиката во нејзиниот негативен одраз. Нема организирано општество без политика, без институции и јавни политики, но прашањето е дали тие се одговорни пред граѓаните, дали работат во нивен интерес, итн. Јас веќе менувам со тоа што покажувам дека има политика, политичка партиципација, без посредување на партиските централи и без наредби. Јас немам моќ да натерам некого да стори нешто, можам само да поттикнам. И тоа го правам, засега многу успешно. Она што го покренав за само две седмици е толку возбудливо и ново, што сите сме ангажирани до максимум, а притоа никој не се сомнева дека ова има смисла.

ГЛОРИ: Повеќето од медиумите се опозициони или владини. Мислите ли дека еден независен кандидат може да просперира во една ваква медиумска ситуација?

ВАНКОВСКА: Свесна сум дека иако бев еден од најексплоатираните интелектуалци на јавната сцена (некои велеа дека и од пегла ќе сум излегла, толку ме имало), сега јас сум само клиент кој треба да плати за реклама. Покривање на моите активнсоти ќе биде минимално, колку што бара законот, ако тоа се почитува. Но, јас користам алтернативни и креативни методи да дојдам до граѓаните, а потоа тие до кои ќе дојдам ги замолувам да се ангажираат понатаму. Ова е целосно хоризонтално орагнизирање и мобилизирање, на сосема доброволна основа – и тоа е многу возбудливо и инспиративно. Јас отворено им порачувам на медиумите дека немам пари за нивните буџети. Јас сум постојано на сите социјални мрежи, и тоа се моите „средби со граѓаните“ кои ниту почнаа со оваа кандидатура ниту ќе завршат.

ГЛОРИ: Болна точка во државата се името и односите со јужниот сосед. Што вие мислите за тоа и како планирате да го решите тој проблем?

ВАНКОВСКА: Она што позицијата ќе ми го озвоможи е за прв пат да се информирам за сѐ од прва рака, потоа ќе станам директен учесник во тој процес. Таквите прашања се преголеми за една институција, потребен е ангажман на сите актери, па и јавна дипломатија на различни нивоа. Ако на пример, грчкиот претседател одбива да се сретне со мене, зошто не би граделе други мостови меѓу државите, односно нивните граѓани? Спортски турнири, културни манифестации, младински дружења, академски проекти, итн. Со оглед на тоа дека станува збор за асиметричен спор, јас не очекувам решение за еден претседателски мандат, но додека стоиме пред вратите на ЕУ, ние можеме да работиме на другио начини. Она што знам е дека нема да дозволам булдожер-дипломатија и закани од кој и да е центар на моќ во светот.

ГЛОРИ: Позната сте по крикувањето на ЕУ и НАТО. Имате ли некаков план во врска со овие две прашања кои засега остануваат „нерешливи“?

ВАНКОВСКА: Патот кон ЕУ е отворен, иако ние се „вадиме“ на името. Има толку неевропски работи во нашата земја, што навистина конечно треба да ги направиме за себе. По однос на НАТО, мојот став на мировник и некој кој верува во филозофија на ненасилство останува ист: Македонија е премала и пресиромашна земја за да учествува во мисии како онаа во Ирак или Авганистан, потребна е анализа до кога и по која цена (не дај боже и со човечки животи). Но, тоа е мојот став, а за најважните стратегиски правци на движење на земјата сепак одлучуваат Собранието и Владата, а и граѓаните на референдум (не за името, туку за влез во НАТО и ЕУ). Ако веќе граѓаните сакаат во НАТО, тогаш би се движела во насока на Исланд (земја без војска) или оние примери на земји-членки кои си ги чуваат ресурсите и не бразаат на секој повик од Вашингтон.

ГЛОРИ: Актуелниот претседател во овие 5 години скоро и да го нема во медиумите. Како вие гледате на тоа и како каков претседател се гледате вие?

ВАНКОВСКА: Сакам претседател кој драматично ќе се разликува од сегашниот. Мислам дека со тоа кажав сѐ.

ГЛОРИ: Што ќе промените во земјава доколку станете претседател?

ВАНКОВСКА: Самата победа на независен кандидат ќе биде мала „револуција“ во сфаќањето на политиката. Некои партиски определени колеги велат дека хендикеп би било немањето партиска основа, а јас на тоа гледам како на голема предност. Она што сакам да го сменам веќе почнува – од мојата не-кампања, а ако станам претседател ќе го сменам начинот на живот и дејствување на сегашните претседатели, ќе се откажам веднаш од привилегиите кои му следуваат на бивш претседател, а ако влезам во битка и освојам значителен број гласови, тогаш средствата кои државата ги плаќа по еден добиен глас ќе ги донирам за децата без родители (мајка ми е порасната во дом).

ГЛОРИ: Доколку не победите, планирате ли да продолжите со политиката или се враќате како професор на институтот за безбедност, одбрана и мир?

ВАНКОВСКА: И да си останам професор, ќе си останам активна на политичката сцена како интелектуалец, колумнист, блогер, активист, итн.

ГЛОРИ: Како студентите гледаат на Вашата кандидатура?

ВАНКОВСКА: Всушност, најголемиот ентузијазам го добивам од младите, ама не нужно мои студенти. И тие се возбудени и заинтересирани, ама и многу други од најразлични универзитети и делови на земјата. Сите сакаат да помогнат на свој начин и така учат што е демократија.

ГЛОРИ: Студентите се можеби најзапоставени во државата. Имате ли некаков план во врска со нив?

ВАНКОВСКА: Студентите се повлекле во својот живот и како да чекаат некој друг да им ги реши проблемите. јас честопати и на моите студенти им велам да не очекуваат јас да ги организирам туку самите да го прават тоа. Мислам дека им треба поттик за да се зафатат со менување на нештата, наместо да одат по линија на помал отпор и земаат партиска книшка. Претседателот на Републиката нема големи ингеренции во политиката на високото образование или другите области кои се однесуваат на животот на младите, ама може да го користи правото на суспензивно вето, да отвора дебати, да регрутира според принцип на заслуги, а не по наредба и со партиска позадина. Тоа на младите ќе им ја врати вербата дека можеби нештата ќе почнат да се менуваат подраматично. Некои веќе ми велат дека јас сум им можеби последна надеж дека промена е можна, а дека ако не успеам планираат да си одат по патот – надвор од земјата. Моите три ќерки се надвор, постепено стануваат дел на дијаспора или на нови општества каде се ценат нивните вредности. Јас си ги сакам назад, да бидат од полза за земјата од која произлегле, а и јас да бидам поблиску до внуците наместо да ги гледам преку скајп.

ГЛОРИ: Билјана Ванковска освен кандидат за претседател е и професорка, домаќинка, мајка, баба. Како успевате да излезете на крај со тоа?

ВАНКОВСКА: Тоа е некој квалитет на жените кои за да бидат успешни мораат да бидат „мултитаскинг“. Тука сум докажала дека можам истовремено да работам на различни страни, и одлично се справувам со стрес.

Извор: ГЛОРИ.мк