Ова е битка на Давид наспроти неколку Голијати

Партиски необоена, страстен критичар на мааните во општеството и непресушен извор на аргументирани говори. Билјана Ванковска зборува за претседателската трка во која влезе неодамна и за виталните прашања кои го засегаат ова општество. За партиите е аутсајдер, но таа гордо чекори рамо до рамо со нив. Вели “Ако јас успеам, всушност не успева Ванковска, туку онаа неискористена енергија во општеството и бунт против состојбите од страна на неопределените.”

Што најмногу ве поттикна да ја објавите вашата кандидатура за претседател на РМ, дали зад кандидатурата стои онаа анкета на Фејсбук или некои други многу посуштински причини?

– Се разбира дека причините се суштински. Некому таа “анкета” на Фејсбук му се виде комична, па и несериозна, ама тоа беше “герилски” начин да се поттикине и разбранува јавноста. Зад тој мој чекор лежат години на јавен ангажман, и како професор, колумнист, аналитичар и критичар. Сиот свој живот сум била на политичкиот ринг, ама без партиска определба, а на позиции на она што се демократски вредности. Отсекогаш мислев дека е многу важно дел од интелектуалците да останат на оваа независна позиција без да се вплеткуваат во партиските структури, како единствен начин да го сочуваат својот кредибилитет и да можат да дејствуваат не во нечие име, туку од позиција на вредности. Последниот ангажман кој го имав и преку кој се среќавав и судирав со политичките структури беше јавното заговарање за РЕКОМ (Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства на територија на поранешна Југославија 1991-2001). Покрај сиот двегодишен напор ја удрив главата и сфатив колку сум немоќна и јас, и жртвите и учесниците од конфликтот од 2001, кога претседателот Иванов го запре нашето учество во регионалната меѓудржавна група. Во исто време, пред очи дефилираат и кулминираат готескни ситуации и афери, од кои станувате фрустриран, и повторно немоќен. Во еден момент, ми “пукна филмот” (да кажам народски) и одлучив дека не само што не сум во ништо полоша, туку сум и далеку покомпетентна, почиста и понекомпромитирана од кој било лик на политичката сцена. И си реков: а зошто да не? Зошто не би се кандидирала од позиција на обичен граѓанин? Зошто мора партиите да ни ја кројат судбината во секоја сфера од нашиот живот? И еве тргнав во верба дека во Македонија има барем 10,000 слободомислечки граѓани кои ќе ја сфатат оваа порака и ќе ми дадат поддршка за во вистинската претсетдалска трка да покажам што знам и умеам, и тоа сама и без структури и спонзори.

Дали сметате дека универзитетските професори поради угледот што го уживаат во општеството имаат поголеми шанси да победат во изборните трки?

– За жал, универзитетските професори имаат голем удел во оваа бескрајна и неуспешна транзиција – имаше моменти кога во владата, па еве и на претседателската позиција, биле професори со висок углед, ама со лоши резултати. Мнозина го изгубија угледот кога станаа политичари или станаа должници на политичките партии кои ги кандидирале. Има и такви кои се обидоа и чесно излегоа сфаќајќи дека не можат да придонесат повеќе. Угледот и на професорската фела е паднат, можеби не толку поради оние кои се вклучија во активна политика, туку поради оние кои се салонски интелектуалци и “мудро” молчат без оглед што се случува во општеството.

МОЖЕВ ДА НАЈДАМ ЛЕБ ВО НЕКОЈА СТРУКТУРА, АМА ТОА НЕ БИЛ МОЈОТ ИЗБОР

Сведоци сме дека вистинските интелектуалци сè почесто одбегнуваат да се ангажираат на политички план. Зошто е тоа така и дали вие како интелектуалец чувствувате некаква одговорност да бидете носител на промената во општеството?

– Можеби на мнозина не им се допаѓале моите позиции и ставови, ама никој не може да каже дека не сум била гласна и ангажирана. Веќе дваесет години сум на тенката црвена линија по која општеството се подели на табори, на партиски елити и етнички стада. Да сакав досега безброј пати ќе се вклучев во партиска позиција, но мислев дека некој мора да остане на таа ветрометина, па дури и по цена да ги лути и едните и другите, ама да ја зборува вистината “па таман и небото да се урне”. Мојот за некои контроверзен ангажман, (бидејќи не можат да ме сместат ни кај едните ни кај другите) никогаш не бил мотивиран од некаква добивка или трка по функции – ами токму од чувството на одговорност на интелектуалецот во тешки времиња. Мојата омилена дефиница за тоа е онаа на Сартр дека интелектуалец е оној кој се грижи за нешта кои не го засегаат лично. Јас сум можела или да најдам леб (и со леб) во некоја структура или да се држам на страна, наместо да си создавам моќни непријатели, ама тоа не била мојата позиција, ниту мојот избор. Сега, во овој момент, тоа може да биде меч со две острици, бидејќи јас се обраќам и барам поддршка од оние кои ја сфатиле и почитувале мојата независност и принципиелност; барам поддршка од граѓаните кои се незадоволни од партиските политики и битки на живот и смрт, ама имам и моќни непријатели. Ако јас успеам, всушност не успева Ванковска, туку онаа неискористена енергија во општеството и бунт против состојбите од страна на неопределените.

Можеме да забележиме дека во “чаршијата” функцијата Претседател е често споредувана со онаа на англиската кралица. Каков е вашиот став во врска со ова и сметате ли дека вие можете да го промените јавното мнение во однос на оваа функција?

– Фразата за англиската кралица, се чини, најмногу ја заслужи актуелниот претседател. Низ нашата недолга политичка историја на независна држава сме имале претседатели кои оставале свој белег на начинот на вршењето на функцијата, иако во исти уставни параметри. Тоа зборува дека за таа функција е потребна личност, односно дека квалитетите на личноста можат да направат разлика. Она што со сигурност го знам е дека многу од механизмите кои му стоеле на располагање, претседателот не ги искористил – вклучително и правото на суспензивно вето или почесто обраќање до парламентот (наместо оној протоколарен говор еднаш во годината, кој е најчесто блед и без суштина). Во мојата замисла, на поединец кој тргнал да го раздвижи општеството, претседателската функција е важна поради непосредниот избор, мандатот добиен директно од граѓаните, што може да внесе нов квалитет во вршењето на оваа функција. Мене никој не би можел да ми каже дека му ја “должам” победата и дека треба да одработувам за тоа, јас би им одговарала само на граѓаните и на уставот.

Кои се инструментите со кои претседателот може “да и додева” на Власта, колку тие денес се користат и дали вие планирате да ги користите доколку ја добиете таа прилика?

– Веќе ги споменав суспензивното вето и обраќањето до парламентот. Ветото е навидум слаб инструмент, ама кога станува збор за закони кои задираат во човековите права (како тие од сферата на работничките или женските права, на пример, или дури и автономијата на универзитетот), претседателот е должен да бдее будно и да реагира, особено кога доаѓаат силни пораки “одоздола”, од граѓаните и групите. Со правна аргументација може да помогне да се отвори дебата, може да опомене, може да го искористи и својот морален авторитет во обраќањето до другите власти. Досега уставната норма за обраќање до парламентот се толкуваше и практикуваше ригидно, па претседателот ќе одржеше еден говор годишно – и толку. А уставот дозволува повеќе од тоа – замислете го претседателот Иванов како му се обраќа на парламентот после настаните од 24 декември! Знам дека е тешко да се замисли, ама тоа мораше да го стори, ама во реалноста не се осмели. Претседателот не смее да излегува од сутавните и законските норми, но може да поттикнува дебати во насока на создавање клима за национален консензус за деликатни прашања. Може да послужи и со својот личен пример во андминувањето на етничките и други стереотипи кои ги делат граѓаните. Можности има многу, ама тоа може да го направи само активен и гласен претседател, кој патем, би бил почесто изложен и на ТВ дебати, разговори со новинари и слично, а не би се криел зад соопштенија на својот Кабинет.

ЌЕ ВНЕСАМ И СВЕЖИНА И ПОТТИК ВО ДЕБАТАТА

Зошто глас за Ванковска, што Вие ќе им понудите поразлично на граѓаните?

– Дозволете да ве коригирам – сега е прашањето зошто потпис за Ванковска? За глас ќе стане збор ако се пласирам во трката. Некои ме прашуваат како ќе решам некои прашања како претседател или кои се моите ставови и визии за иднината на земјата, но мојот одговор е: во оваа фаза не го барам вашиот глас и бланко-доверба. Барам само шанса да ги изнесам овие ставови на рамноправна основа со останатите официјални кандидати. Убедена сум дека претседателската дебата и изборите ќе бидат сосема нешто различно со мене како учесник. Можете ли да замислите некој кандидат (без оглед од која партија ќе доаѓа) кој ќе каже гласно дека не смета дека му е хендикеп што е атеист, што е за ненасилство (па вклучително и не е за влез во НАТО и учество на мисии во Ирак и Авганистан), итн.? Ние живееме во општество кое се одрекло од поинакво мислење, и се фатило за тезата “немаме друга алтернатива”. Јас ќе внесам и свежина и поттик во дебатата со сосема поинакви аргументи од оние клишеа кои ги слушаме 20-тина години.

Досега Македонија во својата независност имала четири претседателски избори, на сите тие победиле мажи. Дали Македонија е подготвена за жена претседател?

– Точно е, сите беа мажи, ама жените не добија баш голема шанса да се борат (со исклучок на Мируше Хоџа зад која имам чувство дека ни нејзината партија не се ангажираше доволно). Јас лично не се перцепирам себе си исклучиво како жена, туку сум првенствено изградена и зрела личност. По таа основа сум еднаква со секој маж. Дури и во однос на прашањата за војската и одбраната сум постручна од најголемиот број кандидати (патем имам докторирано на улогата на војската во политиката и цивилно-воените односи). Ако досега јавноста во мене не гледала жена, туку професор и личност со став и интегритет, не знам зошто одеднаш би ми бил хендикеп фактот што сум жена. Но, имате право дека мојата кандидатура е предизвик за сите оние кои 20 години работат на проекти и со грантови за оснажување на женското учество во политиката – сега се и тие на потег за да видиме дали знаат да ја препознаат својата мисија и да дадат потпис за единствената жена која се одлучила сама, без организирана структура, да тргне на овој пат. Мојот пат би можел да биде инспирација за многу жени (земете го фактот дека немаме жени градоначалнички, а партиските раководства жените ги третираат како демократски декор или воопшто не ги вклучуваат освен кога мораат поради квотата од 30% за изборните листи). Јас би сакала на овој пат да успее личноста, а не жената во мене. Македонија стганува се поконзервативно општеств о, а женските права се се почесто на удар, ама ова е шанса токму жените да препознаат свој сојузник во мене – тие се половина од популацијата, зар не? Овде станува збор и за прашањето, зрели ли се женските организации, жените воопшто, да поддржат ваква опција во оваа фаза (подоцна се разбира ќе можат да гласаат не за жена или маж, туку за визија и опција).

ИДЕОЛОШКИТЕ РАЗЛИКИ СЕ ОДАМНА СТОПЕНИ ВО ПАРТИСКИТЕ ПОЛИТИКИ

По убедување сте левичар, колку левицата е навистина левица и колку десницата е навистина десница во Македонија?

– Идеолошките разлики се одамна стопени во партиските политики кои одат кон собирање на сите гласачи, со најконтроверзни понуди и непринципиелни политики. Да, јас себе се дефинирам во крајната левица, ама не можам да препознаам таква сила на нашето политичко небо. Во однос на функцијата претседател, моите идеолошки и други убедувања, не можат да бидат пречка за никого – бидејќи ингеренциите се строго дефинирани, ама во делот на отворање на различни призми на гледање, моето учество би било квалитет плус. Морам да појаснам дека јас сум тргнала по патот на барање граѓанска поддршка од оние кои се збунети и разочарани од сето она што партиите им го нудеа, и затоа им нудам личност, а таа личност има свои јасни позиции, меѓу другото, и идеолошки. Но претседателот мора да биде претседател на сите граѓани, без разлика на нивната партиска, идеолошка, верска, етничка и друга определба. Моите ставови ќе останат мои (јас нема да бидам лидер на партија), а граѓаните ќе морам да ги почитуивам покрај сите разлики кои ги носат со себе.

Македонија со години го води апсурдниот и долг спор со Грција околу името. Од една страна евентуалната промена на името претпоставуваме дека може да доведе до промена на јазикот и промена на идентитетот, но од друга страна Македонија надвор од ЕУ и НАТО континуирано пропаѓа на секој план, а ултиматумот за влез во овие унии е промена на името. Каков е вашиот став во однос на оваа ситуација?

– По ова прашање сум била отсекогаш јасна: спорот со Грција не е спор во врска со името на државата, туку на македонскиот национален идентитет – инаку, Грците не би испорачувале серија подуслови околу начинот и обемот на употреба на името и придавките. Она што на Македонија и треба е некаков политички и национален консензус, за да ова прашање не ни се враќа како бумеранг и со нас да не си поигруваат, ударајќи таму каде што сме најслаби, вртејќи не едни против други. Ова прашање е пресериозно за да им се остави на политичари кои немаат ни уставни ингеренции да решаваат и договораат нешта во тајност. Првата работа која ќе мора да се стори и демистификацијата на целиот процес. Политичарите им одговараат на своите граѓани, а не на странските дипломати и центри на моќ. Кога дома ќе се разбереме, полесно ќе зборуваме во еден глас, а не како раштиман оркестар, со светот.

Дали независен кандидат може да извојува победа покрај двата партиски гиганти кои ќе водат валкана и дрска кампања?

Првата голема победа ќе бидат 10,000 потписи. Тоа се уште некои го сметаат за невозможна мисија. Ќе сторам се за оваа психолошка бариера да се урне – важно е граѓаните да се оснажат и сфатат дека тие ја креираат понудата за претседателските избори, а не исклучиво партиските структури. Кога ќе дојде време за вистинска битка, ветувам дека ќе дадам сè од себе за да внесам квалитет плус во дебатата и да ја заслужам довербата на граѓаните. Имате право, ова е битка на Давид наспроти неколку Голијати. Кога гледам со какво однесување и дури агресивност настапија членовите на една нова мала партија во битката за потписи, тогаш е јасно дека ќе бидат бескрупулозни и подготвени на сè и во натамошниот дел од битката. Важно е дека не се плашам од пораз, а работам за што подобар резултат.

ПАРТИИТЕ НИ ПОКАЖУВААТ ДЕКА Е ВАЖНА НИВНАТА ПОДРШКА, А НЕ ЛИЧНОСТ

Зошто големите политички партии уште калкулираат со претседателските кандидати и што тоа воопшто говори за степенот на демократија во Македонија?

Мене ми е многу жал што е така. Особено голем недостаток е неучеството на албанските партии, т.е. одбивањето да излезат со свои кандидати, иако тие ја имаат инфраструктурата и можат лесно да соберат потписи. Знам дека станува збор за внатрешнопартиски и меѓупартиски комбинаторики, но нели е жално толкави организирани групи досега да немаат искристализиран став за тоа кој е нивниот фаворит, кои се најдобрите? Тоа зборува за непочитување на личноста на кандидатите, бидејќи се зависи од машинеријата. Да беа некакви предвремени избори, и да ги разберевме. Ама на редовни претседателски избори да се нема јасна претстава за својот кандидат, тоа е несфатливо и несеризоно. Со тоа партиите ни покажуваат дека е важна нивната поддршка а не личноста (во некои случаи, партиските членови и воопшто не си го знаат кандидатот, што доволно зборува “кој е главен” во целата приказна). Затоа таквите кандидати се подоцна должници и марионети на своите партиски машинерии.

Извор: Глобус