Анима Мунди ја поддржаа Ванковска во постапката за собирање потписи

Активисти и пријатели на животните, ве информираме дека вчера добивме писмено обраќање од проф. Билјана Ванковска, претендент за кандидат за претседател на Р. Македонија, и истото во продолжение ви го доставуваме во интегрална форма. Анима Мунди ја поздравува постапката на проф. Ванковска, нејзините ставови во однос на правата на животните, нивниот третман во државата, хуманоста – прашања кои нас активистите за права на животните суштински нè засегаат.

21 февруари 2014
Од: Проф. Билјана Ванковска – претендент за кандидат за претседател на Р. Македонија
До: Здружение за заштита на животните АНИМА МУНДИ

Почитувани пријатели и активисти за правата на животните,

Дозволете ми најпрво да Ви се претставам и, се разбира, да ги објаснам причините за моето обраќање до вас.

Веројатно, многумина од Вас ме познавате како долгогодишен професор и коментатор на општествено-политичките збиднувања во нашата земја. Во изминативе години секогаш сум настојувала да посветам внимание на секое побитно прашање кое го засегнува пред сè поединецот во нашето општество, на оние кои во овој црно-бел свет, речиси никако да го добијат должното внимание.

Почитувани пријатели, во изминативе годинини станува сè појасно дека целокупниот јавен простор е окупиран од страна на двете поголеми политички партии кои, освен по идеологијата за која се застапуваат на хартија, нималку не се разликуваат во методите на нивното дејствување. Ова особено важи кога станува збор за прашањата кои ги засегаат таканаречените малцински групи во кои спаѓаат и правото на здрава и незагадена животна средина.

Ова отсуство на избор помеѓу левата и десната опција се огледа токму во последната предлог-одлука за комунален ред на Советот на Град Скопје со која се предвидува забрана на чување, грижа и хранење на бездомните животни на јавните површини во нашиот град [ 1 ][ 2 ].

Во секоја нормална држава бездомните животни се грижа на институциите, и тоа преку конкретни мерки инспирирани пред сè од потребата да им се обезбеди достоинствен живот, а никако преку вакви ниски и пред сè нехумани обиди за нивна елиминација. Не само ова, туку од Градот Скопје треба да бидат благодарни што активистичките здруженија како Анима Мунди ја вршат работата за која однапред се платени од даночните обврзници. За жал, далеку сме од земјите каде вдомувањето на овие животни и медицинската грижа се составен дел од политичката култура. Во Скопје и Републиката, движењето на сопствениците со своите миленици во јавниот превоз или пак во јавни објекти сè уште претставува табу тема, додека пак труењето на бездомните животни минува неказнето.

Уште позастрашувачки е фактот што не слушнавме ниту збор од опозицијата која во вакви услови би требало да биде најгласна и прва да истапи со отпор кон една ваква грозоморна мерка која се изедначува со фашистичките логори на смртта.

Од тие причини, ве повикувам да се придружите на сè побројниот фронт на неопределените и како и останатите условно кажано малцински групи, заеднички да истапиме против овој игнорантски однос кон граѓаните чиј единствен деноминатор се правата, принципите и идеалите за кои се залагаме, а не привилегиите врз основа на етничко-партиската припадност.

Драги активисти, некои ќе искоментираат дека овие претседателски избори не се најсоодветни за т.н малцински прашања како на пример правата на животните. Но, Ве уверувам во спротивното. Имено, токму првиот човек на државата е оној кој влијае на јавниот дискурс и има одговорност во создавањето на едно хумано општество во кое сите граѓани заслужуваат посебно место.

Но, за ова потребно е заедно да се избориме и тоа со силата на својот ПОТПИС!

Од овие причини, си ја земам слободата да Ве повикам, што побрзо и масовно да ја поддржите инцијативата за собирањена 10.000 потписи за кандидатурата и со тоа заеднички да обезбедиме можност прашањата кои ги засегаат активистите за права на животните да го добијат должното внимание во кампањата за Претседател на Република Македонија.

Искрено Ваша,
Проф. Билјана Ванковска

[ 1 ] „Анима мунди“: Градот да воведе категорија „старател на бездомно животно“, а не да забранува нивно хранење!
[ 2 ] Предлог одлука за комунален ред во градот Скопје

Извор: Анима Мунди – здружение за заштита на животни