Polites contra idiotes

Секогаш кога на студентите треба да им ја објаснам разликата што во античките полиси се правела во однос на слободните луѓе, кои биле нарекувани polites или idiotes, зависно од нивниот ангажман во вршењето на јавните работи, првата реакција е смеа. Некако им доаѓа смешен зборот idiotes, кој се разбира им асоцира на нешто сосема друго. Зборот, а особено суштината на она што се нарекува polites не им е јасна. Но мојата задача како професор е токму да им помогнам да го сфатат тоа, а не е ни грев кога млади луѓе на 18-19 години сѐ уште не го знаат полното значење на зборот граѓанин. Многу пожално е што оваа дистинкција не ја разбираат ни мнозина меѓу возрасните.

Дозволете, сепак, да појаснам – иако на оваа тема најмногу пишував пред токму 10 години, кога сметав дека е погубно за политичката култура на една нација, на еден демос, да му се попречува слободата на слободно изразување на ставовите по прашања од локален и јавен интерес, или дури и да се застрашува за да не излезе на референдум. Ќе речете дека античката демократија не е релевантна во современите претставнички системи, и ќе имате право – ама, има едно големо АМА…

Но да тргнам од почеток, и накусо: polites e називот за граѓани (или она што ние можеби и тавтолошки го именуваме како „активни граѓани“); во полисите се практикувала непосредна демократија, во која политичката работа била и доблест и одговорност кон заедницата. Оние што му се предавале на егоизмот, личниот интерес, задоволства и не покажувале грижа за општото добро, биде нарекувани idiotes.

Секогаш кога ќе дојдам до оваа лекција, во мене се буди еден глас што прашува: а дали денес можеби „активни граѓани“, т.е. учесници во политичкиот процес не се само дел од привилегираните елити, конституирани во партии. Дали пошироката јавност, граѓаните, не се повикуваат во нивниот рај само за време на избори, кога им се дава чувството дека (божем) одлучуваат за себе, за заедничките работи и за својата иднина? Или можеби се соочуваме во бизарна ситуација во која единствени што можат да се вбројат во категоријата polites се оние што се idiotes, затоа што одамна заборавиле дека јавните функции ги добиле за да работат за општото добро, а не за лични привилегии.

Начинот на кој идејата за демократијата се преточи/преточува во практика тешко дека заслужува каква било пофалба, не само од позиција на политиколог туку особено од позиција на граѓанин. Македонија не доживеа „пролет“, а веќе се најде во дождлива и каллива политичка „есен“. Долго време ги анализиравме причините за тоа, понекогаш жестоко критикувајќи, а понекогаш убедувајќи се дека секоја демократска трансформација е долг и тежок процес, па дека треба многу време и напор да се изградат демократски институции, демократска политика и граѓанска политичка култура. Но на тој пат како да се побркаа нештата: едноумието се замени со партитократија, во една ситуација во која политиката се деградира на партиска „политика“. Јавната сцена личи на гладијаторска арена, односно станува беспоштедна битка на живот и смрт. Левијатанот на партизацијата метастазираше и се прелеа во сите сфери на општественото живеење, така што слободата е задушена во почетокот затоа што е диригирана од одредени центри. Во таква ситуација, граѓаните (ако можеме така да ги наречеме луѓето сведени на поданици) станаа очајници што мораат да фатат страна за корка сува леб или лица што се повлекоа во сопствената лушпа и сопствениот очај. Некаде помеѓу се оние што се трудат да бидат глас на безгласните и оние помладите, гневни и желни за радикални промени. Нивната дејност и активизам се девалвирани до таа мера што воопшто и не се сметаат за занимавање со res publica. Сѐ што е надвор од партиските сенки се смета за безначајно, па борбата на партиски елити (кои понекогаш дури и фингираат идеолошки и други судири) се прогласува за единствено признаена политика.

Секоја критика што доаѓа надвор од тој круг на „избраните“ (од судбината, историјата, итн.) се дочекува како атака на политиката. Оние што ја злоупотребуваат политиката и борбата за гола власт се кријат зад наметката на демократијата, кога бараат респект за себе и она што го прават. како таква), а не на начинот на кој тие ја остваруваат. Елитите веруваат дека се навистина единствена автентична слика и олицетворение на народот. Одговорот на аргументираните критики е или игнорирање и молк (карванот си врви додека кучињата-чувари лаат) – или евентуално се возвраќа дека е лесно само да се критикува и „филозофира“ (без да се сфати дека филозофирањето не е ништо друго туку промислување), без да се проба да се стори нешто, да се има „автентично политичко искуство“, односно да се понесе одговорноста. Другата теза е дека критичарот е всушност лузер што, како и лисицата во басната, вели дека „грозјето е кисело“, и критикува поради критика и завист што не е на нивното место. Намера да ги консумираш во целост своите политички права (да избираш, ама и да бидеш избиран) предизвикува тревога. Неочекуваните „упади“ во таа сфера од некој „случаен“ аутсајдер, граѓанин на кој му е прекуглава да го објаснува светот без да го менува, се дочекуваат со подбив и со порака дека „новодојдениот“ ѝ должи на јавноста објаснување и оправдување за тоа што се премислил околу учеството во политиката. Но преминувањето на „црвената линија“ што ги дели обичните смртници од оние што се предодредени за политички функции за мнозина во македонското општество е одраз на храброст!? Дојдовме дотаму да се потребни храброст и одважност да влезеш во „окупираната“ јавна сфера!
Политиката ни е киднапирана, одземена, а потоа дозирана во мера што некој ја посакува. Час ќе ви дадат сигнал за старт, час ќе ве пасивизираат и дисциплинираат. Тоа е расчовечена, дехуманизирана политика, односно негација на сето она што политиката треба да претставува, како свест за заедницата и работа за нејзиното добро.

Политиката е многу повеќе од борба за власт и во вистинските демократии се остварува низ различни форми и на различни нивоа – од богатите академски дебати до јавниот дискурс во граѓанскиот сектор, односно од агората до современите социјални медиуми. Сето тоа е или треба да биде, на еден или друг начин res publica, a базичен предуслов за постоењето на заедницата на луѓето што се по дефиниција zoon politikon (односно имаат генеричка потреба од заедница и живот во таква заедница во која ќе влегуваат во различни меѓусебни односи) е постоењето на субјект, кој е граѓанин во вистинска смисла на зборот, односно кој е некој што со својот ангажман го надминал нивото на сопствениот опстанок или благосостојба, и кој се занимава и грижи за заедницата. Да, во таквата слободна заедница може и треба да има и „случајни“ носители на политички функции, бидејќи само така сите тие нема да бидат царство на некои надлуѓе, туку опција за секој граѓанин. Елитизмот падна на толку ниски гранки што е време за случајно прошетување и проветрување. Дури и по цена на добивање животна лекција за сопствениот аматеризам.

Извор: Нова Македонија