Помеѓу гневот и лагите

Ја знаете онаа стара изрека за „мирна Босна“? Таа е одек од дамнешни времиња, кои силно одѕвонуваат и денес. Она што го гледаме низ Босна е потсетување дека е полесно да почнеш војна (вклучувајќи граѓанска) отколку да создадеш услови за траен мир и пристоен живот. Кога животот ќе стане неподнослив, кога ќе дојде до отрезнување од сите лаги и ветувања, на површина избива гневот и се излева каде што ќе стигне. Велат дека дошло до тоа дереџе во кое не само што политичките елити сосема го загубиле легитимитетот туку и самиот систем станува нелегитимен кога не одговара на барањата и интересите на оние поради кои постои. Оцените се поделени: некои видоа „среќа во несреќа“, бунт против неспособни и корумпирани елити, видоа и револуција. Други го видоа митскиот Херостат, кој пали сѐ пред себе (вклучувајќи го и Државниот архив со безброј вредни документи, важни за нормалното функционирање на општеството), видоа грабежи, деструкција без никаква смисла. Од воодушевување дека на народот му пукнал филмот и кажал „Доста е!“ до страв дека Босна влегува во уште понесигурен период, во кој е нејасно кој би се издигнал како спасител. Досега ги „спасуваа“ странците, кои не создадоа држава заснована на заеднички основи, на граѓанство. Создадоа Франкенштајн (в година ќе наполни 20 години!), скап систем на ентитети, на етнички стада, на компликувано донесување одлуки – ама не се создадоа ниту демократска култура, функционални институции, ниту услови за економски развој, за вработувања. Ако ме прашувате мене, јас видов несреќна Босна, видов народ со кој тагував кога страдаше како никој друг во војните од 1990-тите, ги видов новите генерации, децата на оние што војуваа и страдаа, кои сега повторно се соочени со безизлез. Не е никаква среќа во несреќа да тргнете водени од гнев и очај, неорганизирано, без идеја, без структура и без знаење – што во денот потоа.

Жално е што и таму (како и ваму), за 20 години не се издигна движење или сила што ќе води кон внатрешна интеграција, која ќе ги урне етничките и кантонални бариери и која ќе се обиде да ги залечи раните од војната. Ваква Босна, без оглед кој ќе ја води, останува неодржлива и немирна!

Ние се подготвуваме за претседателски, а најверојатно и парламентарни избори. Природно се наметнува прашањето дали е време за избори. Што ќе сменат тие? Имаме ли избор од она што ќе ни се понуди? Или сме фатени во замка, слична на онаа од Босна (иако без нејзините воени трауми)? Дали е непристојно да се подготвуваш за нормален демократски процес кога ништо наоколу не е нормално, не е такво какво што треба да биде? Дали гневот и камењата се она што ќе повлече напред, што ќе им прати сериозна порака на оние „горе“ дека не сакаме децата да ни растат во стада (поделени по партиска и етничка основа), со кредити што ќе ги отплаќаат и нивните деца (ако останат во Македонија)?

Мојот одговор е принципиелен: насилството раѓа насилство! Дури и кога е поведено со високи морални или хуманитарни цели, или од демократски држави. Цената во деструкција и крв ја плаќаат најчесто оние што и најбргу ќе бидат заборавени по воспоставувањето на новата елита. Насилните протести може да донесат краткорочни ефекти (неколку оставки – и толку!). Ако некој во регионот покажа како се штрајкува и протестира масовно, тоа го покажаа грчките граѓани. Но никакво фајде не видоа од тоа, па тргнаа во организирање. И тоа во две спротивни насоки: едните кон Зората (макар и позлатена – сепак мрачна и погубна), а другите кон Сириза.

Ненасилството не значи пасивност! Тоа е патот на похрабрите и поинвентивните, на оние што ќе најдат начин да дојдат до целта без жртви, дури и кога се колатерални. Ненасилните акции не се потпираат на Месија, туку на иницијатива по хоризонтален принцип, со поврзување, со создавање чувство на заедништво и солидарност, а потоа и преточување во конкретен потфат. Изговорот за насилството најчесто е дека „се нема излез“. Но контрапрашањето е дали навистина претходно е сторено сѐ за да не дојде до спонтан (или не толку спонтан) изблик на гнев. Дали сме ги искористиле сите институционални механизми? Дали сме работеле на оснажување, долу во општеството, за да смениме макар и едно камче во пирамидата? Да, ние не сме против системот, тој е против нас – без оглед дали треба да добиеме некоја услуга или да се вклучиме во политичката игра на големите и моќните! Во секој обид првиот чекор е најтежок, а поединецот застанат пред естаблишментот најпрво ќе го обвинат за „лична амбиција“, небаре тие таму се предодредени за амбиции и функции, кои успешно ги наплатуваат со години. Поединецот ќе остане ситен, мал и безначаен – сѐ додека не почне околу себе да собира позитивна и конструктивна општествена енергија, која потоа зема сопствен замав. И тогаш веќе престанува да станува збор за поединецот, туку за сите наоколу што се идентификуваат со Јас/Ние!

Многу години минаа попусто! Многу време во кое деца пораснаа и станаа полнолетни, токму за да поднаучат нешто и да земат иселеничка виза. Ние овде остануваме и разочарани и соучесници, бидејќи не се осмелуваме да влеземе во рингот што сме им го предале ним. Во миг кога секаде наоколу татни, хоризонтот се затемнува, кризата продлабочува, а на површина се размавнуваат со милиони евра небаре се конфети, кога ги чувствувате сиот гнилеж и духовна, политичка и економска беда, крајно време е да се избегне Босна. Еднаш бевме блиску, сега се доближуваме – со секое ново задолжување, со тапкање во место, со фрустрацијата, која расте. Наместо да се излее на улици, подобро е да се разгледаат сите преостанати алтернативи за артикулација на гневот и негово претворање во сила што може да создаде општествена трансформација. Секој обид е легитимен, секој може да биде утока што ќе се влее во матицата. Тоа е она што со години го предавам и го нарекувам користејќи еден англиски израз – empowerment. За ова имаме наш израз „оснажување“ ама некако звучи туѓо, можеби затоа што не сме го практикувале, затоа што го немаме вградено во слабата политичка култура? А потенцијал има, тука е, само бара начин да се изрази. Ова го имам почувствувано неколкупати во пократки интервали; последниот пат стануваше збор за Сократовци. Сега повторно го чувствувам тој свеж здив и го гледам како расте и се материјализира во форма на акција. Понекогаш јас ја водам, ама сѐ почесто таа мене ме води. Ја водат и ја мултиплицираат многу млади луѓе што некако самите се пронаоѓаат и поврзуваат.
Мојата генерација сѐ почесто станува генерација на опортунисти или циници. И најумните често велат дека не можат веќе да веруваат во алтернативи. Но токму ние што сме на чекор од цинизам и дигање раце од сѐ должни сме и да го направиме и последниот обид. Мартин Лутер Кинг говореше: „Преземи го првиот чекор со верба, не мораш да го видиш целото скалило, но преземи го првиот чекор!“