Проф. Ванковска и Џек Николсон

Што имаат заедничко проф. Билјана Ванковска и Џек Николсон? На прв поглед –ништо. Тој е актер, таа професорка. Тој бик, таа шкорпија. Тој има зелени очи, таа кафени.

На втор поглед, ако се потсетиме на улогата на Џек Николсон во филмот „Лет над кукавичкото гнездо“,од една страна, а од друга, ако го замислиме нашето општество како лудница (што и не е така тешко), тогаш проф. Ванковска и ликот на Џек Николсон имаат и тоа како многу заеднични нешта.

Ова се највпечатливите две:
– Прво – во менталната болница во којашто се одвива дејствието на овој филм, ликот на Џек Николсон е единствениот разумен и вистински слободен човек, без влакна на јазикот, единствениот независен поединец помеѓу двата главни табора – таборот на кутрите, потиснати пациенти, и таборот на лицемерните доктори кои ги заплашуват и трујат своите пациенти со зголемена доза лекови за да ги држат под совршена контрола.

Слично на ова, во нашето мало општество, проф. Ванковска е независен поединец сместен меѓу два слични такви табора: таборот на потиснатите граѓани, принудени да бираат една од двете доминантни партии, и таборот на властите, оние коишто со мачни заплашувања и зголемена доза пропаганда ја успиваат свеста на своите граѓани за да ја задржат под сопствена контрола.

– Второ – во лудницата, ликот на Џек Николсон е единствениот кој го предизвикува расипаниот систем, единствениот кој поттикнува право на слободен избор и создава автентично чувство на живост.

Слично на ова, кај нас, во овој момент, во пресрет на изборите, Билјана Ванковска е единствената што го предизвикува закоравениот систем и се труди да отвори можност за вистински слободен избор, таа е единствената што нуди автентично чувство на демократска живост, живост што ја чувствува секој нејзин соработник и поддржувач, живост што произлегува од укажаната можност да се биде дел од нешто различно, спонтано но истовремено и големо, нешто што би можело да биде преседан во нашата поширока заедница, па дури и – а зошто да не? – гордо да нè претстави во најпозитивно светло, во глобални рамки.

Може да се направат споредби со многу сцени, но има една сцена којашто е посебно индикативна. Тоа е онаа сцена во која Џек Николсон се обидува да го подигне огромниот мермерен блок од бањата за со него да го сруши ѕидот, и да избега од лудницата. Нема да успее во обидот, но сосем гордо ќе изјави: „Барем се обидов, нели?“ Оваа сцена е крајно шокантна за пациентите, но истовремено и страшно мотивирачка. Токму оваа сцена ќе го натера Поглавицата, лажно немиот индијанец, на крајот од филмот да го подигне истиот овој мермерен блок, да го сруши ѕидот и да се ослободи.

Во видео-интервјуто од 27 јануари (Анализа24 на Вести24), проф. Ванковска изјави: „Мислам дека дури и мојот предвидлив неуспех би бил голем придонес кон демократизацијата на општеството, во будењето на еден бран на оптимизам, на верба дека можеби поединец, или група поединци кои се здружени околу некаква заедничка идеја можат да го сменат општеството кое е во канџите на големите партии.“

Професорката Ванковска го направи најважното. Таа разбуди еден моќен бран на оптимизам. Сега е наш ред. Толку е едноставно. Секој од нас со полни осумнаесет години треба да одлучи која улога ќе ја игра. Секој од нас има три можности: или ќе ја заземе улогата на кутар пациент кои ќе продолжи да ги трпи малтретирањата од страна на системот, или ќе застане на страната на лицемерните „доктори“ и стражари што ги трујат и уништуваат животите на своите сожители, или, едноставно, ќе постапи како самосвесен разумен поединци кој има храброст да преземе нешто околу својата слобода.

Лажно немиот Поглавица, кој на почетокот од филмот се сомнева во својата „големина“ (читај – храброст), на крајот од филмот, пред да избега од болницата, вели: „Сега можеме да успееме, Мек. Сега се чувствувам голем како планина.“

Голем дел од нас се самосвесни и гласни, но сите знаеме дека многу поголем е бројот на оние што се неми. Лажно неми. Секој од нас треба да одреди колку голем се чувствува, и само од тоа ќе зависи дали ќе постапи слободно и независно, или ќе биде ментален роб на сопствената исплашеност (или летаргичност). Ако сме свесни за значењето на сопствениот глас, и ако веруваме дека треба да имаме право на вистински слободен избор, би требало да се потрудиме да си го овозможиме тоа право. Вакви шанси ретко се добиваат. Мислам дека во овој период од нашите животи, давањето потпис за поддршка за проф. Ванковска во нејзината кандидатура за претседател е најголемата, единствената шанса да му овозможиме вистинска слобода на сопствениот глас.

Автор: Живко Грозданоски

Извор: Струмица Онлајн