Родова солидарност или здрава политичка програма

Единствената жена-кандидат за претседател на Македонија, Билјана Ванковска, ги собира потписите во отсуство на посилна и јавна поддршка од женските организации и, пред сè, од жените-политичари, кои се најангажирани токму во промоцијата и заштитата на родовите права.

ОБЕСХРАБРЕН ЖЕНСКИОТ ПОЛИТИЧКИ АНГАЖМАН

Акцијата на професорката Билјана Ванковска за собирање десет илјади потписи од граѓаните, потребни за кандидатурата за претседател на државата, се чини е најновиот барометар за демократската, но и за родовата свест во Македонија. Информациите од локалните канцеларии на ДИК за текот на депонирање потписи на листата за единствената жена-кандидат во претседателската трка не се оптимистички.

Малиот број собрани потписи потврди дека граѓаните не се подготвени да поддржат нечија независна кандидатура, а особено ако нејзин носител е жена.

Показател за тоа е очигледното отсуство на јавна поддршка од женските невладини организации, кои по природата на нештата би требало да бидат најмногу заинтересирани во претседателската трка да влезе и жена. И самата Ванковска посочи на ваквото отсуство на поддршка.

Љубомора или пасивност

Ако во наредните денови не се подобри одѕивот, можно е Ванковска да ја доживее судбината на својата претходничка, Слаѓана Тасева, која на претседателските избори во 2009 година не успеа да го помине претквалификацискиот круг. Тасева се откажа само еден ден пред истекот на рокот за собирање потписи бидејќи ѝ недостигаа околу 2.000 потписи. И Тасева, а сега и Ванковска се соочија со исти технички проблеми околу депонирањето на потписите, а нивните главни забелешки се однесуваат на ситните опструкции во организацијата на ДИК за собирање на потписите за независните кандидати.

– Немам компјутерски и аналитички центар, туку самата се снаоѓам со помош на граѓаните да ги дознаам точните бројки на собрани потписи, па тешко би дала прецизен одговор за тоа колку мажи, а колку жени ме поддржуваат. Имам впечаток дека е бројката изедначена. Но имав контакти со женските организации, меѓу кои со СОЖМ, и добив начелна поддршка од нив, како и еден статус на охрабрување на Фејсбук, но истовремено и укажување дека „жените не им даваат секогаш поддршка на жените“, па дури и дека може да владее љубомора или пасивност – вели Ванковска.

Таа појаснува дека не бара глас, туку потпис, и дека тоа е најмалку што можат да направат женските организации.

– Се разбира дека жените не мораат да гласаат за жена, бидејќи ќе одлучат според својата партиска определба или квалитетите на кандидатите, но овде се работи за давање шанса да има барем една жена во трката – вели разочарано Ванковска.

Негативни реакции, омаловажувања и потсмев

Националниот совет за родова рамноправност – СОЖМ во почетокот на рокот за собирање потписи испрати јавно соопштение со кое апелираше до членките и до сите жени во „интерес на целокупното женско движење“ да се даде својот потпис за професорката Ванковска.

– Не е лесно да се соберат 10.000 потписи, не само за жена туку и за кој било независен кандидат. Но кога станува збор за жените, сè уште владеат стереотипи. Жените сметаат дека е доволно што во Уставот во членот 9 стои дека сме рамноправни, иако во реалноста немаме еднакви можности. Можеби слабиот интерес на жените произлегува првенствено поради досегашното искуство од кандидирање независни кандидати, кои подоцна се гледа на која политичка опција ѝ се блиски или ѝ припаѓаат. Постои недоверба кај граѓаните дека сè е „обоено“. Би рекла повеќе има партиска отколку етничка или родова поделеност – вели Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет за родова рамноправност – СОЖМ.

Што се однесува до јавната поддршка од женските невладини организации и особено жените-интелектуалци или политичари, вклучени во активностите за родова еднаквост и женска партиципација во политиката, според Ванковска, ситуацијата е навистина бизарна.

– Први со негативни реакции, со омаловажувања и потсмев, па дури и со закани дека ќе воделе негативна хајка ако соберам потписи, се јавија видни жени-професори, кои не само што се активни во невладиниот сектор туку и самите се кандидирале за политички функции или биле носители на пратенички мандат. Поголема и поконкретна поддршка засега чувствувам од популација што не е дел на невладиниот сектор, од студентки до домаќинки и пензионерки, кои не ги познавам, ама кои се подготвени дури и летоци да делат ако треба – вели Ванковска.

Изостанува помош на принципиелна основа

За причините за стравот од давање потпис и за незаинтересираноста на жените за политички ангажман, таа верува дека се исти како и кај мажите.

– Но ме чуди што јас морав да им се обратам на женските организации, наместо тие самите да сфатат дека мојот личен чин е момент во кој тие од принципиелни причини и треба да застанат зад собирањето потписи. Мојот став е дека „потписите“ треба сами да стигнат во канцелариите на ДИК, бидејќи јас немам моќ како поединец никого ниту да организирам, ниту со автобуси и возила да превезувам, ниту имам инфраструктура или мрежа за информации. Мала помош на принципиелна основа, дури и ако на многу жени не им се допаѓам, а како поддршка за потпис, но не нужно и за глас на изборите, ќе значеше дека 20-те години работа на проекти и помошта со грантови за женските организации дале резултати – вели Ванковска.

Претседателката на СОЖМ, Савка Тодоровска, се согласува дека состојбата со политичкиот ангажман на жените во Македонија не е на задоволително ниво.

– За да ѝ се даде можност на Ванковска да учествува во изборната трка, јас ќе дадам потпис в сабота. Мојот потпис за неа е давање можност на една жена да се кандидира на изборите за претседател. Но зошто само жените да дадат потпис, сметам дека тоа треба да го сторат и мажите, што ќе значи охрабрување за една жена што се покажала во својата професија со изградени и јасни ставови.
Давањето потпис не значи дека се гласа за неа. На денот на изборите секој сам според сопствените убедувања може да се изјасни за кој било претседателски кандидат – вели Тодоровска.

Поради различната природа на мажите и на жените, таа очекува дека една жена-претседател би имала поинаков пристап во носењето на одлуките.

– Да потсетам на големата улога што ја има како врховен командант, таа поинаку ќе гледа на донесувањето на одлуките, имајќи ја предвид и нејзината ориентираност кон решавањето конфликтни состојби. Во основа сè зависи од позицијата на самиот претседател и како личност колку ќе биде подложен на влијанија. Па да ве прашам, и сега, кога имаме маж за претседател, какво е неговото влијание на вкупните општествени и политички состојби во земјата – вели Тодоровска.

Во случај да стане официјален кандидат, Билјана Ванковска би била единствената жена и единствениот независен поединец во овие претседателски избори, што би била силна порака и за граѓанското општество и поттик за сите жени, како и нов квалитет на изборите.

Од 24 министри – две се жени

Жените ги нема во највисоките државни функции – претседател и премиер, а од 24 министри, само две се жени. Поголемо присуство на жени има како директори на основни и на средни училишта и тоа ја зголемува нивната застапеност на 14 отсто. Во парламентот е 30 отсто поради законската обврска. Но несразмерно се застапени во советите на локално ниво.