Што ќе следиме на претстојните избори?

Во изминативе два циклуса, парламентарните избори во 2011 година и локалните избори во 2013 година, Македонија бележи мошне висок одѕив, кој се движи над 1,1 милион избирачи. Ваквите циклуси за Македонија беа нетипични во минатото и најчесто граѓаните излегуваа во толку висок број на избирачките места на изборите што претставуваа вододелница во политичкиот развој на Македонија (парламентарните избори од 1990, 1998 и 2002 година). Дали овој висок одѕив ќе се претвори во некоја нова нормала за Македонија и со тоа дали нашата земја ќе отстапи од трендовите што ги забележуваме во другите европски посткомунистички држави (имајќи предвид дека овие општества се најслични на македонското, логично е дека тие ќе ни претставуваат референтна рамка за споредба) е првото прашање што ќе биде одговорено на денот на изборите.

Инаку, историски, претседателските избори привлекувале помалку граѓани на избирачките места споредено со парламентарните избори, но тоа лесно се објаснува. За разлика од ситуацијата за време на парламентарните избори, кога сите партии и многу групи граѓани одлучуваат да влезат во изборната трка, на претседателските избори најчесто изборот се сведува на најголемите политички партии, па затоа приврзаниците на помалите партии и поединците што бараат поширок избор на опции не излегуваат на избирачките места.

Одржувањето на парламентарните избори на ист датум со првиот или со вториот круг од изборите воедно ќе ни послужи како интересен општествен експеримент. Имено, по изборите во 2011 година многумина тврдеа дека опозицијата всушност ги добила изборите и се обидуваа тоа да го докажат со механичко собирање на сите гласови што не беа дадени за ВМРО-ДПМНЕ. Доколку предвремените парламентарни избори се одржат на ист ден со вториот круг на претседателските избори, мошне прецизно ќе може да се тестира оваа хипотеза. Јас неколкупати споменав дека таквото механичко собирање на гласовите е погрешна насока, како и дека сериозно грешат оние што извлекуваат заклучоци од ваквите недоволно обмислени хипотези. Изборите од 2013 година само го потврдија тоа, затоа што коалицијата на сите против ВМРО-ДПМНЕ доби многу помалку гласови отколку механичкиот збир на гласовите дадени за овие партии на парламентарните избори од 2011 година.

Но да појдам од почеток. Од изборите во 2008 година до локалните избори во 2013 година ВМРО-ДПМНЕ има нова нормала од четиристотини илјади гласа што редовно ги освојува на сите изборни циклуси. На една дебата оваа нова нормала беше оспорена од некои дискутанти што се повикуваа на изборните резултати од претседателските избори во 2009 година. Меѓутоа, овие избори тогаш беа специфични затоа што ВМРО-ДПМНЕ всушност излезе со двајца кандидати – Ѓорге Иванов и Љубе Бошковски. Тоа се гледа и со проста анализа на освоените гласови за Иванов во вториот круг, кога тој успеа да ги собере безмалку сите гласови на Љубе Бошковски. Доколку Иванов биде повторно кандидат на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за време на претстојните избори, тогаш тој нема да се соочи со нов внатрепартиски предизвик, затоа што во изминативе пет години тој си ја потврди својата позиција во партијата. Воедно, тоа беше и последната епизода во серијалот на консолидацијата на ВМРО-ДПМНЕ по заминувањето на Љубчо Георгиевски и преземањето на лидерската палка од Никола Груевски.

Фракциските внатрепартиски борби на ВМРО-ДПМНЕ излегоа на површина уште со локалните избори во 2005 година, па изборните циклуси се претворија и во внатрепартиски примарни избори на ВМРО-ДПМНЕ. Фракцијата околу Никола Груевски освои победа помеѓу граѓаните и полека сите одметнати фракции се вратија во матицата. Набљудувачите беа скептични дека е можно оваа нова нормала од 400 илјади гласа да се одржи подолго време, но гледаме дека анкетите повторно укажуваат на слична бројка за владејачката партија. Единствен потенцијален проблем за ВМРО-ДПМНЕ е неуспехот на најавениот „нов бран“. Доколку партијата се затвори и престане да ги следи општествените промени, тоа може лесно да донесе непотребна надменост, вкаменување на партиските структури и губење врска со гласачите. Меѓутоа, тоа е стратегиски проблем што нема да се одрази на овие избори.

Кај СДСМ, пак, нештата стојат сосема поинаку. На оваа партија ѝ недостигаат 100 илјади гласа за воопшто да може да влезе во игра и да ја загрози владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Тие својот најдобар резултат го постигнаа во 2011 година со освоените 368 илјади гласа, што е сосема пристоен резултат, но сепак и овие гласови се покажаа недоволни. Воедно, тие веќе на првите следни избори не успеаја да ја одржат оваа висока поддршка и повторно се лизнаа под 300 илјади гласа на листите за градоначалници.
Во оваа партија ситуацијата е дополнително усложнета и затоа што тие се свесни дека немаат кандидат што би можел да му се спротивстави на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Дури и нивните внатрешни анкети тоа јасно го покажуваат. Исто така, не е докрај јасна и улогата на најтврдото партиско крило обединето околу поранешниот претседател Бранко Црвенковски. Медиумите и „интелектуалците“ што гравитираат околу ова крило сѐ уште ја туркаат приказната за бојкот на целиот политички процес, а во овие кујни се готви и сценариото за бојкот на вториот круг на изборите и неуспешни избори. Се разбира, храбар политички потег би бил тие да излезат со своја листа, како што направија Љубчо Георгиевски и Тито Петковски на времето и како што прават Борис Тадиќ и Георги Парванов во соседството, па изворно од граѓаните да побараат мислење која фракција е доминантна во СДСМ, но не верувам дека такво нешто може да очекуваме од оваа опортунистичка збирутинка. Најверојатно тие својата шанса ќе си ја бараат во рушење на актуелниот сдсмовски двоец Заев-Шекеринска по нивниот извесен пораз на претстојните претседателски и евентуални парламентарни избори. Оттука во СДСМ сега главната битка се состои во битка за делегатите на следниот партиски конгрес наместо во битка против ВМРО-ДПМНЕ.

Во таканаречениот албански блок, исто така, нема големи недоумици. Имајќи предвид дека кандидат на овие јасно дефинирани етнички структури нема шанси да победи на изборите, тие овој пат се премислуваат дали воопшто е целисходно да излезат со свои кандидати. И тука извесно е дека ДУИ ќе освои најмногу гласови, ДПА ќе се движи околу своите стандардни 50-80 илјади гласа, а НДП би се борел за еден пратеник на можните парламентарни избори.

Нормално и математиката на ГРОМ и на ГАПМ е да освојат барем еден пратеник, со што ќе си го потврдат своето место на македонската политичка сцена и, слично како и НДП, ќе овозможат нивната политичка приказна да продолжи. Во случајот на ГРОМ ќе следиме и дали Стевчо Јакимовски ќе успее да излезе од својот бастион во Карпош и да собере гласови и од други региони.

На крајот само ќе ја споменам и кандидатурата на професорката Билјана Ванковска. Понекогаш е интересно во рингот да влезат кандидати што можат да ја променат политичката реторика и ќе понудат свежи решенија. Во случајот на Ванковска би било интересно таа да ги промовира своите алтерглобалистички гледишта, принципот на политичка неутралност (против влез на Македонија во ЕУ и во НАТО) и левичарските економски и социјални гледишта. Тоа барем ќе го размрда утврдениот канон во внатрешната и во надворешната политика, кој е стандарден за кандидатите на веќе етаблираните партии. Штета што нема најава за сличен десничарски кандидат, кој од поинакви идеолошки позиции би ја разбил етаблираната македонска политичка сцена. Европа си ги има Најџел Фараџ и Алексис Ципрас, кои нудат алтернативни десничарски и левичарски решенија за ЕУ, па би било интересно и Македонија да добие вакви нови автентични ликови што би ги раздвижиле нештата и би понудиле неочекувани и нетипични алтернативи.

Автор: Ивица Боцевски

Извор: Нова Македонија