Силна како карпа, мека како памук

На професор Билјана Ванковска можете да и се воодушевувате, да ја обожувате, да ја читате и да воздивнувате, да ја поддржувате во нејзините ставови, да ја негирате, да не ви се допаѓа, но никако не можете да бидете рамнодушни. Таа е успешна како ретко кој или која не само во областа на својата професија, туку и како мајка на три прекрасни и исто така успешни ќерки, баба на внукот Дарио, добра ќерка за нејзината мајка Милка, прекрасна како човек и пријател. Активна е во сите сфери од нашето секојдневно битисување, на социјалните мрежи. За тоа колку е умна има многу показатели, зашто Ванковска размислува со светлосна брзина. Реагира во миг,како што ретко кој го може тоа. За новинарите секогаш достапна, но токму оваа жена со милозвучен глас и шармантна насмевка умее да биде и остар критичар на сето она за што смета дека не е хумано,не е човечно, не е праведно и не е патриотско. Подготвена е како лавица да влета во ринг со наизглед многу посилни од неа и да ги разоружа со знаење и умешност….

Жена која со свој максимален интегритет сите овие години не можеше да ја „поткупи“, или придобие ниту една политичка партија. Таа остана на страната на обичниот човек. Оваа Шкорпија според Астрологијата, атеист, патриот и космополит има пребогата биографија која може да се пишува во томови книги. Професор Ванковска секогаш има со што да изненади. Таа не е затворена во научните рамки. Напротив, Ванковска не пропушта ниту еден од спортските настани, без оглед за кој спорт се работи, сака да гледа и наоѓа време и за добри филмови, ја сака уметноста,…

Кога пред нас имаме една таква личност, можеме ли да бидеме изненадени што за професор Ванковска претстојат денови кои ќе ги забележи како трка за собирање 10.000 потписи со што ќе обезбеди кандидатура за претседателските избори. А зошто да не?

Професорке Ванковска од каде ја црпите таа енергија?

Искрено, понекогаш и самата си го поставувам тоа прашање, особено кога истовремено ќе се соочам со неколку обврски или рокови. Но, одговорот не е тешко да се најде – мајка ми знае да каже дека во тој поглед сум „цела на татко ми“, а јас пак во неа гледам неверојатна жена со атомска енергија иако е на 82 години. Мислам дека жените подобро ќе ме сфатат кога ќе кажам дека нас животот не учи да бидеме „мултитаскинг“, т.е. истовремено да бидеме сопруги, мајки, жени од кариера, итн. Во мојов случај, јас сум веќе 15-тина години и јавно ангажиран интелектуалец и колумнист. Да не го сакам тоа што го работам и да не сум одвнатре мотивирана, ниту енергија не би имала. Ако кога тоа што го правам е со љубов и посветеност, кога знам колку е важно, тогаш не се штедам.

Како јавна личност која не е со кренат нос во оваа мала средина дали некогаш сте одбегнале средба со некој?

Ви благодарам на констатацијата дека не сум со кренат нос, бидејќи до тоа многу држам. Отсекогаш сум била свесна за своето социјално потекло (татко-работник, мајка-домаќинка) и никогаш не сум ни сакала ни сонувала да бидам „дама“. Се уште живеам во куќата и наслебата каде што пораснав, меѓу нормални луѓе со секојдневни грижи, немаштија, проблеми од најразличен вид… Контактите со голем број студенти, кои подеднакво доаѓаат од сите слоеви и места од Републиката, ми помага да ја одржам таа жива и човечка комуникација, а не само академска и ex caterda. Низ годините, моето присуство во медиумите направи луѓето не само да ме препознаваат, туку и да ми приоѓаат слободно кога ќе ме сретнат. Тоа се понекогаш топли и трогателни средби, а многу често и средби по кои заминувам со товар на душата. Истото се случува и кога непознати луѓе ќе дојдат пред мојот кабинет за да бараат совет и помош за своите проблеми. Не ми е тешко да ги сослушам, ама се чувствувам многу лошо кога ќе сфатам дека не можам, немам моќ, да им помогнам. Тогаш сум очајна и се прашувам – чуму теорија, чуму наука? Затоа сум и остар критичар на состојбите, иако би можела да бидам и професор кој ќе се занимава исклучиво со академската работа.

Какви се Вашите студенти кога знаат каков професор имаат пред себе? Имаат ли трема, се плашат ли?

Најголемата група студенти ја дочекувам во првиот семестар, во прва година на стуиите. Некои од нив знаат дека сум позната и надвор од факултетот, а некои не знаат. Тоа е помалку важно, и за мене е далеку поважно што имам чувство дека тие во мене препознаваат некој на чија врата секогаш можат да чукнат. Ме почитуваат, ама знаат дека никогаш нема да ги вратам и ќе ги сослушам за каков проблем и да се работи. Сум слушала и за лични проблеми, вљубувања, семејни трагедии – се што е поврзано со животот на млади луѓе. Се радувам кога на часовите ќе успеам да ги извадам од нивната вообичаена затвореност и ќе отвориме дебата. Сум им рекла дека во нашата училница смеат да се поставуваат секакви прашања, односно дека нема „глупави прашања“ и да бидат отворени да прашаат за се што не го разбираат. Најдобриот показател за тоа како ме доживуваат е кога во ходник или по скали трчаат прд мене само за да ме поздрават со насмевка. Што се однесува до тремата и стравот, тоа е нормално поврзано со испитите, ама за жал новиот систем на студирање според т.н. Болоњска декларација се повеќе ја осиромашува таа комуникација и голем дел од испитите се одвива преку тестови. Мене ми е важно тие во мене да гледаат некој које правичен и кој не ги дискриминира – си знаат и колку не сакам да праќаат „поздрави и честитки“ и дека не попуштам пред надворешни барања и притисоци.

Куманово е етикетирано како бастион на СДСМ, очекувате ли со потписи да ви помогнат да влезете во претседателската трка,а потоа и да добиете гласови?

Таа терминологија за бастиони ја наметнуваат големите партии, кои сметаат дека градовите и местата од каде што доаѓа голем број од нивното членство се нешто што им припаѓа и што им е отсекогаш дадено. Не ми се допаѓа таквиот начин на третирање на граѓаните, кои се делат по партиска основа и на кои се гледа како на контингенти. Разбирливо е дека во повеќепартиска демократија, партиите се потпираат и на идеолошките и политичките традиции во определен регион, дека ги негуваат и се трудат да освојат што поширок простор. Но, она на што јас претендирам е граѓанската свест и убедувањето дека независен кандидат за претседател (односно за претседателски кандидат додека не соберам 10,000 потписи) единствено би можел да биде претседател на сите граѓани. Институцијата претседател е важна не само затоа што граѓаните непосредно го избираат претседателот, туку и затоа што тоа е една од ретките прилики каде можат да гласаат за личност. Во овој момент јас очекувам друг вид на поддршка – со собирање на потписите да добијам шанса да учествувам во трката на рамноправна основа со партиските кандидати, а потоа низ кампањата да се обидам да ја збогатам дебатата. На крајот, тие се оние кои ќе си одлучат за кого ќе гласаат. Особено се надевам на поддршката на жените во собирањето потписи, бидејќи како што засега стојат работите може да се случи јас да бидам единствената жена во трката.

Најавувате скромна кампања токму поради тоа што зад Вас не стои партиска машинерија. Можат ли кумановци да Ве очекуваат како кандидат за претседател да прошетате низ центарот?

Фактички, јас нема да водам кампања – и затоа што немам никаква финансиска потпора, спонзори и донатори па сите неопходни трошоци ги покривам од сопствен џеб, но и затоа што сметам дека граѓаните се заситени од класичната сценографија која не следи на сите изборни циклуси. Се разбира дека ќе дојдам во Куманово, дека ќе ми биде мило да се сретнам со познаниците и пријателите, ама и со оние кои не ме познаваат. Во време на длабока социјална криза, трошење огромни средства за кампањи се дури и навреда за пристојноста и знак за немање чувство на солидарност кон оние кои страдаат. Јас ќе се обидам да допрам до граѓаните ни сите алтернативни средства кои ми се на располагање.

На две жени до сега не им успеа да станат „мајка на нацијата“, доколку Вам Ви се случи тоа како ќе изгледа нашата држава?

Жените се носители на највисоки функции во многу општества, па можеби е крајно време и ние да покажеме повеќе доверба во нив. Многупати досега ми приоѓале и ми велеле „доста ни е од татко на нацијата, ајде да пробаме со мајка“. Некои, многу духовиот забележуваат, дека на жените како да им е резервирана онаа позиција на „прва дама“, ама во сенка на мажот (претседател). Но, мојот поглед на нештата е различен – тоа сфаќање за некаков родителски однос кон нацијата и кон граѓаните ми е сосема туѓ. Јас и моите ќерки ги растев во духот на независноста, па и пркосот. На граѓаните не им треба покровител, некој со кој тие ќе се идентификуваат и ќе го следат. Не сум за месијански тип на политичари. Претседателот треба да биде претставник на граѓаните, институција која нема да ги дискриминира ни по партиска, ни по етничка, верска или родова основа. Црпејќи го легитимитетот директно од народот, тој (или таа) може да биде токму глас на разум и единство, во она што не прави еднакви – припадноста на нашата заедничка татковина.

Извор: Плоштад