Старт со низа потешкотии

Вчера отпочна постапката за собирање 10,000 потписи за независниот претендент за кандидат на претседателските избори, проф. д-р Билјана Ванковска. Сакаме да Ве информираме дека веќе на самиот старт се соочивме со низа потешкотии. Имаше канцеларии на ДИК кои не се наоѓаа на локацијата објавена од страна на ДИК (на пример, ПО на ДИК не се наоѓа во општина Аеродром како што пишува туку во близина на Т.Ц. Бисер). Во некои канцеларии имаше проблеми со опремата, компјутерите, па и службениците кои воопшто не се појавија на работното место. Во одредени општини немаше ни канцеларија, па беше ветено дека ќе се отвори со ден-два задоцнување (Шуто Оризари). Освен тоа, порани нејасните упатства во врска со овластувањата и доставата, се соочивме со различни барања во различните канцеларии на ДИК, па и со непостоење на записници и обрасци за достава. Надвор од овие забелешки, мораме да укажеме дека граѓаните реагираа на непристојното однесување на овластените (и неовластените) членови на политичката партија ГРОМ во близина на подрачните одделенија на ДИК, кои со громогласни скандирања и агресивна агитација го попречуваа процесот. На крајот на денот добивме сознанија и за обиди за замена на списоците и подметнувања кај граѓаните кои сакале да се потпишат за проф. Ванковска.

Нагласуваме дека нашата иницијатива е слободна и граѓанска, и зад неа нема организирана машинерија, а од тие причини ниту можеме да обезбедиме мониторинг, што пак е крајно невообичаено во фаза на собирање потписи. Повикуваме на отстранување на сите недостатоци од страна на ДИК, а другите претенденти ги повикуваме на фер-плеј. Ова не е изборен процес, туку постапка за собирање потписи, која треба да биде тест за нашиот демократски потенцијал.

Скопје, 17.02.2014