Три лица и три опачини

Измина првата седмица од февруари, најкусиот месец во годината. Главната домашна тема по весниците и информативните гласила се претстојните претседателски избори што ќе се одржат во април. Можеби ќе има и парламентарни, уште не се знае. Како и да е, во поглед на претседателските, главните две партии ќе се изјаснат за своите кандидати наскоро, најдоцна до почетокот на март, а дотогаш ќе има нагаѓања за тоа кој, што, како, консензуален, партиски. Ме радува што во трката се вклучува и по некој независен кандидат… За разлика од партиските кандидати кои ќе настапат со сигурни гласови од членството на партијата што ги предложува, независните најпрвин треба да поминат низ тешкиот процес на собирање 10.000 гласови за поддршка на нивната кандидатура.

Искрено се надевам дека професорката Ванковска и евентуално другите што ќе се решат на ваков чекор ќе соберат значителен број гласови, и со тоа ќе покажат дека на дел од народот во Македонија му е преку глава од партизацијата на општеството поделено на две слично организирани партии што се сотонизираат меѓу себе, што дејствуваат според иста болшевичка матрица и што себесе сметаат за спасители а противниците ги сметаат за рак-рана и уништувачи на се’ добро што постои.

Со оглед што сме најпартизирана земја во регионот, со најмногу население што поседува партиски книшки во едната или другата партија, шансите на независниот кандидат/ка за добивање на изборите се минимални, но бројот на гласовите што ќе ги освојат може да покаже и постоење на значителна бројка граѓани со капацитет за професионализам и чесно живеење на кои им е смачено и од СДСМ и од ДПМНЕ, од нивната корумпираност, недозреаност, празни ветувања, меѓусебни обвинувања и неизмерен апетит за доаѓање и останување на власт по секоја цена. Ниту првите се левица, ниту вторите се десница, и едните и другите се без компас и идеологија… Место да смислат што ќе прават самите, нивните кампањи главно се сведуваат на тоа да се претстави колку противникот е лош, и колку е зол и штетник, и какви се’ зулуми направил, и колку е тешко да се исправат.

Митинзите на обете партии личат на сталинистички слетови од 40-тите, со груби слогани, кревање тупаници, исвиркување на името на лидерот на противничката партија и скандирање на името на сопствениот. Имам впечаток дека учат едни од други и постојано се надополнуваат во дејствувањето. Двопартиска македонска демократија. Не сум толку млад и се сеќавам на еднопартискиот политички систем на СРМ во СФРЈ, со многубројни недостатоци и сериозна искривоколченост, ама споредено со ова сегашново, баш и не знам дали беше толку полош.

На ова место, без претензии да ја поистоветувам денешната наша парламентарна демократија со онаа изворната и директна на древна Атина, би ги навел погледите на Аристотел за видовите власт во државата.

Се’ постои во некакво двојство: маж и жена, светло и темно, ден и ноќ, убаво и грдо… И власта исто така може да се јави како добра и лоша. Лицето и опачината на власта, според Аристотел, може да се јават во три форми.

Според него, постојат шест вида власт. Три лица и три опачини. Добрите се: монархија – кога владее еден човек (наследно) и добро; аристократија – кога со народот добро владее група најдобри во државата (аристо=најдобар); и демократија – кога власта што владее со добро се добива според гласовите на мнозинството“.

Опачините на овие три би биле лошите форми на владеење, а тоа се: „тиранија – кога владее еден тиранин што насилно ја узурпирал власта; олигархија – кога владее група најбогати што водат грижа само за себе; и охлократија – кога владее џганот, олошот, односно мнозинството од лоши луѓе (или нивни избрани) што прават само зло“.

Можни се разни комбинации, а вие самите просудете за видот и нивото на паралелата што ви изгледа соодветно. Во оваа зимска атмосфера на тужби, афери, „клевети“ и контраклевети, обвинувања за местени тендери, БЕЗОБРАЗНА лакомост за брзо богатење преку политички курназлаци, корумпирано судство, контролирани и јалови медиуми, платени реклами, масовно незадоволство, себичност и самооправдување… занимавањето со овие мисли секако може да го депримира и најголемиот оптимист. Мене ми се чини дека тежнееме кон и копнееме по демократија, а ни се случува охлократија, со елементи на тирански апетити и олигархиско аздисување. Ако не веднаш, по повеќе години владеење на иста партија – истата редовно забегува.

Сепак, политиката никако не е се’, гледајте си го животот, среќата на личноста не е врзана исклучиво за тоа кој ќе ги добие изборите.

Им се извинувам на сите мои читатели што напишав ваква колумна, ова не личи на мене. Не сакам да се правдам, ама ме фати тежок ишијас, трае долго и уште ме држи, па во отсуство на идеи за некоја поубава и почовечка тема го напишав ова што го напишав. Во петок е Св. Трифун, се закројуваат лозјата. Поздрав.

Автор: Тихомир Јанчовски

Извор: Утрински Весник