Билјана Ванковска: Успехот на овој обид зависи најмногу од младите!

Зад Билјана Ванковска не стои политичка партија или деловен интерес. Тоа што може да се нарече кампања всушност претставува збир од волонтери кои се полни со идеи, енергија и желба да се случи нешто големо.

Во отсуство на било какви финансии (се уште не собираме донации), околностите ни наложуваат да бидеме супер – креативни и супер – иновативни.

Кој вели дека ова не е начин да се организираат оние што сакаат да направат добро за својата држава и за својот народ?

Во неколку наврати и волонтерите и некои надворешни набљудувачи го поставија прашањето, “која ни е таргет група односно, од каков ‘ков’ на луѓе сметаме дека ќе ги добиеме потребните гласови“? Никој од нас не се произнесе со еден единствен одговор, додека професорката Ванковска беше децидна дека се чувствува како претставник на целиот народ и според тоа ќе апелира до целиот народ.

Сепак, свесни сме дека „целиот народ“ е преголем залак за некој кој за првпат во животот ја искусува возбудата на политичкото делување. Ова буквално претставува испилување на политичкиот талент за една група млади луѓе – школо што не може да го понуди ниту една политичка партија. Но, кога станува збор за собирање гласови, ние не располагаме со рекламни паноа и милионски буџет за тв – реклами. Билјана Ванковска, со наша помош, им се обраќа на сите граѓани на Република Македонија, но за жал секој граѓанин нема да може да ги слушне нашите апели.

Затоа, ова што го правиме зависи најмногу од младите. Овие 10,000 потписи што ни се потребни најмногу зависат од средношколците со полни 18 години, од студентите, од оние што се млади во душа и покрај тоа што наполниле триесетина или четириесетина години. Еве зошто се зависи буквално од вас:

Вие сте претставници на интернет – генерацијата. Вие сте на социјалните мрежи. Вие најдиректно и најдобро можете да се информирате која е Билјана Ванковска. Вие можете да следите како се одвива прогресот во тимот на Ванковска. До вас стигнуваат голем број информации што најверојатно нема да стигнат до телевизорите во дневните соби ширум Македонија.

Дали знаете дека Државната Изборна Комисија има само по една канцеларија за цел регион од повеќе населби? Дали знаете дека, на пример, жителите на Карпош I, II, II и IV, Козле, Влае, Ѓорче и Сарај можат да го дадат својот потпис за независен кандидат САМО на ЕДНА ЛОКАЦИЈА?

Ете зошто е потребна волја. Ете зошто е потребен ентузијазам. Каде ќе го најдеме тој ентузијазам ако не кај младите? За да стигне човек до вистинското место, прво треба добро да биде информиран каде тоа се наоѓа. Ако не знае каде е местото можеби ќе треба малку и да се лута или пак да се консултира со Google Maps или Bing Maps. Потребно е да се отиде до местото. За многу луѓе тоа значи патување со автобус или пешачење по неколку километри! На многу места во Македонија јавниот превоз е привилегија!

Ете зошто се зависи од младите луѓе, од вас и вашиот ентузијазам. Кога сме веќе кај ентузијазмот, дали знаете колку можете да допринесете ако им кажете на сите ваши пријатели дека Билјана Ванковска е најинтересниот потенцијален кандидат за Претседател?

Дали знаете колку можете да допринесете ако се договорите заедно да отидете до канцеларијата на ДИК? Јасно ни е дека на некои млади не им претставува предизвик да делуваат одговорно или да се однесуваат спротивно од младешката ноншалантност. Но верувајте, можете и да се покаете ако не гласате! А знаете дека е КУЛ да се гласа? Знаете дека е шема младите да преземаат одговорност?

Можете да се покаете ако не гласате, затоа што не знаете каков човек може да дојде на таа значајна и одговорна позиција. Што ако биде тоа некој кому вашите потреби не му значат апсолутно ништо? Што ако е тоа некој што е програмиран да ги одработува партиските наредби? Што ако е тоа некој што нема поим како треба да се претставува една држава пред меѓународната политичка јавност?

Затоа, интернет генерацијо, дај го твојот потпис за Билјана Ванковска. Отпешачи, отиди со кола или на велосипед, одлетај или ако треба одвеслај до канцеларијата на ДИК наменета за твојата општина или населба. Потребни ни се 10,000 потписи. Ако сме сите на чисто, што значи ова што го работиме, очекуваме многу повеќе потписи од оваа цифра. Ова е наша соработка за подобра Македонија. Земи учество во тоа!

Извор: Струмица Онлајн