Ванковска за австралиското SBS Radio

Разговор со Проф Биљана Ванковска, потенцијален кандидат за претседателските избори во Македонија.

Најпрво да ве претставиме на слушателите на SBS Radio со ваша кратка биографија.

Целата моја кариера е всушност поврзана со скопскиот универзитет, ако сакате и во делот на образованието, од основните почетоци па сè до докторатот јас сум made in Macedonia што би рекла. Велам мојата кариера е академска, од најниските скалила на таа професија па сè до местото каде што сум сега, редовен професор на скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, редовен професор на Филозофскиот факултет, раководител на постдипломски студии за мир и развој, и исто така сум и предавач на еден европски мировен универзитет кој се наоѓа во Австрија. Покрај тоа, се разбира, врзано со мојата основна кариера се и бројни меѓународни контакти и соработка. Имам искуство од Женева, од Копенхаген, итн. Тоа се некои податоци кои оние што ги интересира можат да ги најдат на мојот блог и од скоро на веб-страницата. За македонската јавност сум доволно позната затоа што сум еден од најчестите коментатори на тековните случувања веќе 20-тина години.

За да можете да влезете во изборната трка за претседател на Република Македонија најпрво треба да соберете 10000 потписи. Кога започнува овој процес и кои се вашите очекувања?

Формално процесот е отпочнат во онаа подготвителна фаза, меѓутоа трката по потписи започнува наредната недела, односно 16-ти февруари и ќе трае до 2-ри март. Кампањата што ја водам, веднаш да ви кажам, е сосема индивидуална. Целата работа е на мој сопствен терен, и финансиски, и временски и во смисла на енергија, меѓутоа од ден на ден околу мене се собира еден многу ентузијастичен тим, можам да го наречам, на млади луѓе особено и тоа некои од нив се во Македонија, некои не се во Македонија но можат да помогнат преку интернет форуми и слична поддршка, во креирање на слогани, флаери и слично. Во основа сум опкружена со голема позитивна енергија со многу очекувања на сите оние кои се разочарани од долгата мачна транзиција, од сето она што остана како изневерено очекување од демократијата, а кое беше врзано со големите партии. Така што, мојата главна безе се всушност таквите граѓани. Морам да нагласам за вашите слушате, особено затоа што се обраќам до јавноста во Австралија, односно до нашите во Австралија, дека измените во изборниот законик предвидоа можност да се собираат потписи и во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија низ светот. Меѓутоа, од аспект на поединец, на човек во моја позиција кој мора сето тоа да го организира сам, да го поднесе како трошок, во смисла на поштарини, брза пошта и слично, јас во оваа фаза се одлучив да довербата и очекувањата да ги соберам тие 10000 потписи ги ослонам на домашната граѓанска јавност, со тоа што очекувам ако ги соберам тие потписи, во моментот на гласањето и нашите денешни слушатели ќе можат да гласаат доколку ги убедам дека сум кандидат што заслужува доверба.

Целосното интервју дадено за австралиското SBS Radio можете да го преслушате овде.

Извор: SBS Radio