Ванковска за ТВ Сонце

Универзитетската професорка д-р Билјана Ванковска е третиот кандидат која самостојно ја истакна нејзината кандидатура. Ова е наш втор разговор пред ТВ камерите. Во првиот разговарав со Билјана Ванковска – универзитетски професор и колумнист, а сега разговарам со Билјана Ванковска – претседателски кандидат. Во што е разликата?

Морам да ве корегирам, јас сè уште не го немам епитетот на претседателски кандидат. Се надевам дека тоа нема да биде неизводлива задача. Собирам 10000 потписи како поддршка од граѓаните, дури тогаш ќе можам да се натпреварувам на рамноправна основа со останатите. Ме прашавте која е оваа Билјана Ванковска во однос на онаа што ви гостуваше. Јас ќе се обидам да го повторувам тоа сè почесто, дека таа и оваа Билјана Ванковска се идентични, дека нема да си играат со своите ставови, нема да ги прилагодуваат согласно потребите на јавноста и заради ловење гласови. Значи, јас мислам дека она што е мој маркер и по кој би требала да се препознаам во јавноста е доследноста, конзистентноста во ставовите, па дури ако сакате, неполитиканството во смисла дека јас треба да се додворувам по секоја цена… Мислам дека ќе ме прочитаат граѓаните кои ме знаат како искрена, отворена и некој кој ги застапува тезите за кои се бори веќе 20 години. – изјави Ванковска.

Кога ја најавивте вашата кандидатура на електронските медиуми напишавте еден ваков текст: „Се одлучив како Давид сред неколку Голијати, без никаква партиска, финансиска или друга поддршка да соберам 10000 потписи за да можам да станам кандидат на претседателските избори. Што ве мотивираше да се решите на овој чекор?

По 20-тина години навистина интензивно мое присуство во јавноста, особено благодарение на медиумите, во својата интелектуална дејност, дејност како активист во граѓанскиот сектор, и последниве две години особено во рамките на регионалната иницијатива РЕКОМ која е за помирување и утврдување на фактите за воените злосторства, си го испитувате капацитетот во кој можете да придонесете за подобрување на состојбите во општеството. Сè до овој момент јас мислев дека добро си ја вршам работата, се трудам да бидам креатор на јавното мислење, да ги опоменувам оние на власт тогаш кога мислам дека е потребно, да бидам конструктивен учесник во јавната дебата… Меѓутоа, во еден момент со соочувате со сопствената немоќ. Се соочив и со вистинитоста на она што граѓаните 20 години ми го говореа – а зошто не се кандидирате? Ако можат толку многу универзитетски професори да ја преминат црвената линија од оваа удобна зона на интелектуалец и да влезат во битка, зошто вие не го правите тоа? Мојот одговор постојано беше дека некој треба да остане и на оваа страна, независната критичка јавност, мислејќи дека ете и тоа има некоја смисла. Како течат работите морам да признаам дека чувствувам дека нема смисла таквото ангажирање и во еден момент помислив – а зошто да не! Зошто да не го искористам моето демократскок право.

За повеќе од интервјуто на проф. Ванковска дадено за ТВ Сонце, погледнете го видеото подолу.