Вербата и мотивираноста на ниво и покрај бавното собирање потписи

Во 80 општински канцеларии на ДИК во тек е собирањето потписи за поддршка на независните претседателски кандидати кое ќе трае до 2-ри март. Еден од кандидатите е и професорката Ванковска која очекува поддршка како независен кандидат и нов лик на политичката сцена. Таа претседателот го дефинира како личност која треба да биде вистински коректор, а не слеп послушник на одредени политики, обединувач, а не некој кој дополнително ќе го разединува народот.

Во нејзиниот тим е и струмичанецот Митко Гогов со кого поразговаравме за работата на екипата, подготовката на кампањата, граѓанскиот активизам…

Од какви профили се луѓето кои работат во тимот на Ванковска?

Гогов: Во тимот генерално сме млади луѓе. Студенти, дипломирани граѓани од повеќе области (економисти, правници, екологисти, дизајнери, ИТ и медиа експерти, аналитичари на човекови права…), ентузијасти, луѓе што навистина сметаме дека на проф. д-р Билјана Ванковска и е местото во „трката“ како еден од кандидатите за претседател на РМ.

Иако ова е само собирање потписи, од каде можеме да излечеме дефиниција дека потписот не е глас, во моментов проф. д-р Билјана Ванковска е претендент за кандидат за претседател на Р. Македонија. Со тоа што ќе се потпишеме ќе дадеме поддршка еден независен кандидат да ја добие можноста да биде дел од „трката“.

За кампањата и граѓанскиот активизам…

Гогов: Зошто сето ова што го кажав е важно? Затоа што имаме моќ да одредиме кој ќе биде кандидат. Затоа што тоа е Наше право и начин активно да учествуваме во политичкиот живот. Затоа што ќе дадеме поддршка на личност, а не партија. Затоа што ќе поддржиме граѓанин, а не етничка заедница, затоа што НЕ чекаме да ја видиме понудата на партиските центри, туку преземаме акција. Затоа што Ние одлучуваме за мандатот на претседателот – не во финишот, туку на стартот на трката. Затоа што потписот е чин на лична самостојност, израз на слобода и бунт против стравот и начинот на кој се водат изборите, затоа што со потписот даваме шанса на рамноправна основа со партиските кандидати да покажеме што знаеме и умееме и затоа што потписот НЕ нè обврзува да гласаме за професорката ако во изборната трка не сме убедени во нејзините квалитети и способности! Затоа и сме вклучени во оваа кампања, оти граѓанскиот активизам и вклученост не прави достојни граѓани на оваа држава, а овој пат тоа можеме да го направиме едноставно со тоа што ќе се вклучиме за почеток со нашиот потпис оставен во канцеларијата на ДИК.

Како оди собирањето на потписите?

Гогов: Засега оди бавно речиси секаде во државата, сепак не се работи за партиски машинерии и „разработени системи“ на собирање гласови. Но, во нас има верба и мотивираност дека ова е можноста да го добиеме првиот сериозен женски лидер и претседател во државата.

За кандидатура за шеф на државата потребни се 10 000 потписи. Канцелариите на ДИК работат секој ден и викендите од 08:30 до 19 часот. Секој граѓанин својот потпис може да го даде само во местото каде што е издадена неговата лична карта, а потпис може да се даде само за една личност.

За Ванковска во Струмица потписите се собираат во подрачното одделение на Државната изборна комисија на ул. Сандо Масев бр. 1 (зградата на Собранието на Општина Струмица).

Извор: Струмица Денес