Во пресрет на изборите

Секогаш кога претстојат избори, а фала Богу често ги имаме, размислувам кому да го дадам својот глас. Тоа е веројатно предноста на нас, непартизираните граѓани на оваа држава. Колку нé има е друго прашање, меѓутоа сé додека не има, има иднина за демократијата во Македонија. Овој пат одлучив „гласно“ да размислувам или да ги споделам со интернет заедницата сфаќањата на еден неодамна дипломиран млад човек.

Најпросто можеме да ги претставиме политичките избори во Македонија како избор за убавица. Можеби на кец ова делува како вулгаризирање и банализирање на темата, меѓутоа мислам дека Македонската политичка сцена е сама по себе доволно вулгарна и банална, па овој мој осврт нема да има некое негативно влијание. Реално гледано, демографски, ние не сме Бог знае колку образована земја (и покрај тоа што многумина го мислат спротивното), па затоа сметам дека ова е најдобар начин сликовито да се прикажат изборите кај нас.

Аналогно на претходно кажаното, секоја опција за која можеме да гласаме е по една девојка во овој избор за убавица. Официјално сите девојки имаат исти шанси за влез во изборот, меѓутоа фактички ситуацијата е малку поинаква. Зад кулисите на овој избор е корумпираниот организатор кој на своја рака одлучува кои ќе бидат условите за секоја девојка одделно. Основното правило е дека секоја бивша Убавица или придружничка има право да се натпреварува без да исполни други услови. Другите девојки кои сакаат да се натпреваруваат мора да соберат по 10.000 потписи од електоратот. Откако организаторот ќе одлучи кои девојки можат да се натпреваруваат, гледачите на изборот гласаат. Битно е да се спомене како секоја од тие девојки стигнала да биде дел од тој избор и која е нејзината стратегија за победа.

Најпрво, ја имаме девојката која победила на минатиот избор, таа е со низок морал и за неа целта ги оправдува средствата. Спремна е на сé за повторно да дојде до круната. Таа одлучува да ги подмити гласачите со дел од парите до кои дошла злоупотребувајќи ја титулата Убавица.

Тука е и девојката која била избрана за Убавица пред 10 години. Таа не вложила ништо во својот изглед во текот на тие 10 години, напротив, огрдела. Поради тоа што ги потрошила сите пари кои ги стекнала во времето кога била Убавица, и не може да ги подмити гласачите, па затоа им ветува брда и долини од кои нема намера да реализира ни 1%.

Трета е девојката која е припадник на помала етничка заедница. Таа никогаш не била Убавица, но веќе долго време е прва придружничка. Таа и помага на Убавицата во злоупотребата на титулата и за тоа добива процент. Од тие пари таа поткупува дел од гласачите, меѓутоа нема доволно за да ги поткупи сите, па почнува да ги заострува меѓуетничките односи со цел да се претстави како жртва и да освои повеќе гласови во својата етничка група.

Логично е да постои припадничка на малцинската етничка заедница која не се согласува со претходната, па прави сé за да застане на нејзино место. Таа била втора придружничка во времето кога втората девојка била Убавица и тие две функционирале на истиот принцип како првата и третата.

На изборот се јавува и девојка која порана била во некаков договор со една или повеќе од претходните девојки, меѓутоа се испокарала со сите. Со оглед на тоа дека никогаш претходно не била ниту Убавица, ниту придружничка, таа мора да собере 10.000 потписи. Во минатото била вмешана во некакви зделки и успеала на страна да тргне некоја пара да подмити дел од гласачкото тело да ја поддржи, па така се обидува да влезе во изборот.

Најпосле, дел од изборот сака да биде и девојка која е убава и паметна, меѓутоа никогаш не била избрана за Убавица или придружничка, немала никаков договор со ниту една од претходните и нема пари. Треба да собере 10.000 потписи, а не може да потплати никого. Она што може да го направи е да се потруди да добие поддршка од електоратот.

Електоратот сам по себе е доста партизиран. Првите две девојки наизменично си ја менувале круната од избор на избор и во тој период гласачкото тело се поларизирало кон две радикални точки кои суштински не се многу различни. Тоа би значело дека за девојката која е надвор од договорите, зделките, игрите нема никакви шанси. Меѓутоа, не треба да се потценува моќта на оние кои се во средината, моќта на оние кои не се приклониле кон ниедна од двете страни, особено кога добро ќе се организираат. Не треба да се потценува нивната моќ, бидејќи тие сепак останале најсилни и успеале да останат во неутралната зона колку и да биле големи притисоците од двете страни.
По оваа споредба јасно е како функционира нашиот изборен систем. Очигледно е и дека тој е направен да им служи на јаките. Затоа, треба да им се даде можност на оние кои останале надвор од партиските договори да излезат на мегдан и да ги одмерат силите рамноправно со останатите кандидати. Мегданот сам по себе е значаен за развој на демократијата во општеството. Тој дава простор за нови предлози, мислења и идеи кои би довеле до решавање на децениските проблеми кои општеството ги има.

Поради претходно наведеното, сакам во оваа прилика да ја изразам мојата лична поддршка за проф. Д-р. Билјана Ванковска во трката за собирање на 10.000 потписи. Оваа поддршка произлегува од вербата дека секому треба да се даде шанса да покаже што знае и умее. Секому треба да му се дозволи да проба да ги убеди граѓаните да му го дадат гласот токму нему.

Поддршката произлегува и од фактот дека партиските кандидати се од старт привилегирани во однос на независните, а во исто време се обременети со обврската за исполнување на партиските агенди. Ја поддржувам Д-р. Ванковска зашто сметам дека има што да понуди без оглед на исходот на овие избори. Сметам дека ќе биде доволно храбра и доблесна да отвори некои прашања кои до сега никој не сакаше да ги одговори. Самото отворање на тие прашања претставува иницијален импулс кој ќе покрене една лавина која ќе почне да се тркала и на која и нема крај.

Сите сме уморни од партиската политика, која кај нас го достигна дното на примитивизмот; од плакати кои ни кажуваат кому да му веруваме, а кому не. Меѓутоа, надежта дека постои иста шанса за сите и дека Македонија има потенцијал за демократија не смее да исчезне. Од оваа причина; и бидејќи сметам дека со тоа придонесувам за културен, политички и демократски развој на нашето општество, ја поддржувам Д-р. Билјана Ванковска во трката за 10.000 потписи.

Автор: Андреј Петровски

Извор: Факултети