За политичката партиципација и слободата на избор

За само неколку часа тестот на професорката Билјана Ванковска за собирање на 2.000 лајка на социјалната мрежа Фејсбук за можна кандидатура за претседателските избори успеа, а со тоа таа се реши и да го започне процесот на собирање 10000 потписи со кои ќе ја оствари можноста да се најде на листата за кандидат за претседател на државата.

Дали ќе биде лесно да се совладаат сите пречки и граници, каков е нејзиниот однос по неколкуте основни прашања поврзани со нејзината можна кандидатура и кои се нејзините досегашни позиции по неколку теми од краткото интервју со кое имаме желба да ја доближиме политичката слободата и желба на сите граѓани за забрзан развој и напредок на нашиот систем, генерално.

Како е да се биде “прва (независна) жена“ која има желба да влезе во трката за претседател на Македонија?

Добро е што не сум првата жена која се одлучила на ваков чекор, бидејќи тоа зборува за одреден степен на женска еманципација и учество во јавната сфера. Да потсетам на одличниот настап на Мируше Хоџа на минатите претседателски избори – без оглед што не ги делев нејзините ставови, сепак таа покажа како интелигентна жена може да се „носи“ со машки противкандидати. Од друга страна, го имаме и примерот на Слаѓана Тасева која, пак, не успеа да собере 10,000 потписи како независен кандидат. Јас, всушност, се обидувам да го направам она што неа не ѝ успеа – без никаква партиска и финансиска поддршка, ама со силен граѓански активизам, да покажам дека нема „невозможна мисија“. Интересно е што голем број од граѓаните не знаат дека имаат право, демократско право, да се кандидираат за сите политички функции. Јас одлучив да покажам дека политиката ни припаѓа нам, на граѓаните, и дека освен да бираме, можат и да нѐ бираат.

Мислите ли дека ќе биде тешко собирање на потписи кои ќе ви овозможат реално да бидете на листата на кандидати?

Иако мојата најава почна на невообичаен начин (со предизвик и барање поддршка со „лајкови“ на социјалната мрежа Фејсбук, на што мнозина дури и се потсмеваа), јас сум длабоко свесна за предизвикот и за сите тешкотии во длабоко поделено и партизирано општество да се стигне до ваква поддршка. Но, да беше тоа невозможно, и да немаше надеж за автентична граѓанска иницијатива, немаше ни да тргнам по овој пат, кој е многу поразличен од спокојството на мојот професорски кабинет.

Тешко ли беше да се донесе таква голема одлука, досега немате директно искуство со политика?

За оваа работа не размислував длабоко, односно не ми било нешто што сум го планирала. Искрено ќе Ви кажам дека, како што вели народот, „ми пукна филмот“ во ситуација во која се почувствував немоќно нешто да сменам од позиција на интелектуалец и активист (во Иницијативата за РЕКОМ). Тргнав спонтано и за само три часа ми стана јасно колку сериозна општествена енергија сум покренала – како мнозина да рекоа: фала богу, ѝ текна! Со години мнозина ме обвинуваа дека си го чувам спокојството на професоркста позиција, па не сакам да се ангажирам, а јас им велев дека мојот јавен ангажман е политика по дефиниција, ама не партиска политика на која сме најчесто изложени. Но, сега кога тргнав, од час во час, ми станува сѐ полесно – особено поради големата позитивна енергија која ме заплиснува од сите страни. Волонтери, луѓе кои сакаат да помогнат, луѓе кои сакаат нешто ново – тоа е она што го среќавам деновиве.

Што очекувате од независните граѓани во државата, дали се доволно за да се постигне прогрес?

Всушност, очекувам сите жители на Македонија да се граѓани во вистинска смисла на зборот! Да излезат од очајот и пасивноста, да се ослободат од стравовите и стегите околу нив, и да дејствуваат по сопствено убедување и да учествуваат во носењето на одлуките за себе ама и за својата заедница. Во овој случај, ќе се радувам ако излезат да стават потпис на мојата кандидатура, барем да ми дадат шанса да бидам глас на безгласните и кандидат на сите граѓани, без посредство на партиски калкулации и комбинаторики.

Каков е односот на медиумите со Вас по ова прашање, има ли интерес од нивна страна за следење на вашите активности?

Се чини дека некои новинари и медиуми ме сфатија сериозно, а некои ме игнорираат. Веројатно се навикнати на некакви официјални соопштенија, свечени сали и микрофони, прес-конференции и сѐ она што е вообичаена сценографија за вакви настани. Јас тоа не го направив ама доволно гласно обзнанив дека сум сериозна во намерата. Еве, веќе утре ќе одам во ДИК за да поднесам барање за отворање на списоци за поддршка на мојата кандидатура. Се надевам тогаш ќе сфатат дека сум многу сериозна во намерата. Но, има и медиуми кои не разбираат дека до моментот во кој ДИК ќе прогласи дека сум собрала 10,000 потписи јас имам право, а секако и потреба, да комуницирам со граѓаните кои сакам да ги убедам не да гласаат за мене, туку да ми овозможат да се натпреварувам со другите партиски кандидати. Има страв од наводно кршење на законските норми или наоѓање изговор за да не се изврши новинарската функција како што треба. Свесна сум и за можно опструкции, но затоа наоѓам алтернативни канали за комуникација со граѓаните преку социјалните мрежи.

Кои се основните работи за кои ќе се залагате?

Со оглед на надлежностите на претседателот на Републиката, јасно е дека ќе се држам до она што би била моја задача. Но, покрај вршењето на тие задачи, би вовела проактивен однос во комуникацијата со другите институции на власт, Собранието и Владата. Сметам дека пасивен претседател, кој учествува на локални настани или оние од глобален карактер (што е, секако дел од неговата задача), не може и не смее да остане нем кога во земјата се случуваат драматични настани или се носат закони кои задираат во човековите права. Ако треба со еден збор да ја опишам позицијата на претседател каков што јас би сакала да бидам (или да имам) е зборот кохабитација. Друго што е значајно е дека јас со себе би ги внела сите знаења и лични потенцијали со кои располагам: а вредностите на кои сум посветена низ целиот свој јавен ангажман се токму човековите права, мирот и ненасилство и во домашните и во меѓународните односи, соживотот и единственост во ставовите со кои се претставуваме во светот, за да не бидеме паричка за поткусурување и слаба држава.

Порака до жителите на Струмица:

Струмичани се навикнати на динамичен политички живот. Свесна сум дека тука се прекршуваат и политичките делби кои се одлика на земјата, ама убедена сум дека има голем број на слободномислечки луѓе. Верувам дека дури и партиски определените граѓани можат да ја сфатат придобивката од уште еден, сега партиски неопределен, кандидат кој би ја збогатил дебатата за време на кампањата, и би внел нови бои во црно-белиот свет. Затоа се надевам дека во периодот од 16 февруари до 2 март ќе најдат време да појдат до канцеларијата на ДИК за да дадат потпис за мојата кандидатура. Потоа, се разбира, самите ќе одлучат кој кандидат е најдобар.

Извор: Струмица Онлајн