За три месеци ќе научам да комуницирам на албански

Професорката Билјана Ванковска е една од засега само четворицата граѓани на Македонија што јавно ја претставиле својата амбиција да влезат во трката за претседател на државата во април. Таа е воедно и единствената независна кандидатка.

Каква политика би воделе за прашањето за името, со кое се поврзани и евроинтеграциите, може ли да придонесете да се надминат проблемите?

– Имам чувство дека ние, како држава, воопшто не водиме политика во однос на прашањето за името, па затоа првата задача би била отворање дијалог и создавање државен став по ова прашање. Граѓаните заслужуваат да имаат и повеќе информации за овој таинствен процес, кој се користи (или, поточно, злоупотребува) и во внатрешната политика како паричка за поткусурување меѓу партиите и етничките заедници. Во меѓународните односи ни треба проактивна политика, особено во делот на она што е јавна дипломатија – претседателот може да иницира средби со разни делови на двете општества, а не нужно да се држи до највисоките канали на комуникација. Загубени се многу години во рововска битка меѓу Грција и Македонија, а свесни сме дека има многу работи што ги поврзуваат двете општества и граѓани, кои на лична основа не се мразат ниту конфронтираат. Но, кога станува збор за евроинтеграциите, би настојувала да издејствуваме почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, и за тоа адресата не е Атина, туку Брисел и Вашингтон. Но и создавање поразиграна дипломатска битка со многу други држави, надвор од Европа и Северна Америка. Македонија не смее да има вечни пријатели, туку само национални интереси од кои ќе се води, и тоа со почитување на меѓународното право и мирољубивата политика.

Дали надминувањето на недоразбирањата со Грција би ги отворило сите патишта за Македонија, или би ни останале и Бугарија и другите соседи што би можеле да се појават со свои барања и интереси?

– Свесна сум дека Балканот функционира по систем на поврзани садови, по принцип на акција и реакција. Затоа мора да се води регионална политика, и тоа принципиелна, без оглед кон кој сосед се обраќаме. Без оглед дали и кога ќе влеземе во НАТО и во ЕУ, ние остануваме соседи. За мене најважни се регионалните односи, соработката по сите (не)искористени канали – од културни, спортски, академски, дипломатски итн. На национализам, па и на неофашистички изблици, не смееме да одговараме со иста мера, бидејќи тоа нам ќе ни се врати како бумеранг. Мора да се градат повеќеслојни односи и да се создаваат алијанси на демократските и напредни сили од целиот регион.

Кои се најголемите меѓуетнички предизвици во Македонија и како вие може да придонесете да се надминат?

– Меѓуетничките предизвици се во општеството, се одвиваат и наспроти политичките играчи и институции. Она што претседателот дефинитивно може да го направи на овој план е со силата на својот пример да покаже дека е отворен кон сите и сите ги третира како граѓани на заедничка држава. Би сторила сѐ за негување на процесот на постконфликтно помирување, залечување на отворените рани од конфликтот (особено проблемот со исчезнатите, статусот на учесниците), учество во регионалната иницијатива за РЕКОМ итн. Кабинетот би бил отворен за најквалитетните кадри од сите заедници. И, конечно, моето прво ветување е дека за три месеци ќе научам да комуницирам на албански (сега знам само на српски, покрај мајчиниот јазик). Силата на примерот би послужила како неформален поттик кај сите делови на општеството. И, се разбира, во движењето низ земјата би сакала да го посетам секој нејзин дел, да зборувам со луѓето, ама и многу да слушам.

Дали мислите дека можете да бидете доволно силен претседател што ќе влијае врз областите што се во неговите ингеренции, пред сѐ во надворешната политика и во одбраната, и во кадровска, и во организациска, и во политичка смисла?

– Силен претседател не е нужно демократска одлика, ама би била активен чинител, кој нема да дозволи некој центар да му кажува дали да оди на Генералното собрание на ООН или не. Во надворешната и безбедносната политика веќе се поставени некои темели, кои секој претседател мора да ги почитува, ама јас ќе настојувам да се разговара и преиспита, на пример, нашето натамошно учество во воени мисии, статусот на воените лица и сл. Во кадровска смисла би сторила сѐ за почитување на принципот на непартизам и систем на напредување по заслуги и квалитет, а во општо добро на земјата.

Премногу ретко претседателите во Македонија го користеле правото на вето на законите. Дали овој инструмент, иако е полупротоколарен, може да ја засили институцијата претседател и да придонесе за поголем баланс на политичката моќ во земјата?

– Овој инструмент навистина не е пресуден во законодавната дејност, но мора да биде коректив. На пример, ако станува збор за закон што навлегува во женските или работничките права, кој друг ако не претседателот би требало да го искористи суспензивното вето за да опомене, за да искаже став, за да ги артикулира ставовите на јавноста, да отвори посилен дијалог. На крајот ќе одлучат членовите на парламентот, но претседателот мора да е вистинска совест и разум, некој што од натпартиска позиција ќе се грижи и за човековите права и за државните интереси. Ако ме прашувате мене, јас не би ги жртвувала човековите права за наводни државни интереси. Граѓаните ја прават државата, а не обратно.

Извор: Нова Македонија