Зошто независен кандидат?

Почитувани граѓани на Република Македонија! Се наоѓам во една чудна ситуација во која сè уште не сум претседателски кандидат, меѓутоа сум на добар пат да ги добијам десетте илјади потписи кои ми се потребни за да навистина се најдам на таа позиција. Токму затоа веќе се поставува и прашањето зошто јас, зошто независен кандидат, и едно потпрашање кои многумина си го поставуваа – дали е навистина независен кандидат. Со ова мое обраќање би сакала да одговорам на некои од тие прашања. Ако 20-тина години ми верувате на моето знаење, на мојот критички ум, на мојата обсервација и на мојата анализа, се поставува прашањето – а зошто не би се пробала во оваа ситуација да ја добијам вашата доверба.

Досега имавме различни претседатели. Тоа беа главно претседатели кои доаѓаа од партиите или кандидирани од партиите, кои пренесуваа партиски ставови и тогаш кога ви кажуваа – јас сум претседател на сите граѓани. Се наоѓаме во една тешка политичка, економска, духовна криза ако сакате, криза на моралот, криза на демократијата. Се татни и се случуваат најнеобични работи, меѓутоа и драматични работи во сите земји од нашето опкружување. Зошто е тоа така? Тоа е така затоа што и тамошните граѓани се разочарани од она што 20 години им се пласира како демократија, како партиски плурализам, како движење кон либерално општество, кон прогрес.

Јас не велам дека во Република Македонија е така, јас не велам дека треба да се плашиме од некакво драматично случување, меѓутоа чувствувам дека ни одбројува, чувствувам дека доаѓа момент во кој ќе мораме нешто да направиме. Независниот кандидат во претседателската трка е некој кој ќе ја промени целата таа атмосфера, ќе ја промени целата дебата. Ќе имате некој за кој ќе знаете и ќе можете да процените дали зборува конзистентно, дали зборува умно, дали зборува убедливо, дали верува во тоа што го кажува, дали има идеја, дали има визија, дали има знаење од областа за која се кандидира. Сето тоа останува на вас да го решите, меѓутоа во оваа фаза е потребно заради квалитетот на претседателските избори да има и независен кандидат, вистински независен кандидат. Некој кој не бара од вас ништо повеќе од потпис, а понатаму доверба ако ја заслужи.

За повеќе од обраќањето на проф. д-р Билјана Ванковска до македонската јавност, погледнете го видеото подолу.