Зошто потпис за независен кандидат?

Почитувани граѓани на Република Македонија! Ви се обраќам од местото каде редовно го минувам својот живот, својот работен век, онаму каде мнозина од вас ме гледаат или како професор, или како аналитичар, или како коментатор на тековните случувања.

Овој пат ви се обраќам од една сосема поинаква позиција, од позиција на граѓанин кој одлучил дека негово демократско право не може да биде само правото да тој избира, туку и правото да биде избран. Некому ова може да му звучи дрско, безобразно, како може некој да се осмели надвор од политичката каста, да се осмели да оди на највисоката позиција во државата како што обично ја именуваат. Ете, јас се осмелив. Се осмелив не затоа што имав мотивација, туку затоа што имав фрустрација. Затоа што веќе 20-тина години доследно ја чував својата непартиска позиција, својата позиција на дисидент ако сакате, постојан критичар на сето постоечко, без поголеми ефекти. Не бев сама на тој пат, нè има мнозина, меѓутоа не успеавме да постигнеме некоја поголема промена.

Сфатете го ова како обид на еден човек кој е пред работ да дигне раце од сè. Значи, не помагаат критики, не помагаат укажувања. Овој пат решив, заедно со вас се разбира затоа што поинаку и не е можно, да одам во две трки – едната е трката за 10000 потписи што ќе ми даде шанса да застанам заедно со другите официјални претседателски кандидати во она што се вика претседателски избори, а потоа ако вие ми ја дадете довербата и шансата од 10000 потписи тогаш навистина ќе можам да покажам што знам, што умеам и што можам, и едноставно како ја замислувам Република Македонија во наредните пет години.

За повеќе од обраќањето на проф. д-р Билјана Ванковска до македонската јавност, погледнете го видеото подолу.