Дебата – што беше тоа?

Каква дебата! Каква елоквенција, аргументација и политички досетки! Не, не се шегувам – вистина е! Но, се разбира, не станува збор за македонски политичари, најмалку за претседателски кандидати. Британската јавност имаше (и ќе има) извонредна можност во рамките на „Дебатата за Европа“ да ги проследи аргументите „за“ и „против“ во ТВ-дуел на Ник Клег и Најџел Фараж. Ова се претставниците на двата пола, односно на најпроевропската и најевроскептичната политичка опција (или, подобро кажано, опцијата што се залага Велика Британија да го напушти членството во ЕУ).

Вакво нешто е невозможно да се види кај нас. Настрана што нема да се најде политичар да застапува евроскептицизам, бидејќи тоа се смета за богохулство, туку за такви елоквентни политичари што во две минути кажуваат повеќе од нашите за два часа јадење бурек – можете само да сонувате! Тешко, ако не и невозможно, е да се најде соодветен (прифатлив за двете страни) медиум што би ја организирал!

Вклучувајќи го и она што го нарекуваме „јавен сервис“, кој по правило е сервис, ама на владејачката партија. На крајот се чини невозможно да најдете водител што не само што ќе знае што зборува, умешно ќе ја модерира дебатата за да не ја задуши, ама и нема да дозволи некој да излезе од рамките на времето и темата. И нема да ги кара соговорниците што мислат така како што мислат, туку ќе се однесува со должна почит кон двајцата. Сето ова во Британија се случува во пресрет на изборите за Европскиот парламент, т.е. дури е и надвор од официјална кампања.

За тоа време во Македонија – претседателска кампања, ес јужуал. Кандидатите растрчани, кој повеќе, кој помалку, кој по села, кој по градови, кој по населби. Некој (се знае кој) со патувачки циркус и партиски војници од цела држава, кои создаваат привид на спонтан народен митинг, а другите со т.н. средби со граѓаните или со припадниците на својата етничка група. Она што пошироката публика може да го прими како порака е само во вид на извештаи во вестите, во вид на платена политичка програма и билборди (секој според финансиските можности) или бесплатна промоција преку социјалните медиуми (според умешноста). Засега кандидатите претпочитаат директно обраќање на гласачите, без да влезат во дијалог со опонентите.

Она што вчудовидува е дека сите до еден читаат однапред подготвени говори! Да не беа професори, човек и да ги разбере – ама кога професор не може половина час да каже што мисли, да артикулира порака и став, тоа е веќе симптоматично. Или кажува туѓ текст или не е убеден во она што го говори. Но тоа повеќе зборува за сите нас, за нашата политичка култура, но и за политичките партии и изборите, отколку за кандидатите. За разлика од Британија, овде аргументите не се на цена, уште помалку личноста и ораторските способности. Овде и пингвин поткрепен со машинерија, медиумска кампања и начин за дисциплинирање на гласачкото тело и/или контингенти – ќе победи без никаков проблем! Ова го знаеме сите и не е никаква новина. Зошто сега би било поинаку?

Сепак заслужува внимание феноменот на „живнување“ на некои интелектуалци, амбасадори, новинари, аналитичари, професори како под диригентска палка – и повторно низ хорско пеење го кажуваат она што можеби и самиот кандидат не умее да го артикулира. За естрадата и „ко то тамо пева“ и да не зборувам… Наместо кандидатите да се презентираат себеси и својата програма, гледаме кој повеќе обожаватели собрал околу себе – особено ако се тие популарни фаци што „палат“ кај народот. Единствената новина засега беше обраќањето на сопругата на еден од кандидатите, која во полуамерикански -полуконзервативен стил зборуваше (читаше?) за брачната хармонија (некои побрзаа чинот да го прогласат за „уривање на политички табуа“, што ме наведе да се прашам какви ли табуа ќе се урнеа доколку, наместо кандидат, имаше кандидатка, која не само што нема партија туку дури е и разведена!). Се сеќавам на забелешката на мојата најмала ќерка, која имаше само 10 години за време на изборите во 2004-та: „Зошто ако веќе има четворица кандидати (двајца Македонци и двајца Албанци), на ТВ-програмите гледаме само двајца?“ Слично е и сега… Двајца се однапред фрлени во аут. Дури и најдемократски настроените новинар(к)и не го забележуваат тоа, кога форсираат биполарен пристап во анализата.

Измина третина од кампањата, а едвај разбравме кој за што се залага. Дебата не е ни на повидок! Никој, па дури ни новинарите ни уредниците не знаат дали воопшто ќе се одржи ТВ-соочување на претседателските кандидати. Најбурна беше реакцијата на ТВ Телма, која покажа со прст на ароганцијата на актуелниот претседател, кој дури не ги ни удостоил со одговор на поканата за дебата (иако останавме ускратени за информацијата дали другите кандидати одговориле позитивно). Жестокоста на реакцијата веројатно се должи и на фактот што токму во тоа време Иванов веќе имаше лежерно интервју во кое „јадеше бурек“ (за волја на вистината, таму бурек јаделе и други кандидати во минатото, вклучувајќи го и Фрчкоски, па не им се земало за зло).

Во отсуство на вистинска аргументирана дебата, еден лапсус на актуелниот претседател (заедно со неколку несмасни коментари) создаде бура. Веќе цела недела, наместо за битните работи, на социјалните мрежи (виртуелното „сретсело“) врие од подбивање за тоа како Ширак станал американски претседател и колку е голем Казахстан. Дури и не се забележува дека ова, иако звучи парадоксално, му помага на кандидатот што е предмет на потсмев – не го повикуваат за она што (не) го направил во изминатите пет години, бидејќи најважно е дали знае кој е претседател на САД (а како не знае, кога нели му намигнал?).

Другата страна, пак, се фокусира на (скинатите) чорапи на противкандидатот, додека еден дневен весник на насловна страница актуализира важно прашање како „дрес-кодот на претседателските кандидати“ (стилот на облекување или „пакување“ на производот што се продава). Реакцијата на Телма е основана, селективен однос кон медиумите постои и надвор од изборите. Но ако се сака вистинска демократска дебата, таа не може и не смее да се поврзува само кампањите. Ако во програмската шема воопшто не негувате редовна дебата за најважните јавни прашања, тогаш наменските ТВ-дуели немаат никакво значење за развојот на демократијата. Медиумскиот простор е одамна поделен и забарикадиран, па точно се знае кој во која зона настапува и која медиумска куќа кого фаворизира. Исклучоците се како вид што изумира… Тоа што за време на кампањите медиумите се однесуваат како пазарџиите што ги качуваат цените пред Велигден и тријат раце од заработката веќе спаѓа во доменот на политичката економија на демократијата. Сепак, најстрашно од сè е што нема ни публика заинтересирана за дебата. Или постои (доминантна) апатична маса што вели дека „политиката не ја интересира“, па си гледа „Икс-фактор“, спорт, турски серии или реалити шоу, или гладијаторска публика што сака „крв“, ниски удари и која воопшто не ги вреднува аргументите. Всушност, дебатата е луксуз за вакво општество. Затоа имаме владетели какви што заслужуваме.

Извор: Нова Македонија