Гоце и светот

Секогаш кога кратко ќе се каже „Гоце“ (како локација), не е потребно објаснување: тоа е синтагмата за најголемиот студентски дом во Македонија. Случајно пораснав во неговата непосредна близина, но како скопјанка ретко сум имала можности да го видам однатре. Пред многу години, како студентка знаев да наминам на кратка посета кај колеги. Тогаш дури и им завидував на слободата што ја имаат како млади луѓе надвор од постојаното старателство, па и контрола од страна на родителите. Ние, студентите од Скопје, бевме поштедени од секојдневните грижи, ама никогаш не почувствувавме што значи од свои 18 години да се осамостоиш, да бидеш сам свој господар (на времето и на скромните средства за живот). Немојте да се смеете, ама во тие години смеев да излегувам навечер само до 22.30 часот, дури и кога бев пред дипломирање. Слушав како моите колеги од другите градови си го живеат животот и се „журкаат“ кога ќе им се посака. Се разбира, тоа беше романтизирана верзија на нивниот живот. Само тие знаат колку им завидувале на таквите разгалени како мене што не мораа да се грижат за оброците, хигиената, тишината потребна за учење. Сепак, зборувам за време во кое „Гоце Делчев“ личеше на хотел од висока категорија, не само според надворешноста (архитектонското решение) туку и според стандардот за живеење. Да, тоа беше во оној проколнатиот, лош и авторитарен систем, во кој и студентскиот стандард беше многу повисок од денешниот, квалитетот на универзитетското образование многу посолиден од денешниот, а нивото на дискриминација по партиска основа многу понезначајно (веројатно затоа што сите имаа една иста книшка, или тоа се подразбираше).

Сликите со кои деновиве Македонија (под уставно име!?) се „прослави“ потекнуваат токму од овој студентски дом: стигнавме до лондонски „Индипендент“, кој предупреди дека сликите се одвратни. Описот е сосема на место! Сега можете само да замислите каква е стварноста, дополнета со смрдеата и атаката на другите сетила. Пред 15 години посетив студентски дом во Сеул (ние, учесници на светски собир на меѓународната асоцијација за политички науки од сиромашните земји ја прифативме најевтината опција понудена од домаќинот). Се сеќавам на ужасот со кој гледавме на полициските пунктови среде студентскиот град, проверки на секој чекор, пендреци подолги од просечната височина на полицајците (кои, додуша, беа распоредени и низ градот). Внатре, среде летен распуст, помал број студенти, па добивме поголема приватност и „луксуз“. Јас и колешка од факултет, заедно со колега од Белград, издржавме нецели 24 часа! Настрана монсунската клима (климатизерите беа мислена именка), понеподносливо беше одењето во туш-кабините и тоалетите. И покрај долгиот лет, преседовме со очи ширум отворени едвај дочекувајќи го утрото; ги собравме последните пари што ги имавме за да побараме преместување во хотел. Колку наивно од мене што помислив колку се среќни нашите студенти, дека сè уште царуваат недостижен студентски стандард и слобода (неприсуство на полиција)!

Веројатно веќе тогаш почнало драматичното (физичко и друго) уривање на „Гоце Делчев“; но јас веќе бев професор, па не бев го посетувала. Тоа беше времето кога почна да се „арчи“ сè што беше изградено во вид на инфраструктура во претходниот систем. Што се однесува до пендреците, кај нас никогаш и не беа потребни – студентите никогаш не дигнаа глас како оние во Јужна Кореја, со исклучок на помали групи, кои беа замолчувани и бркани пред портите на ректоратот. Денес не смее да се бега во разни објаснувања, бидејќи вистинскиот заклучок гласи: хорор-сликите од „Гоце Делчев“ не се приказ на руиниран студентски дом, туку симбол на македонската стварност! Попусто, споменик на Гоце на плоштад, восочна фигура во квазимузеј, попусто владини кампањи „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, попусто (лицемерно и цинично) изјавување дека Владата само што не се зафатила со реновирање на студентските домови. Попусто, претседател на државата-професор…

Колкаво е нашето знаење за Гоце Делчев, иконата на револуционерното и ослободително движење? Освен најчесто цитираната (а не применувана) мисла: „Светот го разбирам како поле за културен натпревар меѓу народите“ – малкумина знаат нешто повеќе. Многу поважна е една друга негова мисла: „Револуцијата во свеста, срцето и душата на еден ропски народ (народ со ропски менталитет) знајте дека е највеликата задача“. Деновиве читам папагалски рефрени за тоа дека студентите биле отсекогаш двигатели и носители на подобра иднина на секое општество, дека во нивните вени течела бунтовна крв, дека (како што пишува млада колешка) тие „се онаа искра што го потпалува огнот на развој и просперитет, онаа искра што се вивнува и која жари во мигови на беспаќе и аномија, онаа искра што продорно запекува кога се наталожуваат неправди и безизлез – особено за младата популација“. Фрази, фрази, фрази! Ниту мојата генерација, ниту таа пред неа, или по неа, не живеела со вакви идеали (освен со фразите типични за секое идеологизирано, а празно и од суштината ослободено општество)! Јас бев премлада за 1968-та, ама од другите знам дека и тогаш овде владеел „ропски менталитет“, сме биле тивка бара… Тие што тогаш беа студенти, подоцна станаа родители, политичари или професори со „ропски менталитет“: со наведната глава што сабја не ја сече, па не дигнаа глас ни за реформи, ни за дисциплина на кичмата, ни за газење на автономијата! Не го дигаат гласот ни на наставнички совет, ни на универзитетски сенат, а не дај боже пред некоја владина институција! Кое лицемерство е сега да се чудиме што студентите од „Гоце Делчев“ молчеле и трпеле! Откако во секое село се отвори универзитет, младите се гетоизираа, си останаа во родните места. По исклучок, некои стигнале во Скопје, Битола или друг град за да студираат нешто што го немаат во родниот или што сакаат поквалитетни студии, веќе „издресирани“, со партиски книшки и подложени на беда и бескрупулозни уцени. Ние (трпиња и трајчиња) што не сме покажале трошка интерес или солидарност, кои сме го затнувале носот кога сме минувале покрај реата, сега сме згрозени од нивниот молк!? Револуцијата не може да почне кај студентот кој тукушто стасал на студии, туку првенствено кај прогресивните кругови и кај професорите. Знаете ли колкупати сум ги поттикнувала студентите и заедно со нив сум потпишувала петиција за некои понормални услови на самиот универзитет (да, да, и тој е изграден во бившиот систем и веќе се распаѓа)? Од барање прозорците да се затвораат, да имаме греење, па сè до тоалетите (колку убав збор за турските „чучавци“, кои ни ги заменија неодамна)… Не, студентите не се виновни, ниту од нив смееме да бараме да ја предводат револуцијата на свеста, на срцето и душата. Виновни сме ние што дозволивме и сè уште негуваме став на граѓанин, покорен и исплашен, што останавме слепци пред руината во која ни се претвори животот украсен со барокни фасади и споменици.

Извор: Нова Македонија