Граѓанинот е ставен во закрепостена позиција

Факт е дека политичката култура која намерно се негува е таа поданичката, на граѓанинот-покорен, и таа не може да се смени со појава на независен кандидат. Но, открив неочекувани енклави, џепови во општеството, во кое и тоа како блика енергија и желба за промена, бунт против ваквиот систем.

Професорката Билјана Ванковска е последната во низата на обиди за независна кандидатура за претседателските избори преку собирање на 10 илјади потписи. И повторно бевме сведоци на партиски поделеното општество и немањето шанса за пробив на една граѓанска независна иницијатива. Ванковска овој неуспешен обид воопшто не ја разочарува.

-Никако! Само сум уморна, ама збогатена со едно необично и уникатно искуство надвор од професорскиот кабинет. Разочарување има на лична основа, кога ќе видите пријател/пријателка или колега/колешка кои ви честитаат на храброста, ама гледаат долу, знаејќи дека не ви дале потпис. Ама тоа не е ништо ново во животот.

Од вашето искуство во врска со собирањето потписи се согласувате со тоа дека – едно е Фејсбук, седиш дома и кликаш, а сосема друго е спремање, излегување надвор, одење на шалтер, потпис…

-Уште пред да се впуштам и да стекнам искуство, како разумен човек и научник ја знаев таа разлика, иако голем број медиуми настојуваа да ме прикажат како несериозна, па и „тинејџерка“ која е самобендисана и верува во се’ што ќе види на ФБ. Но, сега кога постепено ги добивам списоците и ги разгледувам, забележувам дека огромен број ликови од ФБ се навистина меѓу потпишаните (оние кои не се таму се, всушност, нашите млади и образовани луѓе кои се отселиле од Македонија во изминатите 15-20 години; поддршката од тој дел од дијаспората беше огромен). Не заборавајте, социјалните мрежи беа речиси мојот единствен начин на комуникација со јавноста (покрај флаерите кои ги делеа волонтерите) – и тој даде одлични резултати. Проблемот беше повеќе кај оние кои не ги користат социјалните мрежи, а до кои, јас како поединец немав ни физички, ни финансиски капацитети да допрам со информација. Вистина е дека одењето кај службено лице на ДИК претставува не само јавно изјаснување, туку и создава страв – дека властите ќе ги „чешлаат“ списоците, дека ќе бидат видени… Ако за исплашените граѓани (особено во малите места) имам и разбирање и сочувство, никако не можев да ги разберам разните активистички и интелектуални кругови, кои десетина денови ме тестираа, „испитуваа“, т.е. чекаа да ме „разоткријат“ дека некоја партија стои зад мене. Додека се сетија дека е тоа лага и пропаганда, веќе почна бранот на собирање потписи за Иванов, и беше доцна.

Имате уште верба во она што значи граѓанска иницијатива, граѓанска моќ?

-Не заборавајте дека јас таа граѓанска моќ сум ја испитувала и многу порано. Ова што сега го видов како уште подлабоко поделено и политизирано општество е само емпириска потврда на една научна хипотеза. На пример, ова искуство (иако во голема мерка различно) ми предизвика дежа ву чувство на рефренедумот од 2004 година – денот потоа бев дочекана како херој, ама сите гледаа надолу кажувајќи дека им било страв да излезат и да се потпишат затоа што се плашеле од власта. Факт е дека политичката култура која намерно се негува е таа поданичката, на граѓанинот-покорен, и таа не може да се смени со појава на независен кандидат. Но, открив неочекувани енклави, џепови во општеството, во кое и тоа како блика енергија и желба за промена, бунт против ваквиот систем. Ги открива надвор од местата каде што очекував дека ќе ги најдам (на пример, дојде до целосно потфрлање на женското движење, да споменам еден пример). Фактот што на моите списоци има граѓани од сите етнички заедници, од други ранливи групи…е сепак охрабрувачки! Јас очекував дека помалите алтернативни групи ќе ја препознаат оваа прилика како можност да создадат синергија, да станат утоки на едно помасовно движење (јасно беше дека јас немам шанси на претстедателските избори, дека не можам да се борам со матриксот, ама со 10.000 потписи ќе бев можеби иницијатор на нешто сосема ново). Тоа останува за некое друго време.

Сите ја имаме перцепцијата за партиски поделеното општество. Директно имавте искуство да го видите тоа на лице место. Како е таму?

-Точно е дека јас доаѓам од привилегирана универзитетска средина каде можам да си ја сочувам личната слобода и право да бидам своја и различна. Тој „луксуз“ граѓаните го немаат, особено во малите средини. Можам најодговорно да тврдам дека ситуацијата беше идентична и во општини каде владее позицијата и во оние каде владее опозицијата. Граѓанинот е ставен во закрепостена позиција, внесен во списоци со сите генералии и мобилен телефон и само чека на повик и знак за масовна „спонтана“ мобилизација. Тоа допрво ќе го гледаме низ официјалната кампања. Најголемо разочарување беа големите општини, каде граѓаните за себе имаат перцпеција дека се слободоумни, па и бунтовни – и се виде дека иако нема Пустешани, сепак некои повеќе сакаа да гледаат сеир, да седат во кафулиња и да негодуваат против партиите, одошто да сфатат дека внесувањето на некој како мене на тој ринг ќе ја збогатеше дебатата. Во најмала рака, тоа ќе беше новиот интересен момент во овие веќе предвидливи и здодевни избори.

Мислите дека проблемот е во бројката, која од вашето и претходните искуства ја убива желбата за една ваков граѓански активизам, или проблемот е некаде во нашето општество?

-Бројките не се најважни – барем мене не ми беа, бидејќи знаев дека сум „аутсајдер“ со една сосема друга мисија, а не мисија да станам претседател на Македонија. Важен беше процесот, патот кој го одевме речиси еден месец, а на кој јас бев лично воодушевена кога гледав како луѓе кои никогаш порано не ме знаеле сами ми пријдоа, се запознаа, почнаа да планираат, дејствуваат… Се шегував дека тие ми ја „киднапирале“ кампањата – ама тоа беше најубавиот дел од нашето заедничко искуство. Сега планираме заедничка книга во која ќе ги раскажеме нашите искуства и визии за иднината, а која ќе биде наменета за поширока публика, а не за академската заедница која ионака си остана интровертна и самодоволна.

Заклучок?

-Заклучокот ќе го оставам за некое друго време… Ова е за мене период на полнење на батериите, на рефлексија, на деконструкција на лицемерието на мнозина, ама и на собирање на онаа убава општествена енергија која ја открив кај луѓето, кои инаку непознати, цело време беа до мене без интерес, без очекувања да профитираат, па дури и со ризик за своите иднини. Тие се толку полни со ентузијазам, што не ме оставаат да здивнам, и веќе планираат нови алтернативни потфати. Тие не се поврзани со овие избори од кои не очекуваме ништо ново – јасно ни е на сите дека е ова долгорочна работа, па ако јас и не успеам да ја завршам, веќе гледам брилијантни млади луѓе кои се подготвени да се ангажираат на граѓанска основа. И тоа ме прави многу среќна!

Извор: МКД.мк