Груевизација на Србија

Домашниот политички циркус одамна престана да биде смешен. ДИК се надминува себеси (и лустрациската комисија) кога со надгласување одлучува за мртви души и фантоми, а сè повеќе личи на црната комедија „Адамсонови“. Деновиве, поинтересен се чини исходот на изборите во Србија повеќе како парадигма за постјугословенските општества отколку како пример за политичка анализа! Можеби мнозина ќе го сметаат за несоодветен и претеран насловот на колумната, особено ако знаат дека отсекогаш сум велела дека споредбата на Груевски (и неговиот „режим“) со оној на Милошевиќ никогаш не била нешто повеќе од обичен, па дури и очајнички пропагандистички трик. Парализирана од сопствената безидејност и искомпромитираност на опозицијата насушно ѝ беше потребно со што посилни и претерани квалификации да го портретира „непријателот“ (вообичаена тактика, која деновиве ја гледаме преку споредувањето на Путин со Хитлер). Уште пред српските избори се појави воодушевување од тамошните (наводно) демократски трансформации, што го оценив како површност, бидејќи и најмалото загребување под површината (под шминката што ја крие суштината) покажува слика на општество во длабока криза. За површните аналитичари, доволно беше да се нагласат „европскиот момент“ и прифаќањето на фактите за новата косовска стварност – и секако, тоа да се спореди со македонското лимбо.

Одѕивот на изборите беше исклучително низок (едвај над 50%), што значи и дека легитимациската основа на новата власт е многу послаба од она што го создава првиот впечаток и бројката на пратенички места. Велат дека напредњаците како цунами ги „сотреа“ своите лилипутански противници, кои не успеаја да го минат изборниот праг и останаа без политичко претставништво. Однесени од виорот, некои од лидерите на овие партии заминуваат во историјата, а со оглед на нивниот потрошен демократски капацитет, прашање е дали е тоа воопшто штета. Но останува дилемата на која се тестира секоја демократија: кој ќе ја контролира власта. Од она што досега го покажаа напредњаците, а особено во кампањата, јасно е дека во Србија настапува „македонскиот момент“; а Вучиќ станува српскиот Груевски (се разбира, без проблемот за името, етничките делби и споменичката и некрофилска археолошка манија). Омасовување на гласачкото тело против сите политички противници, заедно со огромната апстиненција, навистина овозможува лесно донесување одлуки, но создава и услови за фактички еднопартизам. Опозицијата има улога на декор, а не коректор и сериозен критичар на власта. Тоа предизвика вознемиреност, ама и (пуста) надеж дека по оваа „чистка“ нужно ќе дојде ера на нова социјална утопија, изградба на нова опозиција од пепелот на старата.

Вучиќ вети борба против корупцијата, апсења, расчистување со транзициските тајкуни, односно со сите оние што го осиромашија народот и создадоа „жртви на транзицијата“. Некои би рекле дека вети социјална правда и европски перспективи, заедно со нормализација на односите со Косово. Но при рака му беа и останаа тајните служби, заедно со зависното судство, клиентелизмот (т.н. буразерска економија) како начин на преживување, но и силната контрола над медиумите… Тоа што земјата е на работ на банкрот и што следува терапијата на ММФ е друг падеж, кој наскоро ќе создаде бран незадоволство и кај онаа четвртина од населението што поверува во чуда. Сето ова нам ни е добро познато. Јасно, не станува збор за буквално влијание на груевизмот во Србија, туку само за сличност опеана од Балашевиќ (принципот е ист, сето друго се нијанси). Разлики, се разбира, постојат. Ако денес странските медиуми за Вучиќ пишуваат дека е „политичка ѕвезда со мрачно минато“, Груевски дојде со чисто портфолио, како економист, технократ и човек што не беше оптоварен со меѓуетничките проблеми (како што призна во 2001-та како министер за финансии не ни бил свесен за конфликтот). Оттука, почна со чист лист, со преродба и со (желба за) мораториум за меѓуетничките односи – за да заврши таму каде што се наоѓа сега. А заедно со него и Македонија: клиентелистичка, закрепостена држава, без слободни медиуми, со луѓе што живеат од трошките обезбедени од државата. И тој, во пресрет на изборите, бара еднодушна поддршка што ќе му помогне да владее без да му пречат оние што се против Македонија. Разбирливо, таа реторика е насочена против Албанците (и во другиот табор е слично), но и кон опозиционерите одговорни за криминалната приватизација, сиромаштијата, стечајците итн. Србија си има проблеми со Санџак и Војводина (или можеби обратното е поточно?), но барем нема модел на споделување на власта по етничка основа. Оттука, Македонија си има двајца вождови, двајца лидери што во своето гласачко тело не трпат конкуренција, а притоа повремено знаат да ги разгорат етничките страсти – за заемно добро, особено пред избори. А потоа пак ќе направат коалиција… Сличностите меѓу Србија и Македонија се во состојбата со опозицијата и односот на странските ментори. Овие вториве ќе поддржат секого сè додека го држи возот на европски шини (дури и ако не се движи или го нишаат за да се создаде привид на движење). Во случајот на Србија тоа е важно особено сега, кога Русија покажа заби. На геополитиката малите држави не можат да влијаат, но она на што можат да влијаат се внатрешните состојби и демократските процеси. Така барем гласи мантрата. Сепак, ако некој воопшто и бил ангажиран во стејтбилдингот, селекцијата на елитите и активната поддршка на демократските сили, медиумите и невладиниот сектор – тоа биле странците. Империјата во одрекување (Чендлер) тоа нема никогаш да го признае, како ни својот неуспех во градењето институции и демократија во регионот на бивша Југославија. Аналитичарите велат дека во Србија, всушност, немало алтернатива. Дејан Илиќ напиша дека наспроти напредњаците, построени во колона на чело со силен водач што на луѓето им влеал надеж, не стоеле никакви заговорници на вистината, туку дека и натаму главно стоеле лажговци. Ова ме потсети на млад пријател, кој неодамна ми напиша: „Некој ќе рече дека не сака црно-бела Македонија.

Ама, на политичката сцена, не препознавам нешто бело. Гледам само две црни половини! Можноста за избор е сведена на повеќе или помалку црно. Во моментов не можам да бидам сигурен која е помалку црна од двете страни. Сакам да изберам бело“. Еден друг напиша на својот блог: сакам да бидам слушнат! Веројатно на младите генерации им останува да го бараат патот подалеку и од вождот и од апатијата, и да артикулираат начини и форми за да бидат слушнати и да можат да ја менуваат стварноста. По многу нешта, сите овие општества се на почетната точка, онаа пред транзицијата, а и пред војните…

Извор: Нова Македонија