Интервју за порталот Zazu.mk

Билјана Ванковска е професорка на институтот за Безбедност, одбрана и мир на Унив. Св. Кирил и Методиј — Скопје. Таа е и дел од Иницијативата за РЕКОМ, Регионална и независна комисија со мандат да ги утврди и јавно изнесе фактите за воените злосторства и другите тешки кршења на човековите права, како и да придонесе кон расветлување на судбината на исчезнатите, во војните 1991 – 2001 година на подрачјето на некогашната СФРЈ. Таа деновиве троши значителна енергија само за да собере 10.000 потписи со кои ќе може да биде меѓу кандидатите за претседател на следните претседателските избори.

Денеска ќе ѝ поставиме осум прашања со кои се надеваме дека нашиот читателот или читателка малку подобро ќе ја запознае Билјана Ванковска, па можеби дури и ќе посака да отиде со канцеларијата во својата општина каде може да ја поддржи нејзината кандидатура.

1. Ве молам наведете ги во листа пречките со кои се соочуваат граѓаните кои имаат желба да се потпишаат за Вашата претседателска кандидатура.
Билјана Ванковска: Листата е долга, но најчестите проблеми се следните:

  • Недостаток на информации за точната локација на канцелариите на ДИК (ДИК не само што доцна излезе со конечната листа на дополнителните локации, туку на неа имаше и погрешни податоци);
  • Непристапност на одредени локации (на пример, Карпош е не само на една изолирана локација, туку и тешкопристапна и за лица со возила, и за оние без возила, а за постарите и инвалидите и да не зборувам – качување по тесни и стрмни скали);
  • Затвореност на медиумите кои ме ставија на „мраз“ од моментот кога објавив дека собирам потписи – па не известуваат за локациите и за процедурата, туку се однесуваат како да е предизборен молк, а не граѓанска иницијатива и потреба да се информира;
  • Општествена „параноја“, страв да се биде виден во канцеларија на ДИК, да се биде јавно обележан како некој кој не припаѓа на дадена политичка партија или етничка заедница;
  • Засилен мониторинг не од мои претставници (бидејќи ги немам и не можам да ги имам како поединец), туку од партиски војници кои агитираат и одвраќаат, дури и кога луѓе доброволно дошле да дадат потпис (притисоците одат до таа мерка што некои пробаа да си ги повлечат слободно дадените потписи откако добиле јавувања и опомени);
  • Превисок цензус од 10,000 потписи за земја од два милиона жители (во Словенија овој број е само 5000, а Хрватска со 5 милиони жители го има цензусот како нашиот);
  • Моите слаби финансиски капацитети и неможност да однесам списоци во сите 80 канцеларии на ДИК; и
  • Огромен број луѓе на кои им се допаѓа непартиска личност се нашите млади иселени од земјата во изминатите 15-20 години – а за кои јас немам финансиски средства да испратам списоци во амбасадите низ светот.

Службеникот на ДИК од Куманово, Момчило Димковски, не само што не е во канцеларија, туку два пати ми спушта телефон. Кога по трет пат му реков да ми го даде мобилниот од неговиот колега која наводно е во канцелариј, тој на најдрзок начин ми вели: Ако ти фалат потписи, јас ќе ти обезбедам 500 од мене!! БОЖЕ МОЈ, СО КОГО СИ ИМАМ РАБОТА!!! — Билјана Ванковска, 28 февруари 2014 г.

2. Дали Македонија треба да бара прием во ООН под своето уставно име? Зошто?
Билјана Ванковска: Јас сум за користење не само на политичките туку и на меѓународно-правните инструменти кои ни стојат на располагање. Повеќе од 20 години се однесуваме како дете кое се плаши да покрене правна процедура како таа пред Генералното собрание на ООН или Советот за безбедност или Меѓународниот суд на правдата. Жално е што дури и професори по меѓународно право само го споменуваат Тукидид и неговата теза дека „слабите мораат да трпат“ додека моќните прават што сакаат. Тие забораваат дека меѓународното право е единствениот инструмент на малите држави, а нашпите сојузници, нели, се демократски и правни држави. Накусо, да, треба да ги искористиме овие инструменти, ама најнапред треба сè да се одработи дипломатски (а дипломатијата ни е со катастрофален квалитет).

3. Дали постои решение за проблемот со името?
Билјана Ванковска: Вака како што се поставени барањата на Атина, овој спор не може да се реши на друг начин освен со целосна капитулација на Македонија. Идентитетски спор не се решава со компромис, бидејќи вие не можете да го кроите она што ве самоопределува по нечиј декрет, а тоа создава и внатрешни конфликти, делби и нов циклус на несигурност.

4. Во колумната „Polites contra idiotes“ кажувате дека пред околу 2300 г. за граѓаните на грчките полиси било нормално да бидат политички активни, а оние кои не биле политички активни биле сметани за „idiotes“…
Билјана Ванковска: Да, таа колумна мнозина намерно ја интерпретираа на погрешен начин за да кажат дека сум арогантна или дека ги навредувам оние кои се партиски определени. Прво, називот idiotes го нема секојдневното значење од нашиот јазик, туку сосема друго – луѓе кои си го гледаат само својот себичен интерес а не се ангажираат за јавното (заедничко) добро. Во ситуација кога огромен број грашани се апатични, разочарани од партизираноста, тапкањето во место – мојата намера беше да им се обратам ним и да им кажам: ајде да пробаме на поинаков начин, да си ја вратиме политиката (како res publica, јавна работа) и да бидеме алтернатива на закоравениот и деформиран партиски систем.

5. Општествено гледано, денеска е време на институциите (официјално регистрираните правни лица). Колку се за ова свесни нашите граѓани и колку е битно да се освестат?
Билјана Ванковска: Се разбира, ова е време на институции и на претставничка демократија. Но, институциите ги прават луѓето, а тој дел често го забораваме. Ако државната администрација е „мајка-хранителка“ и единствената „фирма“ која работи и гарантира редовна плата, тогаш се поставува прашање – а каде се другите? Невработените? Оние кои се слободни (на пример, професорите) или имаат сигурен бизнис? Итн. проблемот е во тоа што сите кукаат и се жалат, ама малкумина се нафаќаат да сторат нешто.

6. Колку за една партија се битни: 1. Внатрешната градба на нејзините органи и тела; и 2. Механизмите за комуникација меѓу органите и телата?
Билјана Ванковска: На ова прашање можам да одговорам повеќе теориски одошто практично, бидејќи немам такво искуство. Всушност, не можам да замислам да членувам во организација во која доминира врхушка, се негува султанскиот принцип, не се дебатира и критичкото мислење е отстрането, нема едукација, дури ни идеолошка, итн. Се негува полтронство и клиентелизам за да се добие некоја мала привилегија или место на избирачката листа и сл. Луѓето пристапуваат во партиите за да се стекнат со нешто за себе лично (некој нов вид на idiotes?), а не поради поширок интерес. Граѓаните пак се третираат на повремена основа, кога се наближуваат избори – за потоа да се заборави сè.

7. Дали поддржувате создавање наш Сенат во кој би имало по двајца претставници од секоја општина во Македонија, а кој би бил пандан на Сенатот на САД?
Билјана Ванковска: Таа идеја не ми се чини прифатлива за држава мала како Македонија. Доволно е што е земјата поделена на шест изборни единици (за парламентарните избори) и што има локална самоуправа. Сенатот во САД ги претставува државите, а САД се федерација. Она што повеќе ме разочарува е што нашите народни претставници сè помалку имаат врска со народот, односно со различните социјални слоеви. Небаре тие фотељи се резервирани само за некаква елита, па таму не може да се замисли работник, селанец или пензионер, иако овие ја претставуваат мнозинската популација. Политиката е премногу елитистичка, па затоа и бездушна.

8. Имаше сериозни колумни во кои се наведува постоечки план за напад на Македонија од некои наши соседни држави (со изговор „за смирување на ситуацијата во 2001 г.“). Тој можел да се најде и во архивите на НАТО. Дали сметате дека ако Македонија е дел од НАТО, оваа опасност за инвазија ќе биде намалена?
Билјана Ванковска: Прво, 2001-та е зад нас, и такво сценарио не е можно: Косово е затворен случај, ама ние си имаме внатрешни проблеми и делби. Едвај и да има внатрешна кохезија, бидејќи општеството (и политиката, економијата, граѓанскиот сектор, спортот, итн.) се подели на две. Второ, НАТО нема никакви овластувања да дејствува внатре во земјите-членки или да интервенира во споровите меѓу земјите (еве го спримерот на Грција и Турција, кој никако да се реши). Трето, опкружени сме со земји кои се членки на НАТО (или бази на НАТО), па не гледам кој тоа би не нападнал? НАТО е нели одбранбена алијанса составена од слободни и демократски нации. Мојата теза е дека НАТО не може да ни биде приоритет ниту да не спаси од нас самите, кога сме поделено и сиромашно, постконфликтно општество. Фрлањето пари на воениот комплекс не ми се чини како паметна политика – досега не видовме некое фајде од таквата политика, особено од праќање војници по странски боишта.

Извор: Zazu.mk