Назад во (не)нормала

Во оваа „проштална“ колумна го резимирам краткотрајниот излет надвор од професорскиот кабинет во светот на политичката борба. Нема да кажам ништо што веќе не го кажале многу умни луѓе што се соочиле со „дилемата на интелектуалецот“: дали само да ја опсервира и критикува или активно да учествува. Дали да го толкува или менува светот? Исходот е очекуван; да беше инаков, немаше да живееме во партитократија. Тој е само емпириска потврда на стара научна хипотеза. Некои ме обвинуваат за дилетантизам во политиката или дури и за елементарно незнаење кога сум дозволила да се впуштам во нешто однапред осудено на пропаст. Забораваат дека на гласачкото ливче за претседателските избори (ќе) се наоѓаат исклучиво имиња на колеги-професори (од кои двајца од политички науки)! Оттука прашањето дали тие знаеле нешто што јас не сум го знаела па се поуспешни, или само биле попрагматични, играле на сигурно, кога дозволиле партија да ја бие нивната битка. Прашањето е реторичко. Интелектуалците (особено, професорите) и натаму се важен чинител, на еден или друг начин. Доволен е примерот на кандидирањето на актуелниот претседател: да не беа „независните интелектуалци и академици“ што поведоа наводно граѓанска иницијатива за негов реизбор во партиските тела, тој тешко дека ќе се осмелеше да одлучи за себе. Чекаше послушно, додека не се одработи играта, и на крајот одржа збунет говор читајќи од пусулче. Слично одигра и кандидатот на социјалдемократите: откако со недели демантираше дека воопшто некој со него разговарал за кандидатура, прекуноќ, експресно размисли и кажа дека понудата ја прифатил како голема чест. Нив не ги интересира моќта на граѓаните, туку на партијата што стои зад нив.

За мнозина, што и да напишам во оваа колумна, однапред ќе биде протолкувано како патетично, како префрлање на мојата вина и неспособност на другите, или ќе биде објаснето со она за „киселото грозје“.

Она малцинство што добро го разбра мојот чин, и без колумна знае дека настапувањето на несекојдневен и за политиката невообичаен начин не било плод на наивност, неукост или себична амбиција, туку свесно одбран потежок и губитнички пат, кој беше важен не поради целта туку поради патот. Целта не беше победа на избори, туку мобилизација на 10.000 граѓани што би сакале да видат нешто ново и сосема различна дебата. (Ако по некое чудо успеев, без никаква финансиска и друга поддршка, ќе банкротирав; затоа сега, иако уморна, се чувствувам сосема спокојно кога станува збор за личните планови.) И покрај долгогодишната јавна активност, некои се правдаа дека сум „енигма“. Што всушност сум барала кога сум знаела дека вака не се победува? Како може некој да вложи толку енергија, време, сопствени пари – за да изгуби? Тоа е логиката на оние што ништо не прават без да профитираат. Така, медиумите ме ставија на „мраз“ и со недели се шпекулираше дека одигрувам за некоја партија. Јасно, 10.000 потписи (граѓани) се потврдија како мислена именка, а мојата прва изјава за медиум по поднесувањето на барањето до ДИК (дека е ова невозможна мисија) – се покажа точна. (Во Словенија овој цензус е само 5.000, а во Хрватска, двапати поголема од Македонија, е ист како и нашиот). Додека пишувам, владејачката партија најдрско и бескрупулозно манифестира моќ и „народна љубов“ за Иванов. Списоците, телефоните и дисциплината на кичмата беа ставени во погон уште пред неколку дена, а ДИК послушнички веднаш обезбеди дополнителна опрема и кадар за да може да ги попише возљубените граѓани, кои во рок од 48 часа треба да ги има дури 100 илјади. Да беше ова правна нужност, сè ќе беше во ред, но вака… ова е демонстрација на сила. И увертира за она што следува… Со кафето во еден локал ми стигна и онаа завиткана порака на која пишуваше „Победете без борба!“. Се насмеав, бидејќи токму така и победувавме деновиве, а можеби и во иднина ќе остане некое семе. Ова не беше фудбалски натпревар во кој се важни головите, а не убавината на играта; кај нас, односно голем број волонтери што спонтано се собраа, а различноста и демократичноста на играта беше мотивацијата од самиот старт. Се чувствуваме победнички, бидејќи водевме граѓанска акција, креиравме, се забавувавме и создававме бура на идеи.

Знаете ли каква победа е кога еден Арбен и еден Мартин работат заедно на веб-страница, и тоа без паричен или друг интерес? Знаете ли какво е чувството кога еден брилијантен Дарко од Прилеп ви ги дарува своите идеи и креации за банери, лого и сл.? Знаете ли какво е чувството кога гледате луѓе со магистратури и докторати како без трошка суета и срам делат флаери, по сонце и дожд? Најубавите моменти се кога во списокот ќе видите како до потпис на Македонец стои потпис на Албанка. Неописливо е да видите како се поврзуваат луѓе кои никогаш не се познавале, а сега се препознале. Официјални претставници ми беа непознати лица – и не ме изневерија! Изневерија познатите, „прогресивните“…

Ние научивме многу: и за граѓаните, и за мрчаторите, и за тоа дека многу полесно ќе допрете, пожртвуваност и искрен однос ќе добиете од т.н. обични граѓани, отколку од учените и активистите што се колнат дека се борат против партизација и за демократија – со дебели грантови. Си ја видовме земјата таква каква што е: земја во која стравот е најчесто споменуваниот збор, реален или замислен сеедно. Видовме земја во која најдобриот дел од народот се отселил изминатите 20 години. Од самиот почеток најчесто упатуваниот збор беше дека сум храбра. Кажував дека немам што да загубам на овој пат: од пораз не се срамам, ниту се плашам, ова не го правам за да станам некој и нешто – да се биде професор е повредна работа од таа да се стане претседател. Но на крајот, по сите преживеани искуства, јавно им оддавам почит на сите оние што беа многу похрабри од мене – се потпишаа иако знаеја дека е ова губитничка варијанта! Кога стана јасно дека сè е попусто, почнав да ги разубедувам дека не вреди, ги молев да не се изложуваат на напор и можеби на непријатности, но тие ми рекоа: „Ти веќе не си важна, важни сме ние. Ние што останавме последни Мохиканци, кои наспроти левијатаните на партиите и партиските камшици, останавме свои, останавме граѓани на кои никој не може да им наредува!“ Ја имаат мојата длабока почит – мене ми беше полесно, како професор, да тргнам по овој пат, но тие ми одржаа лекција по храброст и активизам.

Ме мачи само една порака што стигна во почетокот од студент по медицина: „Професорке, не знам дали сте свесни колку нова надеж се гледа во очите на луѓето кога ќе го почне муабетот дека токму Вие ќе се кандидирате? Доколку не ја добиете поддршката, верувајте дека тоа ќе дејствува крајно демотивирачки за нас, неопределените. Тоа ќе биде доказ дека нема иднина во државава без партиска книшка (иако не сме далеку од вистината)“. Подоцна се запознавме, а и покрај поразот, знам дека ова момче сепак се чувствува подобро одошто да не се обидевме. Планираме книга за овој наш заеднички потфат, планираме дебати и дружење во иднина. Сите се чувствуваме збогатено и оснажено. И тоа е нашата заедничка победа, заедно со оние што стоеја покрај нас. Им благодарам!

Извор: Нова Македонија