Протестите како слепа улица

Во време на планетарна криза на демократијата, или поточно на „бракот“ помеѓу демократијата и капитализмот, протестите стануваат секојдневен феномен на разни меридијани – од членки на ЕУ, преку Турција, Египет, Бразил, и сега најактуелните Босна, Венецуела и Украина. Да не ги заборавиме и оние во САД и Канада. Она што некогаш можеше да се види само на одредени дестинации, при одржување на самитите на најмоќните (Г8, Г20), сега се случува на улиците и плоштадите низ светот. Елитата најде начин да се заштити од безредија со тотална изолација, без допир со јавноста што најдобро го покажуваат трагикомичните фотосесии на светските лидери, за кои остана нејасно кому му мавтаат и насмевнуваат од фотографиите – на далечните граѓани, оние од кои се плашат и од кои ги чуваа илјадници војници и електрична жица, или на фотографите. Сетете се апсурдот од ланскиот фудбалски Куп на конфедерациите во Бразил: на улиците милиони незадоволни граѓани, на стадионите расположени страсни љубители на „најважната споредна работа на светот“; натпревари чувани од десетици илјади припадници на војската и полицијата (финалето беше најобезбедуваниот меч во историјата на човештвото); на теренот фудбалери што „тежат“ десетици милиони евра, а надвор луѓе што бараат социјална правда; ФИФА (заедно со корпорациите што се рекламираат) е единствената што заработува од прескапите спортски настани, платени со националното богатство. Најновиот пример е Украина, кој, за жал, веќе влезе во областа на геополитиката, а помалку во доменот на протестите на „народ против пука“ (што би рекол Жарко Пуховски). Прашање на денот/месецот/годината е: дали за сите овие протести може да се најде најмал заеднички именител. Има ли нешто што им е заедничко? Зошто протести и што може да се постигне на овој начин? Одговорите укажуваат на остра поделба на два табора: на оние што во протестите гледаат зародиш на некаква светска револуција и на оние што се скептични кон овој начин на дејствување. Ретко кој (интелектуалец) се осмелува да го осуди ваквото дејствување, зашто на секој поексплицитен став следуваат жестоки обвинувања за конзервативност и наводно залагање за едно неправично/неодржливо статус кво. За ова сум пишувала повеќепати (вклучително и за „демократските“ државни преврати); останувам поблиску до скептиците. На прв поглед, сè се сведува на степенот на масовна мобилизација: кој колку луѓе може да изнесе на улица. Колку луѓе и колку долго треба да протестираат за да падне влада/претседател/градоначалник)? Видовме неверојатни сцени во милионските, ама и помалите градови, во кои обичните луѓе рекоа „Доста ни е! Кој сее беда ќе жнее гнев!“, а протестите, по дефиниција, насочени против легално и легитимно избрани претставници на тој ист народ. Зад романтичните приказни за разбудените гневни работници, кои не можат да ги трпат прангите и неправдите, стои и една темна страна со која лесно се манипулира – или се истакнува или сосема запоставува! Дали масите можат да се сметаат за некаков спонтано собран „народен парламент“, претставништво на „сите“? Ако е така, тогаш мора да се знае дека тој народ опфаќа и групации што немаат ништо заедничко со демократијата. (Не)зависно од поводот, во почетокот се собираат најпрогресивните, пообразованите и покритички слоеви, но на нивниот бран се накалемуваат разни месии, гладни за власт по секоја цена, опасни групи на „голорак народ“, фашисти итн. Тука веќе тешко се препознава агенда, политичка програма, организација, идеја како и кон што понатаму. На едно место се собираат луѓе со сосема спротивни идеолошки позиции и идеи за тоа каде треба да се движи општеството – ако воопшто се стигне до тоа прашање. Она што на прв поглед изгледа неодоливо и заводливо е артикулацијата на очајот и презирот за политиката како таква (се бара укинување на сите партии, протерување на сите политичари, власта да му се врати на народот, и сл.). Притоа, најчесто се запоставува сличноста со тоталитарните идеологии, кои се засноваат токму на презирот за политичкиот натпревар и на нудење „универзални решенија“ со неприкосновена морална супериорност. Со оглед на неможноста од омникратија, тие што се најгласни, најартикулирани или најпомогнати (понекогаш однадвор) создаваат своевидно ново „претставништво“ – присутните зборуваат во име на сите (неприсутни, неуки, неинформирани – чиј број е предоминантен во сите општества во однос на оние другите). Ваквата ситуација обично се нарекува „тркалање на власта по улиците“ – но по власта може да посегнат и оние што немаат демократска култура и капацитети. Демонстрантите добиваат аура на револуционери, и како такви – на авангарда! Оттука и на протестите, таму каде што ги нема, се гледа како на израз на општествена зрелост, а не како продукт на очај и криза. Кога некој станува „револуционер“, т.е. двигател на коренити промени, логично е сите оние што не се на линиите на револуцијата да се сметаат за контрареволуција, непријатели, или барем луѓе на чие придобивање треба да се работи. Кога во „револуционерниот бран“ настапи смирување и диференцијација, резултатот е длабока нетрпеливост и исклучивост, а револуцијата станува брутална граѓанска војна. За да има смисла и позитивен ефект, секој протест мора да се политизира, во позитивна смисла на зборот, во согласност со тезата на Троцки (во кавга со Бухарин): „Политичарите не мораат да бидат револуционери, ама револуционерите нужно мора да бидат политичари“. Поддржувачите на револуционерното дејствување сметаат дека протестите се феномен специфичен за високоекономизираното општество на 21 век и дека претставува облик на непосредна демократија, во која процедурата губи пред суштината, односно дека веќе не мора да се чека на избори за да дојде до смена на лошата власт. Превратите се покусиот пат, кој го заговараат дури и старите демократии (иако дома не ги толерираат). Она што е најсилната страна на протестите е и нивна најголема слабост: тие полесно се организираат, отколку ефектуираат; без идеологија, структура и план за дејствување сè се сведува на јуриш во катастрофа – и повторно етаблирање на политички организирана власт заедно со (нов) владејачки слој. Во услови на неолиберализам, кога политичката класа ја обесмисли демократијата, гарантирајќи ги своите интереси без оглед на изборните резултати, протестите иако легитимни, се знак на немоќ. Во својот жар, зад себе оставаат или пепел или политички месии, кои немаат ништо заедничко со идеалите што го инспирирале движењето. Ако не создадат нови облици на социјална и политичка организација, и најспектакуларните протести ќе бидат оставени на милост и немилост на елитите, кои се организирани и обезбедени со огромна финансиска и воено-полициска моќ, некогаш и од странство, ММФ, итн. Не е чудо што своевремено Волстрит журнал посака нов Пиноче(т) да ја „среди“ состојбата во Египет и да воведе „здрав“ капитализам, колкава и да е цената во човечки животи…

Извор: Нова Македонија