Билјана Ванковска не влезе во трката за претседател на РМ

Ве известуваме дека професорката Билјана Ванковска не успеа да ги собере потребните 10.000 потписи за да стане кандидат за претседателските избори. Покрај превисокиот законски цензус (два пати повисок од оној во Словенија, земја со иста популација како Македонија), укажуваме на неподготвеноста на ДИК да овозможи навремени информации за бројот на канцеларии, за нивните локации и за работното време. Ако во првите денови имаше канцеларии кои воопшто не беа отворени, во последните два дена за чудо беа вложени дополнителни напори, орема и кадар за да се овозможи собирање потписи за актуелниот претседател на Републиката, а на надлежните им беше наложено да работат до полноќ. На тој начин, државните институции јавно се ставија во служба на власта. Во текот на целиот процес, граѓаните се соочуваа со притисоци, па и мониторинг од партиски структури, кои го оневозможуваа слободното изјаснување. Имаше и случаи на барања да се повлечат веќе дадени потписи. Во последните 48 часа, акцијата за собирање потписи за г-нот Иванов – без никаква правна потреба – создаде тензична атмосфера, па и обиди за замена на списоците.

За жал, медиумите не покажаа интерес за споделување на конкретни и практични информации до јавноста, особено околу недостапните канцеларии на ДИК и другите неправилности, односно интерес беше покажан само кон бројот на собрани потписи, а не кон текот на самиот процес. Проф. Ванковска, како независен поединец, мораше сама да едуцира, споделува информации и да ги упатува граѓаните до вистинските локации. Во наредниот период ќе се прибираат списоците од сите локации и да се направи увид во целосните резултати, што повторно ќе мора да се направи со сопствени напори. Сепак, извесно е дека проф. Ванковска нема да биде кандидат на претсетдателските избори. Таа изразува длабока почит и благодарност на сите оние кои покажаа завидно ниво на граѓанска свест и доверба во нејзините настојувања да ја збогати демократската дебата за време на изборите.

Тимот на Ванковска