Да избереме друг народ?

Колумнава ја пишувам додека изборите се во тек, но со сиот ризик ќе претпоставам дека резултатите се очекувани. Грешки се можни, што неодамна докажа и агенцијата „Рејтинг“, па тогаш зошто јас да не се обидам. Извесно е дека политичката криза и натаму е надвисната како Дамоклов меч. Следуваат толкувања и обвинувања за измами, а народот е повторно во фокусот како победник, губитник или виновник. Едните триумфалистички тврдат дека „народот е мудар“, затоа што гласал за оној што го штити и му влева сигурност, макар и со социјална помош. Партнерите од албанскиот блок го велат истото со „мала“ разлика. Тие зборуваат за два народа, наши и ваши, кои гласале со цел на етничките лидери да им го предадат правото да ја водат државата – макар во две спротивни насоки. Според нив, никаде во Уставот не пишувало дека власта произлегува од граѓаните (што, секако, не е вистина), туку од етничките заедници.

Опозицијата и не помислува одговорноста за поразот да ја побара кај себе, туку кај власта и кај народот. А само до вчера го повикуваше во име на „библиска Македонија во која народот секогаш бил храбар“ да ја сменат „оваа мафијашка и криминална банда на власт“. Откако тоа не се случи, паѓаат тешки зборови за „системска кражба“, а се користат дури и научни концепти, како оној на Галтунг за „структурно насилство“ (при што се заборава дека системот што генерира тивко насилство и сиромаштија е токму оној во кој за власт се борат и едните и другите; и не само што не го доведуваат во прашање, туку и го сметаат за „единствена алтернатива“). Надвор од флоскулите за „системската кражба“, за која нема ниту докази ниту приговори до надлежните органи, заклучокот е дека народот повторно добил власт каква што заслужува. Индикативен е презирот за мнозинството од народот, од чија политичка волја, страшливост, неукост, апатија или низок коефициент на интелигенција демократите се срамат. Интелектуалец од помладата генерација, меѓу двата изборни круга, опомена: „Немој да ми каже некој дека сè е од страв; има тука и соучесништво, има тука и историска одлука и одговорност и малку фашизам во домот, во училиштата и во сограѓаните, а најмногу има злочинувачко мнозинство. Историски предизвик е да се направи јасна линија на демаркација помеѓу нив и нас, помеѓу учесниците и помагачите и оние што активно се противеле… некогаш ќе се брои“.

Кој ќе брои и кога, не е јасно, но како да е заборавено дека луѓето ја креираат својата судбина во зададени околности, а не во такви што самите ги одбрале. Народот е продукт на општествените околности, а не некаков романтичен јунак или најлош бедник. Пред изборниот ден најцитиран беше Бертолд Брехт: „Најлош вид неписменост е политичката неписменост. Политички неписмената личност не слуша, не зборува, не учествува во политичките случувања. Таа не знае дека трошоците на животот: цената на гравот, рибата, станарината, чевлите, лековите, зависат токму од политичките одлуки. Политички неписмената личност е толку заслепена што гордо зборува колку ја мрази политиката. Таа личност не знае дека од нејзиното политичко незнаење се раѓаат проституцијата, напуштените деца и најлошите од сите крадци – лошите политичари, корумпирани и поткупени од страна на локалните и мултинационалните фирми“. Којзнае, можеби денеска опозицијата повторно ќе го парафразира Брехт, па ќе предложи распуштање на овој никаков народ и ќе си избере друг?

И овие избори, со позасилен интензитет, беа манихејска битка на Доброто и Злото. Плурализмот беше укинат, односно воопшто и не му беше дадена шанса. Прашањето за изборите, и воопшто на демократијата, е прашање на постоење на алтернативи и на легитимноста на секоја од нив (доколку е во рамките на законот). Во битката на Доброто и Злото нема средина – или си со лошите (и стануваш соучесник, па и фашист), или си со добрите (кои својата позиција ја легитимираа со морални флоскули, без програмски решенија, ама со главен аргумент дека тие се опозит на оние другите). Специфика на овие избори беше и во обидот да се организира јавно судење. Откривањето на аферата за криминал, со поттик на „загрижен граѓанин“ кому по 10 години му се разбудила совеста, па решил на опозицискиот лидер да му достави (нелегално) направена снимка од телефонски разговор, јавната сфера го претвори во судница: наместо за политичка одговорност на носителите на власта, од граѓаните се бараше да бидат обвинители, вештаци, порота и судии; наместо за политички прашања, со „плебисцит“ да одлучуваат за правна одговорност. Небаре досега не можеше да види кој се богати од бедата на народот и немаше силни аргументи да гласа против, па требаше го „скандализираат“ со криминал од пред една деценија?

Критичките интелектуалци незадоволни од народот не се амнестирани од (делумна) одговорност за состојбите. Прашањето е колкумина се симнале од „кулата од слонова коска“, од висините на кои високоучено цитираат светски филозофи и од своите проекти, за да влезат во чевлите на „политички неписмените“, пред да ги осудат. Да го погледнат секојдневието низ нивни очи и со празни стомаци, или да се прашаат зошто огромен број луѓе не се ниту слепи ниту неписмени, туку само не веруваат никому. Каква е таа левица, на која главно ветување ѝ е враќањето на средната класа, т.е. ситната буржоазија (petit bourgeois) во едно осиромашено општество? Која се колне во „минимална држава“ и слободен капитал, во НАТО и во испраќање контингенти во Украина? Ситиот на гладниот не му верува, уште помалку на неговата несигурност и страв. Оние забегани во елитизам и снобизам му судат не само на политичкиот противник туку и на „шутрачкиот“, заведен и фашизоиден народ. Се разбира, треба да се зборува за традиции, за неукост и страв кај мнозинството, кое никогаш и никаде во историјата не било авангарда.

Данило Киш брутално ја кажува вистината кога вели: луѓето повеќе ја сакаат извесноста на неслободата отколку неизвесниот исход од промената. Ова особено кога промената треба да дојде во епска битка од „Господарот на прстените“, а во која цената треба да ја платат најслабите. Масите ѝ кликаат на царската (државната) правда; ги поздравуваат победниците. Да, елитите на власт ја усовршија играта на слабоста и дисциплина на кичмата, со подложните на клиентелизам и морална корупција. Но каде се прометеите? Кога ќе престанат вината да ја бараат во другите и да ги викаат странците на помош? До оснажување не доаѓа среде избори, а работата треба да почне од азбуката, која нема да биде преведена од некој странски прирачник. И овие избори посеаја семе на нетрпеливост, на политичка нетолеранција, при што колатерална жртва на битката на партиите и нивните (медиумски и интелектуални) трабанти е народот. Тој е или краткотрајно овенчан со лаворов венец (додека трае огнометот), или е жигосан како фашизоиден. Треба да се работи со луѓето такви какви што се, наместо да се мудрува и сонува за револуција што ќе падне од небо или за западната коњица што ќе ги упристои по теркот веќе виден на други меридијани.

Напишано за Нова Македонија