Евтини приказни

Минатонеделната колумна содржеше (реторичко) прашање „дебата – што е тоа?“, и навистина поголема е „дебата околу дебатата“ одошто суштинската дебата помеѓу претседателските кандидати. Бизарно, ама се до саботата вечер, дилемата беше дали ќе успееме да организираме ТВ соочување сами (т.е. дали тоа ќе го стори јавниот сервис или друга национална телевизија) или и за ваква вообичаена работа ќе треба да се ангажираат странците (НДИ во случајов)? Кога конечно дојде најавата дека дебата навистина ќе има, за миг се чинеше дека (како земја) сме се надминале себе си, но и дека актуелниот претседател (и врховен командант на АРМ) кој беше единствениот кој одбегнуваше соочување, ги надминал стравот, тремата и ароганцијата. Главната поента на МТВ беше дека успеале да ги „седнат на иста маса“ сите четворица претседателски кандидати, небаре завојувани страни на мировни преговори, а не за кандидати кои самите би требале да настојуваат да добијат што поголема медиумска видливост и можност да покажат дека се подобри од опонентите. Овој успех, оваа „брејкинг њуз“, толку ги изненади домаќините, што не успејаа ни да ја сменат саботната програма, па остана најавата за „Евтини приказни“. На почеток, тоа делуваше забавно и смешно, ама не помина долго од текот на дебатата кога сфативме дека станувало збор за пророчки назив.

Уште пред големото (прво и последно, очигледно) соочување веќе процури веста дека дебатата нема да оди „во живо“, туку дека ќе мораме да ги гледаме „на мртво“ (а „помртва“ дебата од ова тешко е да се најде). Јавноста беше во забуна околу форматот, па дури и се шпекулираше со тоа дека можеби станува збор за однапред снимени одговори на зададените прашања, кои потоа биле составени во своевиден колаж. Имаше и параноја околу „кроењето“/монтажата на штета на опозициските кандидати – но, сомнежот исчезна многу бргу кога се виде како кандидатите, „мртви-ладни“, ги одбиваат репликите. Навидум, дебатата се одвиваше во формат соодветен за демократските општества- „освен“ што на учесниците прашањата им беа однапред дадени, па си дојдоа секој со својата (евтина) приказна научена наизуст, а новинарот не се ни осмели да стори нешто друго освен гласно да го прочита прашањето. Друга работа е кому му беше наменета дебатата, кога и непосредните актери и нивното партиско членство за истата вечер имаа поважни настани, како митинзи низ земјата (па и низ главниот град), со што се означи почетокот на парламентарната кампања. Така, уште непочната дебатата беше девалвирана, а јавноста неиспочитувана! Сепак, дел од партиски определените (кои објективно не можеле да учествуваат на митинзите) и мнозинството неопределени останаа дома и со блага доза на возбуда го очекуваа дуелот. На крајот, само хуморот и сатирата нè спасија од депресија и ни ја вратија надежта во сопствените капацитети.

Имам чувство дека треба јавно се извинам што така силно инсистирав на дебата, вклучително и со колумна! Видовме слика на луѓе кои како по казна седнале во студио, а кои едвај и да сакаат да зборуваат – најмалку еден со друг! Уште пострашно, тие не се ни потрудија да ѝ се обратат на јавноста (иако in absentia)! Ако не ги исползувате трите минути за елаборација на својот став, што е тоа? Тоа е или непочитување на оние кои седнале пред ТВ да ве слушаат со внимание и намера да дознаат што повеќе, или е отсуство на идеја и аргументација? Најевидентниот доказ дека таму никому не му беше до дебата, туку до исполнување на уште еден бенчмарк од меѓународната заедница, беше отуството на реплики. Тоа на духовит начин со искоментира еден од најбрилијатните на социјалните мрежи, Саша Павловиќ: „Каде ја гледате Македонија за 5 години? Реплики има? Нема. Македонијо, дај ме на посвојување!“ Токму на ова прво прашање од дебатата можевме да заклучиме дека учесниците се, всушност, припадници на еден ист интелектуален и политички круг, кој не може ни да ѕирне преку плотот, чија визија е ограничена и сведена на вообичаените фрази. Во најголемиот дел, се зборуваше за надлежности кои претседателот воопшто ги нема (па така стасаа до земјоделските субвенции или дисперзираните студии!?), затоа што кандидатите беа пренесувачи на пораките на партиските лидери, и ништо повеќе! Во остатокот, се однесуваа небаре експерти кои онака аналитички ни откриваат топла вода. Кога во ретките реплики му се обраќате на водителот, избегнувајќи го погледот на оној на кого му реплицирате, тоа станува предмет на експертиза за која не сум компетентна, па ќе се воздржам од квалификации. Но, не треба да си експерт за да заклучиш дека ова е знак на несигурност или одбивност кон соговорникот. За димензијата на „ораторска вечер“ не заслужува ни да се каже нешто, освен – страшно е ако со ваква трема и отсуство на елоквенција се настапува пред националната телевизија и може да замислите како тоа изгледа на меѓународни форуми! Навистина, кај мнозина студиото на МТВ буди различни асоцијации: за едни е домашен терен (како за претседателот и сите од власта), а за другите непријателска територија. Сепак, јунаците се покажуваат во такви околности, нели? Која е смислата на дебата меѓу истомисленици? Дебатата претпоставува спротивставување на аргументи и ловење на слабостите на противникот, со намера да се истакнат сопствените предности. Таа е демократска битка за срцата и умовите на гласачите, и тоа на оние неосвоените, оние кај кои се уште има можност да се влијае. За жал, и во политиката важи она дека „убавината е во очите на оној кој гледа“ (или народски кажано „љубовта е слепа“). Определените го видоа својот фаворит или како победник или наоѓаа изговори „тој е фино и пристојно момче и не сакаше да влегува во кавга, и можеби ги чува адутите за вториот круг.“ Сведувањето на дебатата на кавга зборува за незнаење што е култура на јавен дијалог, аргументирана ама и борбена дискусија (што не е исто што и непристојност, навредливост или непочитување). Неразликувањето на тоа што е аргументација и вештина/супериорност во полемичко и критичко размислување се огледува во „стравот од кавга“. Провладините институти веднаш пресметаа дека „Иванов го прегазил Пендаровски“, што звучи како добар виц за една мртвородена дебатата што воопшто и не беше дебата. Ако еден лош говорник и уште полош претседател како што е Иванов не изгуби, т.е. не беше поразен (што е чиста вистина само затоа што другите се однесуваа како незаинтересирани), тогаш навистина прашањето е – чуму дебата?! Му доаѓа на човек да замоли јавно да не ни организираат веќе дебати, бидејќи е контрапродуктивно за менталното здравје бидејќи создава очај. Носителот на златниот венец на Струшките вечери на поезијата Оден има стихови за ова што го видовме (во слободен превод): „Огарот го прави она што огрите го можат, дела невозможни за Човекот, но една награда е надвор од неговиот дофат: огарот не умее да говори“. Но, дебатата ионака не е пресудна за изборниот резултат, партиите го знаат тоа па можат да излезат и со немушти личности! Ние, неопределените, и натаму имаме уште поголем избор за кого да не гласаме.

Напишано за Нова Македонија