Уште едни избори, уште еден театар на апсурди

„Во контекст на тукушто завршените претседателски и парламентарни избори можеме засега да констатираме дека единствен победник е Иванов. Тој доби мандат благодарение на најлутите противници од СДСМ, кои му помогнаа да го постигне цензусот од 40 проценти излезност, за веднаш потоа да кажат дека изборите не ги признаваат. ДУИ, пак, која повикуваше на бојкот кај Албанците (и го оствари) сега мирно ќе си влезе во коалиција со стариот партнер, чиј кандидат беше Иванов. Театар на апсурди! Во однос на парламентарните избори можно е да имаме и втор чин…“, вели професорката Билјана Ванковска, која е во последниве години еден од најотворените коментатори на политичките и на општествените состојби во Македонија, поради што ја сметаат за контроверзна, но и слушаат (читаат) кога ќе каже нешто…

Што ќе значат овие избори за Македонија во наредните неколку години? Од демократски, економски, евроинтеграциски, меѓуетнички аспект?

На ден по завршувањето на изборите ништо не е извесно како што би требало да биде. Впрочем, со години наназад, изборите ни станаа секојдневица, дел од еден (не)нормален политички процес. Оваа власт научи да владее преку подигање на адреналинот во јавноста преку изборни кампањи (во интермецото меѓу два изборни циклуса има друг тип на кампањи, или поточно тековни облици на пропаганда), кои нужно доведуваат до дефокусирање наместо фоксуирање на вистинските проблеми и решенијата. Граѓаните имаат чувство дека нешто се случува, а вистината е дека или стоиме во место или назадуваме. Имам тешко чувство дека секој изборен процес ги продлабочува делбите во општеството, политичка толеранција (каква што е нужна за една плурална демократија) воопшто и нема, бидејќи живееме како во „бајка“ – манихејска битка на Доброто и Злото, а помеѓу – една голема празнина. Се разбира, секој табор за себе вели дека го оличува Доброто, а другите се Злото – и обратно. Изборите ги доживувам како процеси на дестабилизација, а не на демократски изрази на волјата на граѓаните кои заедно живеат по политичка заедница. Ние немаме политичка заедница (не живееме заедно, туку наспроти едни на други). Во контекст на тукушто завршените претседателски и парламентарни избори можеме засега да констатираме дека единствен победник е Иванов. Тој доби мандат благодарение на најлутите противници од СДСМ, кои му помогнаа да го постигне цензусот од 40 проценти излезност, за веднаш потоа да кажат дека изборите не ги признаваат. ДУИ, пак, која повикуваше на бојкот кај Албанците (и го оствари) сега мирно ќе си влезе во коалиција со стариот партнер, чиј кандидат беше Иванов. Театар на апсурди! Во однос на парламентарните избори можно е да имаме и втор чин, бидејќи Изборниот законик остава можност за повторување на изборите за оној број пратеници за кој Парламентот ќе остане покус, доколку опозицијата навистина ги врати освоените мандати. Тоа ќе биде дополнителна агонија, трошоци, тензии – за една четвртина од парламентарниот состав, а не е исклучено опозицијата да не ги освои ни тие мандати, бидејќи право на натпревар ќе имаат сите политички субјекти. Но, доколку зборуваме за претпоставка дека Парламентот навистина ќе функционира без опозиција, тогаш зборуваме за најлошото можно сценарио. Без оглед на сите евидентни недостатоци на изборниот процес и доминацијата на владејачките партии (особено во медиумите и контролата над државната администрација, како и користењето на државните ресурси за партиски цели), капитулацијата на СДСМ никако не можам да ја разберам или оправдам. Впрочем, „структурното насилство“ за кое зборуваат, без да го „бомбардираат“ ДИК со докази за нерегуларности, останува само празна парола и празен фишек во битката за демократизација. Тие системски околности постоеја и пред 27 април, па од каде тогаш таква „изненаденост и навредност“ и тоа откако стотици илјади граѓани излегоа и го дадоа гласот за опозицијата? Точно е дека владејачкиот блок на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е цврст и знае не само како да се одржува, туку и да собира поддршка кај својот електорат, ама тоа е само фактор плус кој опозицијата ја прави насушна во вакви услови. Ако досега беа маргинализирани, сега едноставно и ќе ги нема, бидејќи се самоукинаа. Бидејќи разговорот го водиме доста рано, т.е. веднаш по изборниот ден, оставам простор и за изненадувања – како посредништво на меѓународната заедница и совети да си ги земат мандатите и да седнат во Парламентот. Таквиот чин ќе биде поразителен и за опозицијата (од која очекувавме похрабро, повизионерско и помудро однесување) и за земјата. На 27 април уште еднаш победи коалицијата за која знаевме дека убедливо води кај граѓаните, ама Македонија може многу да загуби во својата меѓународна позиција, но и се потенцира слабоста на државата за која и досега зборувавме честопати. По ова што се случи не верувам дека во Брисел некој сериозно не’ гледа како држава кандидатка за членство, бидејќи инвалидноста на процесот на избори е директен дефицит во делот на Копенхагенските критериуми. Да се разбереме, не мислам дека пред Брисел или пред кого било треба да фингираме дека сме подобри од она што сме, но истовремено не можам да ја разберам опозицијата која сакаше да води љубов со граѓаните, ама сега напомош ја вика меѓународната заедница и се однесува како напуштена љубовница. Факт е проблемот со името е рак-рана на ова општество и извор на постојан национализам, меѓутоа ако опозицијата постојано држи позиција која е спротивна на доминантното јавно мислење (преку 80 отсто од Македонците се против промена на името) и уште повикува на решавање по принцип на Охридскиот договор, тогаш очигледно си пука во нога. Во поглед на меѓуетничките односи, и покрај жестоката реторика за време на изборите и стрелите кои си ги фрлаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, и на врапчињата им е јасно дека тоа го правеа од прагматични причини, а не поради вистински анимозитет. Тие докажаа дека целта ги оправдува средствата, секоја партија гледа да го освои само својот електорат, а потоа прават квази-федерална влада. Во отсуство на граѓанска опција, на партија и други механизми за надминување на овој јаз, не сме далеку од денот кога зборовите на Бујар Османи ќе станат вистина и власта нема да произлегува од граѓаните што е conditio sine qua non за секоја демократија и како што пишува во Уставот, туку ќе произлегува и ќе им припаѓа на етничките лидери, кои дури и добиваат меѓународна поддршка „во име на мирот и стабилноста на Балканот“. За економијата, нема што да се додаде – бидејќи економија едвај и да имаме. Она што е евидентно е процесот на адикција од задолжувања, и прашање е само до кога тој ќе трае и како ќе се менаџира. За жал, глобалните финансиски институции живеат од земји како нашата, а и ние од нив.

Вие учествувавте во еден дел од избирниот процес – во собирањето потписи за претседателската кандидатура, со што барем малку ги видовте работите и од „другата страна“. Колку се изборите кај нас регуларни, односно нерегуларни?

Поточно е да кажам дека направив обид да станам учесник во изборниот процес, но не успеав уште во фазата на обезбедување кандидатура преку собирање потписи. За мене ова беше прво искуство од ваков вид, односно бев професор по политички систем кој се обиде да го тестира политичкиот систем во сите негови димензии, низ еден ваков чин. Првиот заклучок, кој е верувам познат за сите кои се занимаваат особено со компаративни политички системи, е дека прагот од 10.000 потписи за земја од два милиони жители е превисока. Овој праг во Словенија е, на пример, 5.000. Вториот заклучок е дека уставно загарантираното право да се бира, ама и да се биде биран (и да се врши јавна функција) е фикција во овој вториот дел. Поединецот е исправен пред цел еден естаблишмнент, зацврстен со норми кои едноставно не предвидуваат индивудуа да се реши на ваков чекор. На пример, Изборниот законик зборува за „група граѓани“ како предлагачи на потенцијален кандидат, а државата (ДИК) сите логистички аспекти му ги препушта на поединецот (од дооформување на формуларот даден во нацрт на интернет, до умножување списоци, доставување, преземање, именување правни застапници пред подрачните одделенија, споделување информации за локациите на канцелариите и сл.). Во текот на постапката се соочив со неподготвеноста и калкулантскиот однос на ДИК, кој во последен миг го зголеми бројот на канцеларии (од 34 на 80), без притоа да им помогне на оние кои собираа потписи со упатства и објави. Дел од администрацијата се покажа слаба, неука, неажурна (ги наоѓав дома кога се јавував за да прашам како оди процесот), па дури и безобразна (службеник од Куманово, на пример, кога инсистирав да ми ја каже бројката, а го затекнав надвор од работното место се дрзна да рече „добро де, што си запнала, ако ти фалат потписи на крај, јас ќе ти најдам 500“; може да замислите каков удар беше тоа!). Граѓани ми јавуваа за подметнување туѓи списоци, за агитирање на местата на собирање потписи, за поткуп од една партија, како и одвраќање од страна на службеници со образложение „таа нема шанси“. Најголем хаос настана кога, без никаква правна потреба (бидејќи Иванов стана кандидат со потпис на пратеници), партиското членство на ВМРО-ДПМНЕ беше мобилизирано да ја покаже лојалноста кон партијата и Иванов со собирање на потписи во рок од 48 часа. ДИК покажа нееднаков однос кон сите кандидати со тоа што дури на крајот, по некаква за јавноста невидлива најава, почна да обезбедува дополнителен број службеници, опрема, и го продолжи работното време во тие два дена. Јас, се разбира, не можев да обезбедам монитори за да го следам процесот, а медиумите ме ставија на „мраз“ погрешно толкувајќи ги законските норми – велеа, тоа била кампања, што едноставно не е точно. За маргиналци во политиката, или како што ме нарече колешката Ристова Астеруд „случајни минувачи/залутани во политиката“, немаше никаков интерес во јавноста, дури и кај оние кои професионално се занимаваат со избори. Поуката е дека индивидуалната кандидатура е правна фикција, а поединецот е тотално немоќен да стори нешто макар и да добие номинална шанса за учество во политичкиот процес.

Иако ВМРО ДПМНЕ нема да ја постигне ултимативната цел, да има најмалку 62 пратеника, доминацијата на таа партија во Парламентот ќе биде речиси апсолутна, а со тоа и одговноста за сите политички прашања, што некои аналитичари го сметаа за се’ поголем товар врз грбот на владејачката структура. Но, од 2008. слушаме „сега тешко Груевски, бидејќи ќе ја има целата одговорност да ги реши проблематичните теми“, а сведоци сме дека тој се’ посилно ја држи власта и се’ покомотно владее. Дали Вие смета дека со легитимитетот што го доби во неделата и со проблемите што го чекаат, ќе биде „тешко Груевски“?

Веднаш да ви одговорам на последното потпрашање… Ќе биде „тешко на Македонија“ со вакви неодговорни политичари. И тука не мислам само на оние од владејачките, туку и од опозициските партии. Доколку Парламентот остане без опозиција, единствената „дебата“ ќе почне да се води околу етничките прашања, т.е. ќе дојде до целосна етнизација на политиката. Да не заборавиме и дека „проблематичните теми“ се токму оние од кои ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ црпат легитимитет: едните затоа што се бранители на името и идентитетот, а другите затоа што им ветуваат на Албанците влез во НАТО и преговори со ЕУ. Она што реално ги поврзува е голиот интерес да се држи власта по секоја цена. Оној момент кога ќе стане тешко, тие едноставно ќе можат да си го дозволат луксузот да загубат на избори, па прашањето ќе биде кој тогаш и под такви околности ќе ги решава натрупаните проблеми. ВМРО-ДПМНЕ ќе има апсолутно мнозинство (најверојатно ГРОМ ќе ја одигра улогата која му беше наменета од стартот) – но, тоа нема никакво значење во ситуација кога најсилната албанска партија му е сигурен коалиционен партнер. Дури се осмелувам да прогнозирам дека од циклус во циклус, ДУИ е реален победник, бидејќи успева да „избоксува“ уште понекоја етничка концесија (на минатите избори тоа беше амнестијата, сега може да биде промена на Уставот, или поделба на високите политички ешалони, или етнички буџет, или подигање на статусот на албанскиот јазик – нешто од ова „мени“ сигурно е веќе на маса).

Што е главниот проблем на опозицијата? Зошто никако не може да се снајде?

Ние сите имаме голем проблем што под поимот опозиција ја подведуваме само партијата СДСМ, а таа е во распад. Тој трае подолго време, а кулминираше токму во пресрет на овие избори. Дека Заев нема „штоф“ за лидер на демократска опозиција, туку дека останува (евентуално) успешен струмички градоначалник на привремена работа на Бихаќка, стана јасно уште со изборот на заменик претседател – двоглаво раководство кое не даде никакви резултати. Тој го има товарот од аболицијата која му ја подари Црвенковски (па затоа сега пукањето со афери од криминален вид по Груевски немаше голем ефект), а Шеќеринска од „аристократското потекло“. Идеологијата на средна класа која ја промовираат воопшто не е левичарска, туку е ситнобуржујска парадигма на еден слој на капиталисти, кој сака да дојде на власт. Во реториката на оваа партија има повеќе економски либерализам, залагање за „минимална држава“ и слобода на капитал, и особено зависност од странците, што ги прави непопуларни особено кај оние кои се уживатели на низа социјални бенефиции, кои ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ им ги потфрлаат на сиромашните. Овие успеваат да се „продадат“ како блиски до народот, иако го крадат, а СДСМ никако да си купи огледалце кое ќе им ја каже вистината. Видовме како се слизнаа дури и на нарачани истражувања на јавно мислење со кое негуваа победнички дух, се’ до вечерта на 27-ми кога се повлекоа кукавички, оставајќи 333.000 граѓани на цедило. Има една изрека дека на мака се познаваат јунаците, а ниту во СДСМ има јунаци (еве денес веќе плачат и бараат интервенција од странците, дури и еден Пендаровски кој требаше да биде шеф на држава), ниту пак македонските граѓани се по природа борбени. Осиромашени и разочарани стануваат крајно прагматични, а тоа СДСМ не може да го сфати. Оттука и арогантните пораки кои кружат деновиве дека народот секогаш бил виновен – од јавната осуда на Исус, преку изборот на Хитлер, па се’ до изборот на Милошевиќ и сега Груевски (ги забораваат згодно, изборите на Буш или Берлускони). И не само што народот е виновен, не само што во Брехтовски стил се бара избор на друг народ, туку во народот се гледа коренот на сите неволји на оваа политичк а елит а. Изгледа дека се залагаат за просветителски апсолутизам и за демократија без демос, ама под покровителство на меѓународната заедница! Проблемот на СДСМ е што бара виновници насекаде освен во себе. А особено е нетолерантен кон оние кои му упатуваат конструктивни критики. На пример, како сакаат да водат изборна битка со „режим“, ако нивниот лидер не застанува на чело на изборна листа, туку чека да стане премиер, додека на листите се наоѓаат анонимуси!? Ако тие луѓе од листите биле навистина квалитетни и добропознати во своите средини, зошто не ги ставија во раководството? Потоа, анализата покажува дека во својата манихејска забеганост, тие заборавија да излезат со програма и со решенија, а како „џокер“ извадија афера стара десет години и јавната сфера ја претворија во судница. Во време на одлука за нечија политичка одговорност, како што се изборите, тие изигруваа невладина организација или истражни органи, вештаци, порота и судии. Слушам од обичните граѓани дека таквата реторика ги одбива, а не ги мотивира.

Го делите ли мислењето дека „овој режим“ не може да се победи на избори? Како поинаку би бил победен?

Токму поради мојот принципиелен став дека смена на режим, дури и во нелиберална демократија, може и мора да се направи низ избори – најголем дел од напредните интелектуалци ме сметаат за отпадник и за Вмровка. Кога велам избори, тоа не значи дека ги елиминирам сите останати средства за демократска борба и мобилизација. Не можете да одите на „оснажување“ на граѓаните кога вам ќе ви текне, т.е. кога ќе ви притребаат. Опозицијата имаше осум години да работи на терен, да разговара со луѓето, да избере најдобри кадри наместо да се занимава со византиски игри и да бара протекторат. Точно е дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ е збирштина на секакви мали партии без да ги обединува никаква идеолошка платформа, но тие можат да си го дозволат тој луксуз бидејќи имаат ресурси. Опозицијата мораше да биде поинвентивна, покреативна и пореволуционерна – со оглед на изборниот систем таа мораше да знае дека и’ е нужно да направи обединување во она што остана слободомислечко и опозициски настроено. Наместо тоа, видете што се случува: најголемиот дел поддржувачи на оваа партија се дисперзирани по невладин сектор, академска заедница, медиуми, разни организации – и сите глумат натпартиски и независни интелектуалци! Ако дошол нож до коска, редно е тие групации да се обидат да создадат отворен фронт, ама на малку поперманентна основа, а не само ад-хок. Иако и мене знае да ме поттикнат сцени на масовни протести, сепак трезвеноста и знаењето ми кажуваат дека тие облици на дејствување се со краток здив. Мора да се работи на изградба на нови кредибилни политички субјекти – овие што сега се претставуваат како единствена алтернатива за режимот се потрошени и прочитани, а притоа и снобови и зависни од странците.

Како ја оценувате, токму улогата на странците? Пред првиот претседателски круг имаше шпекулации дека тие „ќе намигнат“ во корист на кандидатот Стево Пендаровски, за да се добие колку-толку урамнотежен исход. Но, тоа не се случи. Дали и тие станаа индиферентни кон нас?

Искрено, никогаш не сум мислела дека е добро ако странците не бидат индиферентни. Видовме како оди процесот на градење демократија кај нив – т.н. стејтбилдинг со лоцирање на оние кои можат да гарантираат мир и стабилност. Странците не се грижат за квалитетот на демократијата – тие не мораат да живеат со овие елити, но им е важно регионот да го пацифицираат. се’ додека има владејачка елита составена од Македонци и Албанци, тоа е за нив каква-таква успешна приказна. Всушност, за слабоста на државата во извесна мерка се договорни и тие – создадоа синдром на зависност, односно неспособност за решавање на проблемите помеѓу домашните актери. Сега, кога се тие зафатени со други жаришта, нашите опозиционери се чувствуваат како сирачиња. За жал, се’ уште има влијателни интелектуалци и идеолози во опозицискиот камп, кои помалку или повеќе прикриено повикуваат на протекторат. Деновиве го прозиваат амбасадорот на ЕУ дека се загубил – но, јас повеќе го почитувам односот на Аиво Орав отколку на неговиот претходник Фуере, кој се мешаше дури и во формирањето на Владата. Колку помалку ќе мислиме на странците, толку постабилна и позрела демократија ќе стануваме.

Што мислите за Вашите несудени противкандидати: Пендаровски, Иванов, Поповски и Халими? Кој од нив ќе беше најдобар претседател на Македонија?

Имаше толку мала и лоша дебата, што е тешко и да се разбере која беше разликата меѓу оние тројца кои беа предизвикувачи на Иванов. Мојата оценка за Иванов како слаб и безличен претседател, зависен од премиерот, никогаш не била доведена во прашање. Во однос на останатите, не само што останавме ускратени од суштинска дебата и различни визури на нештата, туку имам чувство дека се однесуваа како експерти, а не конкурентни. Најпозитивно изненадување, сепак, беше Поповски (иако јас лично си имав проблеми на терен со неговата партија за време на собирањето потписи). Пендаровски, по природата на нештата како кандидат на најголема опозициска партија, требаше да има предност, но мислам дека не ја искористи. Сакаше да го искористи „мојот“ наратив за независен и самостоен кандидат, па дури и користеше дел од изјавите и тезите со кои настапував јас во време кога тој тврдеше дека нема намера да се кандидира и оти никој не му пришол со понуда. Тука и опозицијата загуби многу време, со вадење на неговото име пред истекот на рокот. А тој ја немаше автентичноста, т.е. се однесуваше по принципот ни риба ни девојка, ни натпартиски ни партиски. Сепак, на крајот мислам дека резултатот кој го оствари не е за потценување. Но, сега ако сака да се бори за вредностите на партијата со која се согласува, редно е да ја отфрли маската на непартиски интелектуалец, бидејќи на СДСМ му требаат партиски кадри со искуство.

Најавувате книга со искуствата и впечатоците од кампањата за собирањето потписи за претседателската кандидатура. Не успеавте да стигнете до 10.000, но собравте близу 4.000 потписи, што во дадените околности воопшто не е за потценување. Го сметате ли тој обид за правилен потег, врз база на што верувавте дека може да стигнете до потребната бројка, и која е најважната лекција што ја научивте од тие три недели?

Идејата за книгата е резултат токму на научените лекции, но ќе се изненадите кога ќе ви кажам дека и покрај „поразот“ (го ставам во наводници бидејќи во реалниот живот Давид не го победува Голијат, а јас бев и сум доволно паметна и рационална да знам дека немав никакви шанси да успеам до крај), тоа беше еден од најинспиративните моменти од мојот јавен живот. Оние кои размислуваат за политиката низ хамлетовска битка, да се биде или не, мојот чекор го дочекаа со подбив, презир или дури и со недоверба (паѓаа опклади дека јас ќе одиграм за власта и оти глумам опозициски интелектуалец). Изневерија мнозина, дури и од моите блиски колеги и пријатели, но и тоа се вообичаени сцени од животот. Повеќепати нагласував дека мојата постапка е предизвик и тест за женското движење, за независните интелектуалци, левичарските движења, или ако сакате – за сите оние кои претставуваат некаква информирана и критичка јавност. Заклучив дека токму овие кругови се најсреќни со двопартискиот систем, бидејќи додека од мене бараа одговори на најневозможни прашања и решенија за сите светски проблеми, кога излезе кандидатот на СДСМ го дочекаа Годо, т.е. почнаа редум јавно да се изјаснуваат дека ќе гласаат за него, иако немаше ни една изјава дадено. Свесна бев за тоа дека јас сум нетипична личност за ваква средина, затоа што сум меѓу ретките кои одат по тенка црвена линија, кои критикуваат и десно, ама и лево, и се критични спрема НАТО и приказната за златното теле на Западот. Но, додека учените (секоја чест на исклучоците) сметаа дека сум политички некоректна, па и нечесна и оти не заслужувам да влезам во рингот барем да ја збогатам дебатата, поддршката дојде од обичните граѓани (така да кажам, без намера да ги навредам сите тие луѓе, и сиромашни, и стари и млади, и со ризик по себе и своите). Околу мене спонтано се создаде група на брилијантни (главно млади) луѓе кои самите пријдоа, се препознаа, почнаа да ја креираат „кампањата“, се вложија и интелектуално, и физички и психички, и сето тоа на волонтерска основа. Знаеја дека сите трошоци ги покривам сама, па се трудеа максимално да помогнат. Тој период ќе го паметам како исцрпувачки, ама и како максимално исполнувачки. Ме исполни со верба и надеж дека потенцијал има, и само чека поттик. Низ тие недели кои ги минавме заедно, научивме многу и верувам дека тој наш пионерски потфат можеби ќе остане како инспирација за некои други во (блиска) иднина. Бидејќи во ниту еден момент не верував дека имам реални шанси, иако посакував да влезам макар во првиот круг и да внесам живост во политичката дебата, мислам дека не загубив ништо, а добив многу. Останува да се надевам дека тој обид еден ден ќе биде виден во неговата вистинска димензија – како обид низ личен пример да се внесе свежина и поинаков пристап во политиката и во практикувањето на демократијата.

Миодраг Мишолиќ

Извор: Интервјуа