За амбасадорските и македонцките работи

Кога деновиве го гледав американскиот амбасадор, а и некои други, во пријателска (работна?) посета на партиските штабови, на ум ми доаѓаа умните и духовити зборови на Иван Крастев. Не знам дали е сè уште така во неговата Бугарија, но пред повеќе години напиша: „Нашите политичари водат љубов со народот, ама ѝ се верни на меѓународната заедница“. Станува(ше) збор за големото влијание што надворешните фактори го имаат во водењето на политиката на слабите држави. Изборите, а особено кампањите, се токму мигот кога „љубовта“ кулминира (до точка на неподносливост), но тоа е моментот кога во демократијата се создава најголемата „интима“ помеѓу елитите и обичните смртници, кога ви доаѓаат дома, се ракуваат со вас и одеднаш се интересираат како сте, дали сте среќни, ветувајќи ви дека само тие имаат потенција да ве усреќат.

Настрана сета демагогија, заведувањето и најобичните лаги, толку типични за изборите, но обидете се за миг да си го претставите ова на малку поинаков начин. Замислете сцена од личниот живот: токму кога нештата се загреваат и стануваат интересни, ете ти (неканет) гостин на врата, чука во најнезгоден миг за да ти каже како е пожелно да се води и заврши почнатиот интимен чин. Притоа, знаете дека вие никогаш не би ни помислиле да чукнете на неговата врата, иако сте добри пријатели. А дури и да се обидете да упаднете во неговиот дом, тој е доста крупен и силен, па не знаете како ќе се заврши вашата мисија на добра волја и добри совети. Се разбира, ова е доведување на ситуацијата од политичкиот живот до апсурд, ама откако отрпнавме од сите апсурди што ни се случуваат додека учевме демократија, се чини дека нема друг начин да се поентира, освен на апсурд да одговорите на апсурд.

Историјата на мешање на амбасадорите во Република Македонија, и каде што им е место и каде што не им е, за жал, долга колку и независноста. А нема изгледи дека ќе престане наскоро… За тоа најмалку се виновни странските амбасадори. Не знам дали Пол Волерс побарал средби во седиштата на политичките партии или бил поканет, но јасно е дека до средба не би дошло доколку домашните актери не го овозможеле тоа. Во почетокот на кампањата и претседателските кандидати посакаа да се сликаат и да споделат фотографии како се ракуваат со амбасадори (или дури и нивни заменици), кои, како што разбравме, биле информирани за нивните програми и визии. Можеби не сум доволно информирана за другите, ама еден од нив дури и организира прием за претставниците на дипломатскиот кор во Македонија. Во видео, преку Јутјуб, чувме дека им соопштил на амбасадорите дека во центарот на неговата програма ќе бил граѓанинот (претпоставувам мислел на македонскиот граѓанин, ама не сфатив како тоа замислува дека амбасадорите ќе му помогнат таа порака да стигне до вистинската адреса). Уште поинтересно беше искажувањето, исто така соопштено до амбасадорите, дека како претседател тој немало да дозволи мешање на политиката во судството (а самиот уште не стасал претседател, а веќе ги вмешал странците!).

Кај оние што не можеа да се фалат со вистински средби и билборди на секој чекор (како актуелниот претседател), ова требаше да биде презентација на нивните капацитети за претставување во меѓународен контекст. Тоа човек и да го разбере како дел на кампањата до некаде, ама средбите во партиските седишта не се полезни ни за партиите, ниту придонесуваат за демократската атмосфера. Тие се фактички најдобрата илустрација за немање демократски капацитети. Вистинскиот политичар во демократијата знае дека тој си има задача да му понуди одговори на граѓанинот, а не на претставникот на странска држава или меѓународна организација, колку и да е тој моќен или влијателен. Изворот на легитимитетот на власта се токму граѓанинот и неговото убедување дека неговиот политички претставник најдобро ќе ги застапува неговите интереси и, генерално, јавниот интерес.

Ќе забележи некој, и тоа со право, дека не живееме во демократска заедница, а дека без странците нештата би станале и полоши, па затоа не е лошо тие да нè држат на око кога веќе самите немаме капацитет. Да, токму ова е рефренот што се слуша 20 години и кој веќе фати корен, дури и во највисоките ешалони на политиката. Ќе рече некој, и повторно со право, дека нашиве политичари не само што не му се верни на народот туку ја лажат и меѓународната заедница. Тоа е токму резултат на отсуството на демократски капацитет во земја во која политичарите знаат дека народот има кратка меморија, а странците поддржуваат и неранимајковци кога тие успеваат да гарантираат „мир и стабилност“.

Очигледно паднавме и на планот на предизборна дебата, за што највиновни се токму претседателот на државата и носителите на власта (од кои едните агитираат за бојкот). Ако повикот на НДИ беше оправдан како поттик и јавен предизвик за кандидатите да се осмелат да седнат на ТВ-дебата, по соочувањето на МТВ, се покажа како контрапродуктивно. Поддржана од УСАИД и домашни НВО, среде избори, си реализираат проект „Гледаме и коментираме дебата“. Иванов навистина не се појави, но ретко кој објективен може да му забележи на тоа. Појавувањето на шеф на држава ќе беше недвосмислено деградација на државата како полупротекторат. Тоа не го ослободува Иванов од одговорноста што со својата затвореност за медиумите го легитимираше проектот со кој странците нè третираат како недоветни и неспособни за дебата. Самата дебата, наводно по американски терк, беше крајно здодевна, а наместо реплики во кои кандидатите би ги соочувале различните погледи, тие се согласија со сè, а наместо да се слушаат меѓу себе, рецитираа однапред подготвени рефрени. Сето личеше на снимање рекламни спотови со пораки (со американски пари, за среќа). Најхумористичен аспект беше во прашањата, особено она за воениот буџет и незадоволството на генералите (ќе помислите за Пентагон станува збор). Кај учесниците се забележуваше неприродно гледање во камера, обраќање до јавноста наместо одговор (реплика) на противкандидатот. Очигледно обуката ја сфатиле премногу сериозно, па беше смешно да се види лик на иден претседател како добар ученик. Така, дваесетина години подоцна, бананите се на цена во Македонија, дури и во пресрет на Велигден, кога е популарно нешто друго. Сепак, најчудна е положбата на граѓаните. ДИК и натаму снима спотови како се гласа и што се фер и демократски избори. Притоа, гледаме регрес, обележување со маркер и уривањето на уставниот принцип на тајност на гласањето. За „среќа“, обележувањето не е на чело, туку „само“ на палецот, но е крајно понижувачко и недемократско. Како ли се чувствуваа албанските гласачи? За сторители на кривично постои пресумција на невиност, но не и за нас. Иако, ко божем од нас извира власта, сега сме колективно обвинети како прекршители на изборните правила, повторно благодарение на консензусот на домашните елити и странските посредници. Сите сме виновни додека не се докаже спротивното. А за волја на вистината, и не сме баш невини, кога гласаме за оние што нè срамотат и осиромашуваат од избори до избори.

Напишано за Нова Македонија