Кончита помеѓу нас

Ова никако не е колумна за Евровизија, манифестација која ниту е музичка, уште помалку уметничка. Музиката им го отстапи местото на кичерајот, спектаклот, визуелните и други ефекти, но и на геополитичките трансакции. Реакциите по победата на Кончита сè уште брануваат, исфрлувајќи на површина тиња и говор на омраза, слично на поплавите за кои српскиот патријарх изјави дека се казна за тоа што Србија застранила (кон прајд парада) и го предизвикала божјиот гнев. Во саботата беше Меѓународниот ден на борба против хомофобијата и трансфобијата, па затоа наместо за поплавите сепак се одлучив за оваа тема. Дадов скромен придонес во вид на видео-порака во рамки на нашата кампања, па и колумната да ја посветам на проблемите за кои нерадо зборуваме или за кои сме слепи, со сиот ризик да ме погоди божјиот гнев. За феноменот Кончита и кончитофобијата се пишување (пре)многу, главно од активисти, а со цел да се искористи моментумот, но и да се разобличи „поплавата“ од говор на омраза (против кој Господ е изгледа наклонет). Другите побрзаа да ја покажат сета малограѓанштина и лажен морал, како и страв дека децата ќе им биле расипани и заведени! (Притоа, не се вознемируваат кога децата им гледаат масакри и војни кои ги поддржуваме). Веќе бев етикетирана како хомофоб, па ризикувам повторно, но ќе кажам дека не гласав за Кончита (имав друг фаворит). Не се придружив ниту на хорот на славеници воодушевени од настапот и од пораката за свет на толеранција, слобода и прифаќање на различностите. Гласањето со СМС или соодветен статус изнесен на социјалните мрежи беше најлесниот начин да добиете „членство“ во елитниот клуб на прогресивни интелектуалци. Ми се виде прелесно и банално. Ми пречеше и тезата дека секој оној кој не е за Кончита е (скриен или отворен) хомофоб/трансфоб. Мојот став за припадниците на ЛГБТ популацијата е сосема приземен, неелитистички, или дури и антиелитистички (и тие се само луѓе). Се обидов да прочитам што повеќе за личноста на Нојман/Кончита и да сфатам во што е неговата храброст та преку ноќ прерасна во икона. Одговор не најдов. Кон шоу-бизнисот, како сè што е поврзано со мани-мејкинг сум длабоко скептична. (Австрија ќе добие 50 милиони евра за организирање на фестивалот, а и на Кончита и е загарантирана богата кариера). Луѓето се склони да прават сè за да успеат, а комерцијализацијата е масовна појава. Некои мои ЛГБТ пријатели нема да се согласат, ама блиска ми е тезата на Светлана Слапшак која вели дека Кончита не лаже за својот производ (за себе), за разлика од јогуртот Активија кој кобожем ќе ви го смали стомакот. Таа укажува дека момчето е „културно и родово јасно дефиниран“, а успеа да внесе оригинална самодизајнерска нота. Тоа не значи дека неговата порака за прифаќање на различитостите не е автентична и силна. Добро е што ги разбранува духовите: неговата појава е провокација за секој од нас, за нашата претпоставена толеранција и отвореност на умот. „Европа“ веќе побрза да капитализира и да го доизгради својот супериорен морален профил (особено во контраст со лошата Русија, чии претставнички беа исвиркувани ни криви ни должни, небаре претставнички на Путиновата политика во Украина). Но, анализите на гласањето покажаа дека и (западна) Европа не е таква каква што некој сакаше да ја прикаже, ниту пак источноевропејците хомофоби по дефиниција. Гардијан и Индипендент пренесоа дека гледачите во Европа биле највоодушевени од етно-порно настапот на претставничките на Полска (многу повулгарен и поексплицитен од било што што направи Кончита); гледачите од Русија, пак, ја рангирале Кончита на високото трето место. Конечните бодовите беа резултанта на гласовите на публиката и на жирито, па оттука и лажната претстава за триумфот на различноста. Во вода паднаа „научните“ анализи кои го мереа степенот на хомофобија/трансфобија на една земја според дадените бодови за Кончита.

Можеби грешам, но степенот на херојство во борбата за „своето вистинско јас“ ми е многу потешко да го најдам на естрадата. Навистина, јавно влијание на макро-ниво во промоцијата на каузата (ЛГБТ правата како основни човекови права) не е за потценување. Песничка и солзите-радосници допираат до поширок круг луѓе, а можеби и до нивните умови и срца. Сепак, ако треба да избирам, моите херои се многу почесто помеѓу „обичните смртници“, кои не се селебрити и кои секојдневно минуваат низ пекол. Дали некоја анонимна Кончита може да стане масовна инспирација или барем човечко суштество вредно за респект? Пред три месеца, се спријателив со македонска „Кончита“. Ме потресе и ме направи свесна за многу нешта за кои никогаш не сум размислувала (иако имам американска колешка (која беше колега), сега во лезбејска врска, а со која одлично се дружам). Приказната на Џиа е поинаква, неа нема кој да ја раскаже, па ѝ посветив колумна. Таа не знае дали некогаш ќе се роди одново како феникс, ама честопати стравува за својот живот. Немаше да знам за неа ако не ми пријдеше самата, и тоа не за да бара, туку за да даде (помош во мојата мала политичка кампања). Раскажа како живеела како во кафезот на своето (машко) тело. Се образувала, вработила и била почитувана. Се одважила, а добила и поддршка од семејството, па почнала со хормоналната терапија. Во мигот кога се осмелила да го покаже новото (или вистинско) ЈАС, облечена како жена, се соочила со колапс. Добила отказ, а директорот (партиски војник) ѝ рекол дека нема да дозволи Македонија да стане земја на накази. Грбот ѝ го свртеле сите; била фрлена на маргините, во борба за преживување… Често е гладна, без греење; се проституира за леб и за хормонската терапија. Колкава само емпатија и почит ми побуди лице кое се бави со „најстарата професија“! Џиа ми пишуваше колку е воодушевена од мојата храброст и дека „малкумина би се одлучиле да го чекорат патот по кој сум тргнала“. Јас не само што ѝ се восхитував, туку и се чувствував посрамено (мојот чин не бараше храброст, само малку лудост)! Простете ми ако повеќе ја разбирам Џиа од Кончита! Нејзините зборовите се многу повеќе од комерцијална песна за масовна употреба: „Низ каква голгота минувам секој ден само затоа што одбив да живеам како што ми било пишано! Бев „мртов дечко“ кој секојдневно настојуваше да ја убие жената во себе. Сфатив дека ако ја убијам неа, ќе се убијам себе си. Попуштив, ѝ дадов живот, а си создадов пекол. Но, додека имам воздух во градите, ќе танцувам низ пеколот, надевајќи се дека еден ден ќе видам малку аир од животот кој го одбрав.“ Од Џиа научив дека овие човечки судбини се дел на моето окружување! Свртете се околу, погледнете ги – на овие автентични, живи луѓе им треба не само разбирање и кампања, туку достоинствен живот во општество во кое ќе бидеме еднакви како човечки суштества.

Напишано за Нова Македонија