Македонскиот Макондо

Политичкиот амок стивнува. Или можеби е само затишје пред (нова) бура? Сега кога без заслепувачката светлина на рефлекторите треба да погледнеме што останало зад нас, гледаме сценографија типична за балканска крчма. Изборите се добар повод и одлична легитимација за сето она што инаку би го потиснувале во длабока тишина на омразата. Рововите подлабоки од кога било порано, омраза и пизма се излева и продира насекаде, а најстрашно од сè – сега кога политичарите стивнуваат, орото продолжуваат да го водат оние кои треба да бидат совест и разум во општеството. Безмилосната пресметка помеѓу разните претставници на „интелектуалната елита“ е во полн замав: навреди, ниски удари, лични дисквалификации за секој кој мисли поинаку. Нашето цвеќе на злото се вика „Дудинка“, но не е осамено. На говор на омраза се одговара на ист начин (разбирливо, со поинаков предзнак и со објаснување дека „тие не разбираат инаков речник“). Никој ништо и никого не признава: Македонија доживува целосно „ослободување“, враќање во предполитичка состојба. Владејачките партии се веќе движења, сеопфатни, но дисциплинирани. Опозицијата доброволно одбра да стане невладина организација. Интересно, но меѓу нив владее чудна слога: единствени се во непочитувањето/непризнавањето на институциите и на политиката во рамките на правото (владеење на правото, со други зборови)! Едните затоа што ги имаат присвоено во апсолутистички манир, па се поистоветуваат со нив. Одговорот на другите е политички нихилизам, одрекување на сите институции и механизми (интересно е што тука е вклучена дури и меѓународната заедница во која само до вчера се „колнеа“!?), пасивен отпор кон сè, без јасна алтернатива и визија што после „потопот“. Среде ваква атмосфера ми стаса покана од еден германски научен часопис да напишам текст за влијанието на украинската криза на регионот/Македонија. За миг дури и јас се најдов затечена: кому во Македонија му е грижа за тоа што се случува во Украина, за новата констелација на меѓународните односи, за климатските промени или за што било друго што излегува во тесниот партизиран хоризонт? Имам чувство дека и Трета светска војна да започне, клучните актери тоа нема ни да го нотираат – овде битката е за тоа кој ќе ја глода коската, кој ќе кормилари со бродот, па таман тој и да потоне.

Колку е мрачна и закотвена во времето оваа крчма се покажа во еден кус миг на „луцидност“ среде политичкиот амок. Начинот на кој (не) се одбележа смртта на Габриел Гарсија Маркез беше можеби попразителен од сето она што го донесе политичкиот циркус, бидејќи моментално ја оголи бедата на духот. Низ медиумите куса вест, а низ социјалните мрежи како да проструи тага, на моменти длабока и искрена. Набргу сè се претвори во провинцијална и лицемерна тагувалка. Беше прашање на „чест“ и доказ за укост и начитаност да се каже нешто и испрати последен поздрав. Можеби сум прегруба во оценката дека тоа е карактеристично само за Македонија, но можев да посведочам како солзи ронеа мнозина кои едвај и да имале прочитано нешто од ангелот Габриел, како што одамна го нарече Салман Ружди. Најсподелуваниот и најобјавуваниот текст на нобеловецот беше едно „проштално писмо“, сладуњаво, полно со мудрости кои би ги кажал човек од смртна постела. Најжалното нешто во таа фарса беше фактот што автор на писмото воопшто и не е Маркез! Писателот кој толку го задолжи човештвото доживеа поголема неправда од физичката смрт: пребогатото дело сведено на „брза храна“, писмо и неколку цитати, а неговата личност сведена на болен човек на кој му дошол умот за тоа како би го проживеал животот доколку би имал нова можност. Бесполезно се обидував да го прекинам синџирот, но дури и оние кои ја сфатија измамата (додуша стара веќе десетина години) имаа изговор дека и ова бил добар начин да се поттикнат оние кои досега не слушнале за него, па ова бил начин на популаризација на неговото дело. Според еден друг нобеловец, Јозеф Бродски, поголемо злосторство од палењето на книгите е кога тие не се читаат. Тоа што само „100-те години самотија“ ја имам прочитано најмалку 7-8 пати, за другите дела и да не ги споменувам, направи ова наше ништавило да ме погоди повеќе од што било друго. Во исто време, нашите деца можеа да се видат облечени во партиски одори, „како што е ред“ за време на избори – за верски празници ги облекуваат како свештеници или светци, тогаш кога не се облечени како фалангисти. Огромен број од наставниците и директорите на училиштата беа растрчани по партиски митинзи и на изборни листи. Кому во вакво време му дошло до книга и до уште еден мртов нобеловец?

Книгите имаат неописива моќ особено во мрачни времиња да те натераат во напишаните зборови да го пронајдеш она што веќе го знаеш, што е потиснато таму некаде во потсвеста. А Маркез би требал да биде многу важен и за нас. Прашањето на самотијата е и наша тема, зар не? Не, не во онаа тривијална и политизирана форма (за меѓународна изолација, поради застојот на евро-интеграциите)! Самотијата, според Маркез, е неможноста да се раскаже сопствената приказна и таква да се сподели со другите, кои во твое име те интерпретираат и „разбираат“. На Македонија може да се гледа како на своевиден Макондо: таа е, за жал, сè помалку е географска локација, а сè повеќе станува состојба на духот, во која го гледаме само она што сакаме да го видиме и на начин на кој сакаме да го видиме, иако во шизофрена форма. Една од темите кои се провлекува како нитка низ делата на Маркез е насилството (la violencia): длабоката општествена фрагментација, брутална внатрешна војна на конзервативците и либералите, невините жртви и надворешното влијание и експлоатација. Жално е што за Македонците врвот на литературата останува „Пиреј“ (со сиот респект за делото и авторот), а од „100-те години самотија“ највпечатливо им е споменувањето на старецот Малкијадес затоа што бил од Македонија. И толку! Ќе завршам со една мисла од „Љубов во време на колера“: „Тој дозволи да биде обземен со уверувањето дека човечките суштества не се родени еднаш за секогаш на денот кога нивните мајки ќе ги донесат на свет, туку дека животот ги обврзува одново и одново да се раѓаат одново.“ За жал, во нашиот Макондо човекот ја нема слободата да се наоѓа/открива себе си и да се менува одново и одново, бидејќи е фатен во партиски кафез во кој нема љубов, иако има колера, а називот му е Преродба во 100 чекори – или можеби 100 години, не знам веќе.

Напишано за Нова Македонија