Потоп

Тукушто излезени од уште една непотребна „братоубиствена“ изборна војна, поподелени од кога било порано, со незалечени рани од отровните говори на партиските и етничките вождови, поплавите во регионот ги дочекавме на начин кој (барем за мене) беше и неочекуван и надежен. Додека водата голташе цели села и градови во Србија, Босна и Хрватска, исплива нешто што беше изгубено или потиснато, што одамна не сме го виделе толку масовно и јавно манифестирано. Се чинеше дека тоа е некаква длабока добрина која сме ја чувале за тешки времиња, во вид на сочувство за несреќните и несебично давање без калкулации и очекување да се добие нешто за возврат. Поплавите, како и војните, го исфрлаат на површина и најдоброто и најлошото од луѓето и општествата. Како што растеше матната вода, почнаа да се нижат емоции, а како што тоа и бива, тие водат и до нерационални заклучоци и нереални очекувања. Некои ја видоа Југославија измиена од крвта, во обид да ги поврзе раскараните племиња, со армии кои минуваа граници за да пружат помош. Малкумина видоа неспособни држави, соучесници на трагедијата. Други им се подбиваа на оние кои покажаа хуманост обвинувајќи ги за нееманципираност и национална неосвестеност. Пресликано на домашните констелации, таквите квалификации требаше (ин)директно да имплицираат немакедонштина во вид на југоносталгија, но и србофилство и антиалбанство. (Како пример за ова беше посочена несреќната судбина на семејството Зекири, кое е под притисок на соседите, а државата никако да ги заштити.) Трети се прашуваа дали би биле вака мобилизирани ако од несреќа е погодена Бугарија, на пример. Или обратно, се сомневаа дека Србите и другите би ни помогнале во случај на ваква природна катастрофа. Всушност, посуптилна анализа ќе покажеше дека и не сме станале така добри луѓе како што сакавме да веруваме. Недовербата и балканските комплекси продолжија да тлеат, иако за момент беа потиснати од бран човештина… Не можам да не ги споменам и оние кои морализираа надмено и делеа лекции дека не било здраво да се покажува толкава позитивна енергија и дека обемот на мобилизација бил „невкусен“ зошто за вакви акции била потребна скромност. Не видов ништо лошо во тоа што луѓето имаа потреба да покажат на социјалните мрежи дека биле вклучени во хуманитарна акција; напротив, за првпат по подолго време видовме нешто што има повеќе смисла од сликање кафиња, мезиња, полуголи тела, или униформирани и со оружје в рака. Камо среќа во фотоалбумите на децата да им останат селфи-фотографии како спомен и потсетување на едно добро дело, макар тоа било и симболично… Доброчинителството ни треба на сите, се фаќаме за него како давеник за сламка, особено откако злото стана опипливо во воздухот, почнавме да веруваме дека сме сите лоши и неспособни за ништо добро. Со злосторствата од недамнешното минатото немаме доблест да се соочиме, а тоа нè јаде одвнатре. Сè додека не се излие по улиците, па спомените навираат и скоровите се изедначуваат…

Антиклимаксот дојде со убиство поврзано со обид за кражба на проклет велосипед и со сето она што следуваше. Од човештина се вративме назад во приказна во која дури и криминалот мора да има етничка заднина. Некои посакаа поплава која ќе нè спои во заедничка битка за опстанок… (Ме потсетија на наивните уверувања дека до војните во 90-те немаше да дојде ако бевме нападнати од надвор или ако имаше светско првенство во фудбал.) Но, нашата „поплава“ беше напливот на осветољубивост и дивеење на оние кои наводно „тагуваа“ по Ангел или бараа правда, иако сторителот беше фатен. За разлика од оние кои насмеани се сликаа со хуманитарната помош, ангелите на осветата тргнаа на протести со качулки, со намера да го скријат личниот идентитет, па претопени во разулавена толпа несметано да уништуваат сè пред себе. Ангелот беше познат (и македонски), а Насер стана симбол на злото, па почна и стариот хор со барање колективна смрт на цела популација. Политичките и медиумските пиромани беа во првите редови на публиката да навиваат: едните да ги обвинат другите за организација на протестите, а другите за да докажат дека насилниот режим го тепа својот народ. Некои интелектуалци пак се вознемирија за „своите“ и за нивната приватна сопственост, правејќи споредби со немирите по гостиварското убиство (пак во полза на „своите“ кои само каменувале, а не палеле, иако повиците беа идентичен говор на омраза). Немирите спласнаа и се преточија во конкретни и навидум артикулирани (разумни?) барања. Наводната граѓанска иницијатива, меѓу другото, бара уривање или затворање на мостовите, како и некакво „менување на законот за право на одбрана на приватна сопственост“ (веројатно тука мислат на одбрана на велосипедите, но не и на дуќаните кои гореа ни криви ни должни). Некои излегоа со појасно барање на загарантирано право на носење огнено оружје (кога веќе државата не ја бива), кое беше ехо на барањето на Зијадин Села испратено неколку дена порано. Конечно, Македонците и Албанците се сложија околу нешто…

Мнозинството остана збунето од шизофрената ситуација на овој чуден остров среде поплавен регион, на чиј брег се судираат брановите на добрина со оние на злото. Дали после сè, смееме да се наречеме (добри) луѓе? Во ваква атмосфера навистина стана речиси непристојно да се ангажираш во регионална хуманитарна акција, кога во сопствениот двор си неспособен за разум и емпатија, а си сведен на Македонец или Албанец. Како да се најде вистинската мерка помеѓу солидарноста и хуманоста со непознати и со несреќата на првите соседи која не е резултат на природна непогода? Станува збор за две сосема различни работи, кои никако не се исклучуваат. Лесно е да си Македонец/Албанец, потешко е да се биде човек наспроти императивот на етничката припадност. Разлика има и во „лекот“: многу е полесно еднократно да подариш продукти, а многу потешко е да живееш заедно, да негуваш култура на ненасилство и изградиш правна држава. На семејствата Зекири и Петковски не може да им помогне сета хуманитарна помош на светот. Ним како и нам ни треба функционална држава, која и ако ја нема треба да се гради, а не урива и она малку што го има од неа. Како што поплавите не ги направија сите настрадани – добри луѓе, така и нашата „непогода“ не нè прави сите лоши. Она што може да се стори дури и кога државата е некадарна, тоа е подавањето на раката на соседот и размислата за својата, ако не вина, тогаш одговорност за злото кое ни се случува. Ако нешто можеме да научиме од поплавите, тоа е силата на граѓанското самоорганизирање во функција на доброто, и тогаш кога политичарите се покажаа некадарни и корумпирани, и морално и финансиски. Радишанци можат да застанат во одбрана на соседите, а татковците да размислат дали ќе трчаат со синовите во лов на крадци. Јавноста може да се сети на презумпцијата на невиност, а новата влада да спречи Грчец да стане ново Арачиново.

Напишано за Нова Македонија