Шармирани од Путин?

Во пауза помеѓу две рунди меѓупартиски (или меѓуетнички) препукувања, главна тема станува ситуацијата во Украина. Се дебатира со иста жестина, ако не и поголема. Се добива впечаток дека внатрешните политички делби само се пресликуваат на поголемата надворешна слика. Симболичката битка помеѓу „добрите“ и „лошите“ момци е со иста сценографија и квази-аргументација. Јавната сцена е сè уште окупирана од политичарите, а медиумите и натаму за Украина известуваат само во информативните емисии, и тоа во оние „цели“ две минути посветени на вестите од светот, единствен простор на кој се дебатира е оној кој го овозможуваат социјалните мрежи. Наспроти општото уверување дека Македонците се аутисти, исклучиво свртени самите кон себе (и кон соседите), кога следите ваква дебата, имате поинаков впечаток. Таа се води со многу жар и емоции, и реторика својствена за Студената војна. На пример, некои велат дека Македонците паѓале на шармот на авторитарни фигури како Путин (а за тоа е доказ Груевски), па така ако случајно проговорите дека и руската верзија на настаните е легитимна во еден сложен внатрешен судир, не ви гине припадност во групата на „шармираните“. Ова е особено чудно, кога се знае дека најголемиот дел од општеството има мало или никакво искуство со тие геополитички констелации. Како анегдота раскажувам за една случка од испит по меѓународни односи, во кој студент на прва година, се обидува да се снајде, па на прашањето за периодот во кој се случила Студената војна, како од топ вели: во студениот период од годината. Всушност, и денешните млади дискутанти, иако пообразовани и поинформирани од ова младе момче од анегдотата, сепак знаат доволно малку за да ја прифатат мантрата за тоа дека и денес има ангели и демони, кои ете бијат битка околу Украина (а потоа и околу поделбата на светот). Како што обично и бива, најлесно е да се создаде крајно поедноставена претстава за настаните (таму далеку), да се грабнат пуканки и да се навива. Четврт век по (наводниот) крај на онаа Студена војна, очигледно порасна генерација која не само што верува во се што доаѓа од Западот, и автоматски отфрла со гадење се што доаѓа од Истокот. За оваа генерација, ентузијастична за демократизацијата, за вестернизацијата и модернизацијата (т.е. се што претставува некаков дел на западните вредности, односно се што е негација на Истокот), олицетворение на злото е Осама Бин Путин. Каква разлика од оние генерации кои растеа на работ на два света во колизија, кои беа воспитувани да не фаќаат (друга) страна, освен својата! Со тоа не сакам да кажам дека во „мое време“ немаше лаги и индоктринација; напротив, ние верувавме во една (трета) бајка – за тоа дека и Западот и Истокот се „лошите момци“, а дека ние сме единствените добри и праведни, во сојуз со остатокот на светот (неврзаните – т.е. мнозинството земји, можеби сиромашни и културно многу различни од нас, ама такви кои беа против блоковската поделба и нуклеарните закани). Во тие години беше толку нормално да се повикува и бара мир во светот, да се даваат ситни донации за несреќните деца во Бијафра или Палестина – дел од општата настава беше насочена кон градење на чувство на солидарност и емпатија со другите (т.е. третите). Сепак, и во такви услови, заводливата моќ на Западот (рок, фармерки и кока-кола) доминираше Истокот, којшто можевме да го сретнеме главно во Бугарија.

Младите, а и образованите, последниве месеци се ангажирани во социјална игра „Студена војна“ или најди го виновникот за Украина, а деновиве кулминираше со спротивставувањето на Денот на Европа на Денот на победата над фашизмот – на едната страна само цивилизациски вредности, а на другата само изневерени вредности бидејќи Путин е новиот Хитлер. Ги следите и помислувате дека западната приказна за вредности и правичност ја посисале со мајчиното млеко. Оваа игра ниту има правила, ниту победува аргументацијата – победува оној кој е погласен и поброен. Се разбира, и во оваа симболичка војна, како и во онаа вистинската, првата жртва е токму вистината. Никому и не му е до вистината, особено ако е незгодна или премногу сложена. Расправата се води врз база на парцијални „информации“: сè што доаѓа од западните медиуми се смета за точно, а она малку што воопшто доаѓа од не-западните медиуми се смета за чиста пропаганда. Тешко на она малцинство кое воопшто и ќе се осмели да каже дека во Украина нема невини, двете (или трите страни) се подготвени да се борат до последниот Украинец. Во Студената војна 2.0 нема битка на идеологии, бидејќи и Вашингтон, и Брисел и Москва се на иста страна – страната на капиталот и на воено-индустрискиот комплекс. Во заднината на оваа нова граѓанска војна лежат интереси, а не грижа за демократија, европеизација – или (на другата страна) малцински и јазички права. Фашисти (кога веќе милуваме овој збор да го употребуваме) има кај сите инволвирани страни, но според доминантното мислење (кај интелектуалната елита) полошо е кога се тие „православни фашисти“ – некако звучи пострашно (и брадато). Барем ние од просторите на поранешна Југославија треба да знаеме малку повеќе што се случува кога ќе почне спиралата на насилство, кога крвари едно општество, кога стравовите и „љубовта (само) кон ближниот свој“ го водат орото кон бездната, преку смртта на „туѓиот свој“. За жал, не сме научиле ама баш ништо: во врска со ужасното злосторство во Одеса од 2 мај, за мнозина беше поважно да „докажат“ дека жртвите самите си го барале, а сторителите биле само бранители на територијалниот интегритет т.е. легитимни безбедносни сили. Во жарот на оваа реторичка битка попусто е и да се каже дека злосторства врз цивили – без око да им трепне – вршат и оние кои се бранат (или ја бранат државната целокупност), а дека еден ден и тие ќе треба да одговараат пред некој трибунал. Со шарм или не, рацете на Путин никогаш нема да имаа толку крв како оние на Обама (ама овој има демократски шарм, во тоа е разликата). Ние остануваме неспособни за критичка анализа на пропагандната војна, додека луѓето кои гинат стануваат бројки, без идентитет. Владата нема став за овие настани, а и никој не ја прашува. Ние учествуваме како што доликува на сеирџии, без воопшто да не нè допре човечката трагедија. Ако кажеш дека ова не е геополитичка партија шах, туку нешто стварно, болно и крваво ти следува етикета. Не е ни чудно, за општество кое не научи што е емпатија и за своите жртви. Се верува дека и таму (како и ваму) мора да има и такви кои сигурно заслужуваат да умрат затоа што се со погрешна униформа или се на погрешна страна. Да, ние сме шармирани, ама не од Путин, туку од моќта и мирисот на барут и крв. Затоа сме слепци и кога гледаме кон изгрејсонце или зајдисонце!

Напишано за Нова Македонија