Четирите непослушни невести

„Бедо и срамото, Солза и сличните како неа! Добрата вест е што СДСМ има сила да ги преживее ’ваквите’, да не кажам што!“. Ова се зборовите на една бивша политичарка, сега попозната како доцентка и активистка за женски права. За разлика од неа (која остана без зборови од лутина или пристојност, не знам), познат уредник-колумнист кажа ’што’ – трите пратенички што не ја послушаа партиската директива за бојкот ги нарече невести. Се разбира, тоа се оние од народната песна што тикви брале (или се онадуеле, според една друга верзија на народниот поет), комплимент што сум го носела и јас, но и други жени, секогаш кога се во немилост и треба да бидат деградирани и да им се покаже вистинското место.

За волја на вистината, во репертоарот на најгласните критичари деновиве се споменуваат (потсмешливо) и „три дами“, но и клетви, пцости и други народни умотворби. Политичка мизогинија од прв степен, но женските организации се неми и незаинтересирани. Или, поточно, си останаа на линијата на доцентката од погоре… Можеби ќе ја прескокнев оваа тема да не настанеше интересен пресврт: од три, дамите-невести станаа четири! Квалитетот плус не е само во тоа што уште една жена демонстрираше непослушност кон партиското водство туку во тоа што четвртата пратеничка го проширува хоризонтот на она што се нарекува опозиција (СДСМ), бидејќи доаѓа од партијата на Руфи Османи. Покрај тоа, оваа жена покажа уште поголем степен на непослушност, доаѓајќи од албанска партија, каде што до скоро жените беа поставувани на пратеничките листи како декор и од нужност (почитување на законската квота од 30 проценти), а по завршувањето на изборите ним честопати им се вршеше притисок да се повлечат и да му отстапат место на маж. Во однос на оваа пратеничка, еден познат интелектуалец кажа дека сторила и поголем грев од нејзините колешки, бидејќи била никој и ништо, иако ја ставиле на третото место поради „рамковна-женска квота“.

Значи, жените се декор и во политиката и не се сметаат за zoon politikon. Жестината со која (најчесто жени-активистки) бараат санкционирање на непослушноста и обвинуваат за нелојалност е индикативна. Иако никогаш нема да го признаат тоа како свој мотив, сепак јавната порака е јасна токму поради чудното инсистирање на полот на оние што се дрзнале да отстапат од одлуката за непризнавање на изборите. „Невестиве“ се покажале непослушни и неверни, а за тоа се знае како се казнува – најстрого! (На пример, по сличното пребегување на Стевче Јакимовски на локалните избори, не се сеќавам некој да го нарече господин или домаќин.) Сите оние што молчеа кога „невестите“ беа позиционирани високо на пратеничките листи, сега ги деградираат од сите професионални или лични квалитети, па уште тврдат дека овие неблагодарнички би биле никој и ништо да не била партијата од нив да направи „луѓе“.

Обвинувањата за среброљубје т.е. за алчност за пратеничка плата се особено интересни во светлина на двојните аршини што се применуваат на Шекеринска, која иако доаѓа од навистина побогатиот слој на џетсетот, сепак од „револуционерни“ причини користи апанажа за да не му ја оставела на Груевски (!?). Втората работа, која „демокративе“ еднакво ја негираат, е инсистирањето на принципот на демократски централизам, по кој треба да се води внатрепартиската политика. За султанскиот принцип во владејачките партии не треба ни да се зборува: во старо-новата влада има само две министерки, а Ермира Мехмети беше единствената што ја искритикува својата партија за дискриминаторски однос кон жените (кои не се дури ни во партискиот совет на мудрите).

Затоа, нормално е очите да бидат свртени кон она што како алтернатива го нуди опозицијата. А таа или е закопана во бившиот систем по однос на внатрепартиската дисциплина, или е како гуска во магла (без никаква стратегија што по непризнавањето на изборите и без каква било левичарска идеологија како контратеза на конзервативците) или е „невеста“ што ѝ плаче на меѓународната заедница дека власта не ја третира како рамноправна. Вчудовидувачки е што видни професори тврдат дека дамите-невести требало да ѝ го вратат мандатот на партијата, иако го добиле од граѓаните. Им подвикнуваат дека ако биле кадарни, можеле да се кандидираат на независни листи. Тогаш, ако партијата имала кадри, зошто ги побарала нивните услуги? Проблемот е во тоа што најспособните опозиционери не се членови на партијата, залажувајќи ја јавноста со политичка мимикрија, изигрувајќи невладини активисти, независни интелектуалци и новинари. Понекогаш ќе се појават на („лада“ или) партиска листа (вклучувајќи ги и претседателските избори) кога се нафаќаат на невозможна мисија да бидат и жена и риба, а на крајот ниту едното од двете, бидејќи песната на сирената очигледно не е доволно атрактивна да ги заведе скитачките гласови на неопределените. Најважно од сè, одлуката да прифати кандидатура или да се седне во парламентот е индивидуална, а потоа пратениците имаат слободен мандат (т.е. слобода да дебатираат и да гласаат во согласност со своето убедување). Тоа што кај нас се на цена пратенички што јавно велат дека се горди послушнички на лидерот, тоа е дел на таа општоприфатена политичка култура. Непослушноста е ерес од најголем вид! Ниту сум гласала за четирите дами ниту се согласувам со нивните политички ставови, но го ценам нивното право да мислат со своја наместо со партиска глава, особено кога е евидентно дека партијата ниту знае ниту умее да се снајде во оваа ситуација. Политичкиот циркус е перпетуум мобиле и ќе биде забавно да се дочека крајот на преговорите меѓу Груевски и Заев. Особено ако опозициските пратеници сепак седнат во пратеничките столчиња… покрај четирите невести, како „попчиња“.

На крајот и за „рамковизацијата“ на јавната сфера. До скоро странците беа тие што тврдеа дека рамковниот договор е толку успешен што може да се извезува во други постконфликтни општества. Интересно, сега се соочуваме со внатрешен извоз или мултипликација – од родовите и меѓуетничките до внатремакедонските односи, а тука е и идејата за решавање на спорот за името по иста формула. Она што навистина лути и чуди е неспособноста на СДСМ да види дека странците се совршено среќни кога Груевски и Ахмети добро се согласуваат (за нив тоа е рамно на мир и стабилност, исто како и во 2004-та). Сегашното барање меѓународна гаранција за меѓупартиски договор не ѝ помага ниту на опозицијата да стане попопуларна ниту на државата, која треба да потоне во протекторат. Се поставува прашање дали ќе ја загубиме препораката за почеток на преговори (која и онака е гола вода без решение за името). Тоа е сосема небитно, бидејќи ние ни сега, како и порано, не го заслужуваме ни кандидатскиот статус, и тоа благодарение на една инфантилна политичка каста, поради која сите треба да се срамиме. Камо среќа да имаше повеќе непослушници, ама нема. Можеби тоа ќе беше прв сигнал за растење и созревање, во судир со лидерите и со авторитетите, каде и да се…

Напишано за Нова Македонија