Кога дома веќе не е дома

Во Порта Македонија за првпат влегов пред една седмица – со тешко срце и со чудна грижа на совест, како што прилега на некој кој бил/е жесток критичар на Скопје 2014. Поводот беше убав и до крајот се покажа како неверојатно инспиративен: еден од ретките преживеани тинк-тенкови, Центарот за истражување и креирање политики одбележа значаен јубилеј, 10 години од своето постоење. Во тек на неколку дена, наместо вообичаена протоколарна прослава, добивме неочекувана интелектуална гозба – на Скопскиот форум за првпат се чувствував како да не сум во Скопје! Не само поради учесниците, туку уште повеќе поради темите и начинот на кој се дискутираше, еден дел од Скопје во тек на неколку дена беше налик на европски интелектуален центар. Без стеги и политичка коректност се разговараше за теми кои далеку ги надминуваат оние за кои сме програмирани. Да бидеш во Скопје, а да се чувствуваш интелектуално исполнето, слободно и некако гордо – тоа е кусиот опис на настанот. Рамо до рамо со колегите од странство, ама и со брилијантни претставници на нашата млада научна елита созреана по странски универзитети, беше презентирано нешто со натпросечен квалитет, со научна аргументација и со елоквенција (на извонреден англиски). Штета што, и покрај големите напори на домаќините, публиката ја имаше во скромен број. Исчезнаа и оние неколкумина новинари кои се појавија на отворањето во Портата, а од дежурните аналитичари и „големи“ професори ни трага ни глас. Научени да се држат до своите граници, оние до Табановце (и во физичка и во метафоричка смисла), веројатно (ќе) се чувствуваа загрозено и нелагодно. Особено не ги разбирам новинарите: кога имаат информација дека во Скопје се наоѓаат извонредни гости од странство, зошто не побрзаа да побараат некое интервју? Ако ги слушаа излагањата можеби ќе научеа нешто… или ќе излезеа од зацртаниот хоризонт на апологија на капитализмот и на ЕУ. Да го цитирам бугарскиот колега Огнен Минчев – во ЕУ или надвор од неа, сите ние сме самогетоизирани!

Набргу по овој настан (за кој мислев дека ќе ми држи „маја“ барем извесно време) на сајтот на Дојче Веле (на српски/хрватски/босански прочитав (уште еден) текст од серијата колумни на патниците-намерници посветен на Скопје 2014. Насловот доволно говори – „Шизниленд“. Можеби поради контрастот, односно „треснувањето од земја“ по мигот на уверување дека и Скопје може да обезбеди интелектуална сатисфакција, текстот ме вознемири повеќе од обично. Од почеток до крај со (колективна) дијагноза за нас, лудите, дрогираните, забеганите… Досега требаше да отрпнеме од ова откривање на топла вода. Се чини дека интелектуалците, особено оние од бившите југословенски простори, чувствуваат некаква обврска по посетата на Скопје да напишат некаков антинационалистички текст во кој ќе се згрозуваат од она во што сме се претвориле (во времето додека кај нив се лееше крв до колена). Сите овие текстови си наликуваат како јајце на јајце, а единствената разлика е во живописноста на описот на објектите. Ниту еден од нив не оди подлабоко во анализа на контекстот, на причинско-последичните врски, ниту пак ги следи македонските прилики. Едноставно, доаѓаат, се „шокираат“, ќе спукаат по една колумна и се чувствуваат добро. Без контекстот, се разбира, ова наликува на резултат на колективно лудило или шизофренија. Но, мене никогаш не би ми паднало на памет да кажам дека Србите се геноциден народ или дека сите Хрвати се усташи. Тажната вистина за нашите самогетоизирани општества е дека сите се Шизнилендс (во множина), ама од нивна гледна точка нашиот Грујоленд изгледа како шлаг на торта на општата трагедија, па бидејќи е задоцнет феномен, настанат токму кога тие почнаа да забораваат на своите пошизувања, колежи и разурнувања, веројатнјо ширењето на антинационализам врз лудиот пример на Македонија им создава чувство на праведници. Она што посетителите не го знаат е дека во изминатиот период, барем дел од нас, минаа низ неколку фази: протест (без успех), одрекување/негирање/избегнување да се гледаат и посетуваат објектите, а сега постепено доаѓаме до соочување со стварноста, па и нејзино прифаќање. А стварноста не мирува, туку се надоградува како и програмата на ВМРО-ДПМНЕ: од материјална „култура“ власта преминува на „духовна“. Во Музејот со најдолго име, восочните фигури не се доволни да ја раскажат „приказната“ во вид на 3-Д сликовница: сега се прикажуваат специјални (хорор) филмови, со кои на посетителите (и особено младите) треба да им се вреже чип на самовиктимизација и лажно херојство. Во етерот, пак, одѕвонува музика по партиски вкус „Само дома си е дома“, за ќарување станче со правење три дечиња, и се така во духот на „семејните вредности“ (и семејнологијата која ќе ги изучува „научно“). Не е ова ништо ново: секоја идеологија, особено етнонационалистичка, има намера да навлезе во секоја пора од општественото живеење, па повремено и во спалната соба. И во „мое време“ се пееше „Рачунајте на нас“, ама текстот на таа песна барем носеше трошка сомнеж во иднината и навестуваше невреме. Кај новокомпонираниот хит награден со државни пари нема сомнеж: ова е рај на земјата! Без оглед што оваа наша дома не смее ни попис да направи за да не се соочи со празните соби. Сепак, не гледам причина за згрозување: колку повеќе ја наметнуваат идеологијата (особено во образованието и културата), толку повеќе ја покажуваат својата слабост и создаваат услови без грижа на совест да се фати уџум, пасошот в рака и вонка – бидејќи домот веќе не е дом, туку вештачка конструкција. Треба ли да го парафразираме Вапцаров (сега во обратна насока): оваа земја, простете, е туѓа?

А домот? Ни самата веќе не знам каде е, не ме прашувајте. Сè повеќе мислам дека сè отишло по ѓаволите – почнувајќи од Ирак кој до вчера го демократизиравме заедно со Американците… И тие луѓе одамна немаат дом, исто како и оние во бразилските предградија… Додека деновиве гледам фудбал, со тешка грижа на совет бидејќи вистинската (социјална) битка се води надвор од арените, свесна сум дека и тоа е бегство од домот. Најлесен начин еден месец да побегнеш од државна пропаганда и од здодевна и бледа опозициска дебата, од турски серии и од задолжителната и евтина македонска музика… Но, што ако живееме во Шизнисвет? Тогаш е сеедно каде се наоѓаш бидејќи, на еден или друг начин, се гушиш во материјална и духовна беда, отуѓен и од самиот себе и од тие кои те опкружуваат. Од друга страна, здравиот разум е пријатна лага, како што вели Сузан Сонтаг. Ако живееш во Шизниленд/Шизнисвет, на тебе останува да одлучиш дали ќе живееш во лага и превара, дали ќе прифатиш да бидеш „нормален“ во забеган свет или ќе посакаш да бидеш „девијантен“, работејќи на поинаков дом, оној на Рацин.

Напишано за Нова Македонија