Политички дезертери

Резултатите од изборите – нашите, се разбира – не ги коментирав, освен што за неколку странски медиуми прогнозирав дека ќе имаме more of the same, т.е. дека ќе остане политичкиот статус кво. И сега сум повеќе испровоцирана од резултатите за Европскиот парламент, можеби затоа што таму има повеќе од нешто друго, но одлучив да си останам дома и да не берам туѓи гајлиња. Моите европски пријатели прво беа во шок и очај поради политичкиот земјотрес кој го предизвикаа евроскептиците (што е благ назив за крајна десница), за да потоа набргу се утешат дека тоа сепак бил земјотрес со низок интензитет и дека немало значајно да се одрази на политиката на Парламентот и воопшто на ЕУ. Најиндикативна е оптимистичката изјава дека чашата е полупразна, односно дека европските граѓани и натаму во убедливо мнозинство им даваат доверба на умерените партии (без оглед што „умерениве“ се толку умерени што веќе си личат како јајце на јајце, па едвај и може да стане збор за левичари и конзервативци). Набргу бурата ќе се смири и сè ќе биде бизнис ес јужуал. Освен што националните лидери ќе ја зајакнат популистичката реторика за да им парираат подобро на растечките ривали од темнината. Не знам дали некому таму во интелектуалната сфера ќе му засветли алармот за незавршена домашна задача, особено ако се има во вид дека дваесетина години градат кариери на демократизирање на трети земји. Умниот Хабермас неодамна предупреди дека политичарите се однесуваат кон ЕУ како кон елитистички проект и дека е крајно време да им ја доближат на граѓаните. Јас ова го разбирам како нужност европските политики да почнат повеќе да се грижат за граѓаните, отколку за банките и корпорациите. Единствениот светол пример (кој, за жал, европските слепци ќе го сместат меѓу „евроскептиците“ поради радикално левата ориентација) е 91-годишниот антифашист Манолис Глезос, кој судбината повторно го соочува со злото сега во вид на нео-нацизам – и во неговата земја и во повеќе други држави, меѓу кои најзагрижувачка е Франција. Анализите покажуваат дека најголемата поддршка за Народниот фронт на Ле Пен дошла од младите и од работниците.

Во врска со дуплирањето на освоените места на „евроскептиците“ (контејнер во кој се ставени сите кои се залагаат за напуштање на ЕУ, еврозоната или се само критични кон ваквата ЕУ), мнозина го поставија прашањето: зошто луѓе со вакви политички убедувања воопшто учествуваат на европските избори и потоа седнуваат на удобното столче? Дали е тоа лицемерие, профитерство, немање вистински политички гард? Токму ова прашање наведува на правење паралела, односно споредба со нашите опозициски пратеници кои ги враќаат мандатите добиени од граѓаните. Колку и да е несоодветно да се споредуваат европски со национални избори (со евидентен демократски дефицит), кусиот одговор би бил дека евроскептиците, па и најжестоките противници на ЕУ, се разликуваат од нашите најголеми демократи токму по тоа што ги прифаќаат правилата на играта, а борбата за својата визија ја водат низ институциите. Тоа е прашање на политичка култура (колку и да звучи парадокасално зборот култура да се споменува во контекст на Ле Пен и барањето еболата да ја заврши валканата работа со несаканите емигранти). Точно е дека неонацистите во земјите на ЕУ имаа регуларни избори и ферплеј (дури и повеќе од тоа што можеме да го прифатиме, бидејќи ние паѓаме во „несвест“ од изјави на Груевски и Ахмети кои се мачкина кашлица во однос на тамошниот вокабулар). Точно е дека овде изборите беа „ефикасни“ и изостанаа квалификациите за фер и демократски.

Темни облаци (и буквално и метафорички) надвиснале над Македонија. Светол пример е тешко да се најде, но опозицискиот „дезертер“ Роза Топузова Каревска е блиску до таа квалификација. За секоја почит е нејзината одлука да не ја послуша партиската директива на оние кои се покажаа најголеми и колективни дезертери од политичката битка. Кога опозицијата влезе во изборен процес, таа знаеше дека пред себе има „режим“ како што милува да зборува за власта на Груевски и Ахмети (тогаш кога не ги обвинува за фашизам). Наместо на чело на колоната да застане лидерот заедно со првите луѓе во партијата, како што и доликува, тој одлучи да биде „позадинец“. Демек, се чувал за премиер! А партиските челници за министри… Тука некој лаже(ше), се разбира. Или мислеше дека таква финта може да мине кај јавноста… Политички информираната јавност добро знае дека секој политичар добива легитимитет поминувајќи го тестот кај електоратот, а таквата легитимација само може да му го олесни (идното) водење на владата или учество во неа. Војсководците останаа во заднина или само беа припомош на кандидатите, додека во првите редови исфрлија неискусни војници. Од аспект на модерното војување, она вистинското, точно е дека генералите седат во удобни и безбедни канцеларии, додека други гинат на бојно поле, но во демократската битка тоа не е така. Нашите опозиционери дезертираа и тоа нечесно: откако прво го наметнаа она понижувачко обележување на палците, откако водеа кампања и повикаа на масовна излезност, по што значителен дел од електоратот (вклучително и неопределените) им дадоа доверба, тие на крајот почнаа да се жалат дека немале фер услови за борба. А што очекуваа од „режим“? На крајот оние 33 пратеници кои добија мандат од граѓаните, најбезобразно им го вратија назад и оставија речиси 300.000 граѓани без политичко претставништво во наредниот период. Притоа, не поднесоа ниту еден приговор до ДИК за нерегуларности на изборниот процес, па така заедно со водата го исфрлија и бебето. Зарем тоа не е дезертирање, особено кога Заев вели дека сега ќе правеле „стратегија“ за вонпарламентарно дејствување? Од она што го навестуваат оттаму излегува дека воопшто немале план Б, пред да влезат во изборите, освен ако не очекувале да ги спаси американската коњица.

Опозициската елита (партиски и НВО активисти, новинари, интелектуалци – на чело со Ружин кој е последниот кој има морално право да зборува за нечија „слабост и непринципиелност“) ја напаѓа единствената пратеничка која постапи според својата совест, но и според принципите на претставничката демократија. Нејзината партија жали што статутот не дозволува исклучување од членство (а нема ни да може да ѝ одземе легитимен мандат како што тоа своевремено го направи казнувајќи ја Лиле Поповска за мислење со своја, а не со партиска глава). Се разбира, очите на јавноста ќе бидат свртени (и) кон Топузова Каревска. Таа ќе биде изложена на јавна контрола, додека нејзините сопартијци, и генерално опозицијата, откако капитулираше сонува за одење во партизани, од каде ќе ги гради институциите. Во „нивната“ (паралелна) Македонија ќе прават парламент и влада во сенка, а и со некои други изуми ќе ја „збогатуваат“ демократската пракса. Прочитав добар афоризам: „Власт, седни, единица! Опозиција – нула!“

Напишано за Нова Македонија