Семе(ј)нологија

Тоа што универзитетите станаа профитни здруженија не е новост: на секој чекор „тезга“, нови и нови студиски програми, се со желба да се биде атрактивен и популарен на пазарот, што носи финансиско преживување, ако не и бенефит. Повеќепати сум укажувала дека наместо дисперзирани студии и студии со „секси називи“ треба да настојуваме квантитетот да го направиме квалитет и градиме центри на извонредност. Попусто! Тоа не одговара на економската логика, исто како и принципиелната селекција на оние кои тргнале на патот да станат магистри или доктори на науки. Професорите не сакаат да се замераат никому, па по линија на помал отпор минува се. И овојпат, да не беа медиумите новите семејни студии ќе минеа без никаква дебата, како нешто најнормално. Во нивната „популаризација“ помогнаа некои професори-бранители – и се посрамија. За волја на вистината, имаше и такви кои останаа укажуваа, опоменуваа, па откако видоа дека нема друг начин, за да останат доследни на својот научен хабитус, – се повлекоа; на тој чин никој во академската заедница не му придаде значење! И таму завладеа „демократијата“, и надгласувањето. Кај толку програми, уште една не менува многу, кога ионака владее инфлација. Но, овде станува збор за две важни нешта за кои не смее да се молчи: универзитетот отворено станува инструмент за спроведување на индоктринација и тоа во интимната сфера на човекот! Таму кај што власта (владејачката партија) и црквата ќе погледнат со око, универзитетот реагира со скокот. Семејството е важен предмет, па и интересен научен предизвик за проучување, особено во светлина на драматичните промени кои настануваат последниве децении. Да беше тоа вистинската мотивација за воведување семејни студии, тие ќе заслужеа целосна поддршка. Од научни позиции ќе можеше да се разбијат (деконструираат) закоравените сфаќања за тоа што е семејство и кој го сочинува, какви се односите на членовите на семејството, каква автономија и заштита од арбитрерноста на власта заслужува тоа, итн. Најмногу од се, науката ќе можеше да ги анализира семејните вредности не како зададени и свети, со длабоки корени од „подзаборавената традиција на македонското семејство“, туку како резултат на една општествена структура, систем на општествени односи на моќ (и немоќ), како општествена клетка која ја моделираат властите согласно владејачката идеологија и нејзиниот неприкосновен морален кодекс. Науката можеше и требаше да биде авангарда во деконструкцијата на закоравените традиции во едно патријархално општество како нашето, токму почнувајќи од семејството како негова основна клетка. Но, кај нас станува збор за обратното и тоа сосема јасно ни беше соопштено од релевантни личности ангажирани во оваа програма. Уште минатата година продекан кажа дека сме добиле „препорака од Владата дека можеме и сме компетентни како факултет да воведеме семејни студии. Од друга страна, го имаме и проблемот со наталитетот, кој не може да се поправи од денес за утре, но поинаку ќе биде кога ќе имаме стручен кадар што ќе биде едуциран да се занимава со оваа област, стручно да анализира појави поврзани со семејството и со семејните вредности.“ Многу значајно е што истовремено во мирување се ставаат родовите студии, веројатно затоа што тоа исто министерство заклучило дека се еретички и некомпатибилни со семејните вредности какви што ги зацртала државата. Друг професор деновиве додаде дека причината за воведување на семејните студии лежи во вакуумот на моралните вредности, во сѐ поголемиот број разводи, а целта на студиите била враќање на значењето на семејството и на подзаборавените вредности – љубовта, односите меѓу сопружниците, односите на нивото родител-дете. Што може да се заклучи од ова, ако не дека универзитетот си ја презема улогата на сурогат-родител, учител или свештеник, кој ќе ги пополнува пропустите на останатите, па на универзитетско ниво ќе гради личности, кои знаат што е љубов брак и семејство? Сета елаборација на наставниците кои излегоа пред ТВ камери беше полна со патетика и зборови за „благородна идеја“, но најпоразителен е фактот што науката повторно отворено се подметнува и станува инструмент на конзервативната идеологија и алатка за спроведување на познатите (реакционерни) државни политики. Семејните студии, затоа, немаат никаква научна тежина, бидејќи се однапред осудени да бидат политика водена со други (академски) средства или поточно обична индоктринација. Уште повеќе, тие стануваат и сопатник на црквата која веќе ги осуди жените дека со својата еманципација и разводи ја упропастуваат нацијата, во време кога премиерот зборуваше „за таму некакви си женски права“. Притоа, за разводот и за хомосексуализмот се зборува во контекст на општествените девијации. На ваквата семејна љубов помеѓу државата, партијата, црквата и науката може да им позавиди и социјализмот (со тоа што социјализмот беше светлосни години понапред во однос на женската еманципација)! Тврди дека на многу (американски) универзитети се изучува семејството, но такви нема на на 100-те рангирани на врвот. Семејните студии се потпираат на популарните идеи за „семејството“ кои се извлекуваат од биологијата, историјата и моралноста. Тие се честопати разведени од идејата за индивидуализам и човечка еманципација. На семејството (како и на нацијата) се гледа како на природна клетка која треба да се сочува по секоја цена. Начинот на кој се оправдуваат овие студии е индикативен, бидејќи не се зборува за вештини кои би ги стекнале дипломираните „семејнолози“, туку за загрозеното семејство кое треба да се спасува. Се тргнува од зададен и неспорен сет на морални вредности, кои дипломирани кадри ќе ги зацврстуваат. Најинтересен ми се виде предметот „Исхраната во семејството“ (ме потсети на предметот Домаќинство од трето одделение). Олеснување е што студентите ќе го изучуваат семејството во антиката – замислете да беше семејството во Спарта! Имало аргументација дека дипломираните би можеле да работат како матичари, што само по себе зборува за конзервативна верзија на бракот (иако законот одамна ги изедначи класичниот брак и неформалното партнерство). Што се однесува до подобрувањето на демографската слика, нејасно е како би се решил проблемот. Има ли друг начин за раѓање деца (освен општопознатиот)? Или можеби дипломираните семејнолози се и семенолози. Кога универзитет е нем при сериозни девијации на демократијата и на (не)културата на човековите права во општеството, а без отпор дозволува Министерството за образование да му ги крои студиите (т.е. да одлучува кои ќе се стават во мирување, а кои можат да запишуваат студенти) тогаш нешто сериозно не е во ред со научната дејност, со слободата и со автономијата на универзитетот. Сега веќе можеме да се обложиме дека семејните студии нема да ја доживеат жалната судбина на родовите студии. А веќе дипломираните социолози, социјални работници, психолози – тие се вишок на пазарот на трудот! Не се доволно „секси“.

Да потсетам на Чеслав Милош: кетманот има способност да живее со сопствената контрадикција: зборува едно, а верува во друго, адаптирајќи се доброволно на секое ново (па и најглупаво) барање што доаѓа од „горе“. Но, тој/таа длабоко верува дека ги измамил/а тие што се на позиција на моќ, па негува самоперцепција за критички интелектуалец.

Напишано за Нова Македонија